Што требаше да се посети, види и научи на „Skopje Pride Weekend“

Последните два викенди по ред, поточно од 7ми до 9ти и од 14ти до 15ти јуни, 2019 година по седми пат се одржа фестивалот на квир уметност „Skopje Pride Weekend“ („Викенд на гордоста“), насловен оваа година како „Glittering Wounds“, („Светкави рани“). На фестивалот настапија: Ron Athhey, David M. Halperin, Boychild, Del LaGrace Volcano, Racheal Young Artist, marikiscrycrycry, PANSY, Alexander Cameltoe, Luna TIkTok, House of KayGie, Haus of Fauchè, Ивана Драгшиќ, ПичПрич. Куратор на фестивалот беше Славчо Димитров, а организиран од „Коалиција Маргини“ и „ЛГБТИ Центар за поддршка – Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија“.

Целта на фестивалот, како што беше најавено, беше претставување на идејата за создавање на простор и промоција на ненормативни форми на светоградење, односно релациите, афектите, идентитетските позиции и сензибилитети што во рамките на ова општество се означени како настрани, изопачени, неуспешни и патолошки. Уредниците на фестивалот најавија дека сакаат да ги истражат и да ги проблематизираат хегемонските политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен субјект и нивната корелација и зависност од нормативните рамки на родот, сексуалноста, класата и неолиберализмот. Целта, пак е да се претстават различните нехегемонски светогледи и историските и лични искуства на настраните и жените.

Фестивалот беше отворен со делото „Acephalous Monster“ („Акефално чудовиште“ на Ron Athey (Рон Ејти). Рон Ејти, пак е култна личност, чии што почетоци во 1980-тите се во склоп на алтернативната музичка сцена во Лос Анџелес во дуото „Christian Death“, а на почетокот на 1990-тите во периодот на големата епидемија на ХИВ почнува да се занимава со перформансот во склоп на звучни и значајни културни установи како на пример Институтот за современа уметност во Лондон. Делата на Рон Ејти ги надминаа круговите на уметноста и отворија полемика и на философски теми кои што до тогаш можеби и не беа отворени во одредени делови од Западното општество.

„Акефално чудовиште“ е соло перформанс на Ејти, пропратен со читање, предавање, текст, звук и проекции. Инспирирано е од Акефал, обезглавеното чудовиште од истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот, а претставува моќен симбол за радикални трансформации. Истото дело предизвика одредени реакции и кај јавноста во Северна Македонија. Тоа е за пофалба. Сепак, во нашето општество се третираат одредени теми кои без оглед на сè предизвикуваат расправа.

Рон Ејти како уметник и Славчо Димитров како куратор недвосмислено се потрудија да отворат повеќезначни прашања и теми кои сериозно се спротивставуваат на поредокот и на главнотековниот светоглед, начин на размислување и изразување во ова општество. Тие теми би било уште подобро да се разглобат, дообјаснат и појаснат и низ јазикот на критичарите на уметноста, кои би требало да се првоповикани кога се работи и твори на широкото поле на уметноста, а подоцна и од философите, теоретичарите и академиците кои имаа или немаа можност да го проследат перформансот на Ејти, но особено кога во рамки на уметничкото се преиспитува постоечкото, а кога тоа се обидува да ги преиспита позициите на моќта на таткото во патријархатот, моќта на корпорацијата во неолибералниот поредок и угнетеноста на настраните и жените денес во ова општество.

Уредниците на фестивалот пак покажаа дека можат квалитетно да водат расправа за духовното и материјалното преку уметноста и критиката. Философските, естетските, теолошките и политичките расправи за преиспитување на постојното мора да се одвиваат низ призмата на секуларните институции затоа што само така ќе допрат до сите и само така ќе може да се обезбеди еднаквост на нееднаквите.

Вториот ден на фестивалот беше проследен со промоцијата на книгата „Како е да се биде геј“ на Дејвид М. Халперин. Книгата што на македонски ја преведе Огнен Чемерски, ретко извонреден преведувач на македонски јазик, постхумно беше издадена од издавачката куќа „Темплум“.

Дејвид Халперин е редовен професор на Универзитетот на Мичиген во Ен Арбор, а докторирал на Универзитетот Стенфорд. Тој е теоретичар и критичар на полето на родови и квир студии, критичка теорија и материјална култура. Позади себе има повеќе дела, а меѓу најпознатите се „100 години хомосексуалност“, „Што сакаат геј-мажите?“ и онаа која што ја промовираше на фестивалот „Како е да се биде геј“.

