Та не се саде ВМРО и СДСМ исти, та не се саде тука

Со настанокот на крупната индустрија и светскиот пазар, буржоазијата си извојува исклучително политичко господарство во модерната претставничка држава. Модерната државна власт е само одбор што управува со заедничките деловни работи на целата буржоаска класа. (Карл Маркс/Фридрих Енгелс Комунистички манифест, 1848г.)

  1. СДСМ – ДПМНЕ како системска последица 

Модерната претставничка демократија и изборните модели фаворизираат двопартиски систем во кој клучна улога играат две партии и нивните флексибилни коалиции.  За земјите од Центарот и периферијата на капитализмот, актуелна е констатацијата на Харолд Хаски (иако искажана за конкретен временски период во Англија) дека со државата „управува една голема партија чии две крила повремено се сменуваат на власт“. Во Р. Македонија, Харолд Хаски би имал проблеми со дефиницијата, поради „англиската кралица“ ДУИ. Но општествено-економската основа на неговата дефиниција останува недопрена.

Изборните програми кои ги подготвуваат партиите се одраз на практичност и еластичност. Големите партии со нејасна идеологија, веќе немаат еманципаторска улога, туку само анкетарска, односно – дај му го на народот она што го бара. А за да не биде тоа што го бара шокантно за владејачката класа, народот претходно, низ разните алатки за секодјевна пропаганда, се става во различни табори кои не се препознаваат себе си како една класа, спротивна на владејачката.

Имено, ВМРО ДПМНЕ до скоро (до последниот обид за решавање на т.н. спор за името) важеа за чувари на “македонската кауза“. ДУИ беше напаѓач, а сега се’ уште е чувар за „албанската кауза“. СДСМ, додека спроведува „НАТО кауза“,  се тетерави меѓу обиди за либерална партија и фасада на социјалдемократија.

  1. Што се ВМРО и СДСМ

Поедноставено до крајна мера… тоа се Републиканската и Демократската партија во САД за сиромашните во Македонија. Две опортунистички крила, со луѓе во костими, тренирани и во служба на еден центар. 

Разликите меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се формални, како во називот, така во декларативно заземениот лев или десен дискурус. Нивните разлики се истакнуваат за изборни потреби (на Запад со програми со мали остварливи реформски остарувања и попуштања се анимираат граѓаните, а во земјите во транзиција со големи празни ветувања се регрутира гласачкото тело). Во суштина се работи за една политика која го одржува и репродуцира постоечкиот општествено-економски систем и која токму како да произлегува од еден „одбор“, па затоа, без некои позначајни отстапки, е подеднаква во сите земји на развиениот запад и земјите во транзиција.

За земјите од Источна Европа, „ветриштата на промените“ донесоа повеќепартиски систем. За тукашно постоење на „одбор“ може да потврди идентичната политика на земјите во транзиција преку приватизација и распродажба на националната индустрија и богатства, дерегулација и уништување на заштитничките бедеми за домашната економија, расшрафување на изградената социјална држава. „Одборот“ на неолиберални политичари и новопечени богаташи очигледно е дека води внатрешна (и тоа жестока, неретко и крвава) битка за запоседнување на владејачките државни позиции. Пржино 1, 2, 3…, беа само помирителни преговори меѓу домашните кланови. Често таа борба поприма и глобални геополитички играрии, во судирот меѓу воените блокови, но која и марионета да ја запоседне власта, социо-економската политика повторно е во служба на олигархијата.

  1. Обични чиновници

Ширењето слобода и демократија подразбира парламентарен систем. Парламентарниот систем познава плурализам. Сепак капиталот е извор на напредокот велат. Тој мора да се чува. За тоа има „одбор“, одбор што управува со заедничките деловни работи на транснационалната буржоаска класа која раководи со глобалното одлучување. Тоа е неолибералното крило на глобализацијата. Политиката на Меѓународниот монетарен фонд, Светската трговска организација, Светската банка ја креираат економисти, менаџери, банкари во интерес на транснационалните корпорации, а преку програми за структурни прилагодувања на земјите во транзиција и земјите од третиот свет. Политиката за еден пазар, заедничка царинска зона на Европската Унија е креирана од европската бирократија на супранационалното тело (Еврпската комисија) и министрите за надворешни работи на меѓувладиниот Европски совет (регрутирани од: државните власти на западните земји и нивните локални извршители во новите членки. Едните протежираат, другите спроведуваат неолиберлни политики. Додека народите на Балканот се караат, бизнисот си врви.

Сите во НАТО и ЕУ, за безбедност, напредок и заборав на минатото. Толку години се реформираме за да ги задоволиме нивните „принципи“ и критериуми. Приватизацијата продолжи таму каде што застана, надворешниот долг расте ли расте.  Корпоративниот данок останува зацементиран – рамен и најнизок во Европа.
Чиновниците добро си ја вршат работата. За тоа добиваат и пофалби од Центарот за „видливиот напредок“ и „посветеност на реформите“.

СДСМ ДПМНЕ ќе продолжи со реформите. Одлучно, до самиот амбис!

Автор: Зоран Василески, правник и член на Президиумот на Левица.

|2018-04-23T13:07:20+00:0023 април 2018|Актуелно, Став|