Во недела ќе се одржи марш за женски права под мотото: Ти не си виновна!

Во недела (8 март), во Скопје, десетина здруженија на граѓани заеднички организираат марш под мотото „Ти не си виновна!“. Во духот на интернационалниот ден на борбата за женски права маршот ќе го сврти вниманието кон состојбата на жените во нашето општество.
Жената во патријахалните општества, какво што е и нашето, неизбежно се наоѓа во угнетена положба во однос на мажот. Тоа кај нас јасно го покажуваат бројните случаи на родово базирано насилство, сѐ присутната дискриминација, пред сѐ економската дискриминација, јазот во платите, дискриминативната легислатива, слабата политичка застапеност, но и доминантните културни обрасци .

Заложбата на овој марш, како што е наведено во повикот, е да се осветлат „општествените појави и системски недостатоци кои го загрзоуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни“ членови на заедницата.

Помеѓу другото, маршот става посебен акцент врз неодамнешното насилство што опфати поголем број на жени во случајот наречен „Јавна соба“. Овој случај не само што дирекно го повреди правото на приватност на многу граѓани, туку предизвика и бран на родова омраза кон жените. Омразата беше засилена и од некои медиумски интерпретации и коментари по социјалните медиуми околу истиот случај.

Маршот ќе започне во 12 часот од плоштадот Филип Втори , преку Камениот Мост, Плоштад Македонија до Паркот Жена Борец, каде што ќе го заврши со перформанс за поддршка на жртвите.

|2020-03-03T17:28:14+00:003 март 2020|Актуелно, Вести, Кампања|