Во оваа негова книга како што и тој на самата промоција кажа е раскажано и неговото лично искуство во врска со проблемите што се појавиле кога на јавниот универзитет во Мичиген, каде што тој е професор, сакал да го вметне предметот „Како е да се биде геј I“. Лично раскажува како течеле сите препирки помеѓу конзервативците и универзитетската управа и сите јавни дискусии и расправи кои произлегле од загриженоста на десноориентираните граѓани за тоа дали може на јавен универзитет да се промовира хомосексуалноста, односно дали може да се предава за неа. Тој со смирен глас пренесе дел од неговите лични искуства.

Оваа книга би требало да биде сфатена на ниво на читанка за сите оние кои размислуваат поразлично од она што генерално се размислува за сексуалноста и родот, а особено за припадниците на ЛГБТИ заедницата, поточно геј-мажите. Можеби оваа книга ќе инспирира многу млади квир теоретичари во нашето општество да отворат дебата за изучување на сексуалноста на академија, да се отворат нови видици кон одмолчената историја за избрканите и настраните. Најверојатно, многумина ќе учат и од дилемите на Дејвид, па ќе се борат да се докажуваат на полето на критичката теорија и кај нас.

Во контекстот тука, книгата има двојно значење, од една страна нејзината важност на полето на квир теоријата, а од друга страна нејзината значајност за збогатувањето на речникот на македонскиот јазик. Стручните поими што се преведени несомнено ќе го збогатат светогледот на тие кои говорат македонски, а особено на оние кои пишуваат. Сигурно ќе се поттикнат млади македонски автори да испишат некои страници за досега нераскажаните квир приказни тука.

Вечерта настап во „Кино Култура“ имаа Boychild со „Танц на раце без наслов“ (анг. „Untitled Hand Dance“) и „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“ со перформансот „It could be something very minimal“ (мак. „Можеби се работи за нешто минимално“). Куратор на втората изведба беше Билјана Тануровска Ќулафковски.

Двете изведби одлично се вклопија во идејата на фестивалот да погледне кон историјата на хомосексуалноста, а таа историја е историја на прогон, солзи, плач, крв и за жал понекогаш и одземен живот. Движењата на телата и нивните модулации за некого прикажаа секојдневие на движењето на телата на „настраните“ во просторот што треба да биде заеднички. Во дел од изведбите на младите уметници кои се претставија на фестивалот можеа да се видат притисокот и теретот што ги носат геј луѓето.

Замислата да се даде еден простор каде што ќе може да се види различна култура од доминантната беше остварена во текот на одржувањето на фестивалот. Многумина млади геј луѓе сигурно се почувствуваа добро да видат теми кои ретко се покриени во општеството, но и да добијат можност низ културата да се запознаат со нивните истомисленици, а исто така важно и со оние кои можат да ги привлечат, за младите мажи тоа се мажите, а за жените – лезбејките. Можеби најважната порака која што беше оставена е таа дека секое тело треба да го заземе просторот што му е неопходен за да живее и плаче, но и светло да се смее насекаде каде што има желба и/или потреба да се движи.

Во склоп беше и изложбата на фотографии на Del LaGrace Volcano насловена како „Love, Lust & Legacy: 40 Years of Queer Service to the Cause“. Изложбата беше претставена на екран, што можеби не е сосема најпрактично за подоцнежно гледање или препрочитување, но поважно е дека можеа да се видат тела на млади родово, сексуално небинарни млади луѓе кои ги изнеле своите тела за фотографирање со цел да се подигне свеста за разноликоста на заедницата, па и потесно разноликоста на ЛГБТИ заедницата.

Во разговорот со Рон Ејти и Del LaGrace Volcano кој што беше одржан во Музејот на современата уметност ден – два по перформаност на Ејти исклучително добар впечаток остави Del LaGrace Volcano кој не ги изостави темите за еднаквоста на ЛГБТИ заедницата на економски план, за различностите помеѓу класите. Тој на момент кажа дека е социјалист, па потоа дополни дека геј луѓето не се исклучени од капитализмот и дека сепак борбата за живот покрај сексуалноста нужно покренува и други прашања, социјални и економски прашања кои впрочем сигурно ги мачат речиси сите посетители на фестивалот, а особено голем дел од припадниците на ЛГБТИ заедницата.

