Штучани се решени да го сопрат рудникот на смртта Иловица – Штука

СТРУМИЦА/ШТУКА, 11.09.2018 – Здружението „Здрава Котлина“ од Струмица денес објави соопштение до јавноста со кое информира за средбата со жителите на селото Штука, коешто се наоѓа веднаш до Иловица, местото на кое му се заканува рудник на смртта. Тие нагласуваат дека се задоволни од собирот, и оти жителите уште еднаш потврдија дека се решени во борбата против отворање на рудник во Иловица.

„Собирот во недела со жителите на Штука само уште еднаш потврди дека ја имаме целосната поддршка од жителите во нашата борба против рудникот на смртта. И не само тоа, целокупната атмосфера на собирот ја покажа решеноста луѓето да ни’ се придружат во нашите активности, кои во најскоро време треба еднаш засекогаш да ја елиминираат опасноста по животот што им се надвиснува на главите на жителите на ова прекрасно село и воопшто на целата Струмичка Котлина“, се вели во соопштението.

Нагласуваат дека присуството на жителите било многу поголем од минатата година кога траеја активностите за Референдумот.

„Нашата интеракција со народот е искрена, директна и со отворени карти и нема калкулации. Побаравме од Штучани, кога ќе дојде време, да го прифатат нашиот повик и заедно, со другите села, да му го зададеме последниот удар на рудникот на смртта“, велат од Здрава Котлина.

Тие исто така додаваат дека од Владата на Република Македонија е побарано да ја оствари својата основна функција, односно да ги заштити интересите на жителите и како што велат, да ја спречи компанијата Еуромакс Рисорсис во дестабилизирањето на цел регион. Посочуваат оти бескрупулозните интереси и заднина на оваа компанија премногу долго го вознемируваат Југоистокот на нашата држава.

„Лагите на Еуромакс дека народот ги прифаќал, наскоро ќе бидат целосно демантирани и разобличени токму од тој ист народ. Ние сме во постојан контакт со него и наскоро ќе имаме собири и во други села. РУДНИК НЕМА ДА ИМА!“, се нагласува во соопштението.

 

| 2018-10-04T08:22:19+00:00 11 септември 2018|Актуелно, Вести|