(Објаснување: Del LaGrace Volcano родово се изразува како квир затоа и во овој текст се користи заменката за човек.)

Во МКЦ настапија Rachael Young Artist и marikiscrycrycry со „OUT“ кои се обидоа, најверојатно и успеаа да ни претстават едно друго играње и танцување, некој танц кој ни ја претсавува другоста, нешто за кое што тука поради предиспозцијата на слобода на говорот можеби не сме можеле да го здогледаме или, пак сеуште не сме го пронашле. Нивниот танц беше можеби она поразличното, а не може да се одреди најразличното, кое што овој фестивал го донесе тука.

Фестивалот заврши со настап на 14 drag queens (дрег кралици) од Берлин, Белград и Скопје. Прв пат во ноќен клуб во Скопје овој фестивал ја презеде задачата да се објасни што е терминот drag queen, а дека тоа е термин со кој се означува некој човек кој сака да се облекува како жена заради сценска забава. Дрег кралица може да биде и маж и жена и секој оној кој сака да настапува пред публиката.

Уште поважно, на посетителите им беше јасно прикажано како се изведува tucking (нема македонски израз). Маестралната PANSY ни прикажа како маж кој сака да стане дрег кралица може да ги собере своите тестиси во скротумот и да го залепи својот пенис со креп трака на својот задник за да изгледа уште повеќе како жена. Можеби само тогаш, во тие кратки минути, стрејт мажите можеа да видат како се станува дрег, а тоа е дека зад насмеаното лице на кралиците има и голема мака, сечија различна.

Оваа вечер беше изведена и прекрасната „Со маки сум се родила“ од страна на Пластика – млада дрег кралица од Скопје, која на досетлив начин прикажа дека ЛГБТИ заедницата е тука присутна и дека постои сосема различна, но многу важна естетика која корелира со фоклорот од овие простори. Таа песна изведена од ноќна кралица дебитантка е впрочем една ода на тешкиот живот затворен во кутија на дел од ЛГБТИ заедницата тука во оваа држава.

Колективот Haus of Fauchè достоинствено ни покажа дека македонската дрег сцена е созреана да се носи со нашите соседи и пријатели од квир заедниците во другите подалечни држави. Нивните настапи и реакциите од публиката само покажаа дека скопската публика сака да ги гледа почесто и во уште подобри изданија. Општеството треба да им овозможи на овие млади лица да имаат свое културно катче во градот, да можат да развијат култура која ќе и опонира на сè она што ќе се обиде да дисциплинира.

Овие почетоци на дрег културата сигурно ќе ги поместат границите на изразување преку облекување, па во иднина ќе може на скопските улици да се сретнат и луѓе кои не се облекуваат во родово бинарните веќе предодредени начини на облекување. Дрег кралиците со сигурност ги разбрале сите пораки на фестивалот. Впрочем, точно и затоа се одлични. Низ нивната игра и танц се чувствува емпатија, смеа и шега. Заземајќи го просторот околу тебе ти даваат простор да сонуваш.

Од она што сведочевме можеме да кажеме дека квир културата полека, но сигурно се развива и во овој тмурен град. Се надеваме дека квир културата ќе продолжи да се развива секојдневно. Може, на некој начин, да се каже дека овој фестивал ги надмина своите очекувања, покрена повеќезначни теми во јавноста, спореше со капиталот, со одредени десничари и со јавноста. До година можеби ќе има македонски квир теоретичар кој ќе спори со патријархалното општество, универзитетот и заинтересираните граѓани, можеби ќе ги имаме и првите студенти со запишан предмет за хомосексуалноста, можеби ноќните кралици од Скопје ќе добијат дрег театар, а сите ќе можат слободно да се прошетаат, да танцуваат и да бараат се она што им треба во едно вакво општество.

Во екот на месецот на ЛГБТИ заедницата, Skopje Pride Weekend ги постави основите и насоките на она што треба да означува квир, како и каде да се развива тоа движење тука, како да се аргументира, но и како да се отчитуваат пораките кои се испраќаат или стигаат. Што е уште поважно, фестивалот се обиде да ги побие наративите, а најверојатно обидот беше и да се постават основите на квир движењето тука во овој контекст, да се посочи во која насока треба да се артикулираат идеите и визиите на оние кои што борбата ќе ја пренесат на улиците и во институциите.

Автор на текстот: Н. Р.

Авторки на фотографиите: Соња Ставрова и Лени вон Гелева