Старите сеништа повторно влеваат страв во Југоистокот

На обележаниот дел со црвено може да се види во кои оштини се планира да се градат рудници, доколку граѓаните не кажат „НЕ“.

Одлуката на Уставниот суд да ги поништи референдумите во Босилово и Ново село (Струмичко) и активностите на Еуромакс Рисорсис во Струмица, повторно го исполнуваат југоистиочниот дел на Македонија со анксиозност, несигурност и фрустрации.

Последните одлуки на Уставниот суд за поништувањето на референдумите како нелегални, за жал стана честа пракса. Прв на удар во мај годинава беше референдумот во Валандово, па потоа во Службен весник на Република Македонија од 26.06.2018 беше објавена одлуката на Уставниот суд да го поништи референдумот во Дојран и последно на 3-ти јули годинава Уставниот суд повторно се јави со поништување на референдумите во Босилово и Ново Село.

Аргументацијата на Уставниот суд за поништување на локалните референдуми каде што можевме да забележиме практикување на толку спомнуваната демократија,  е дека овие прашања имаат државна важност, а не локална, така што државните органи треба да одлучат за нив. Според нив, независно од фактот што рудата се наоѓа на земјиште што се наоѓа на територијата на локалната самоуправа, истата е во сопственост на државата. Токму поради тоа што овие минерални суровини може да имаат витално стратегиско значење за прогресот на македонското стопанство, за нивната судбина треба да одлучува централното ниво, т.е. органите на државната власт. Затоа локалното население може да одлучува за работи кои имаат локален карактер, а не национален.

Во меѓувреме, концесионерот за рудникот „Иловица-Штука“ Еуромакс Рисорсис продолжува со своите активности, иако жителите на овој регион од самиот почеток го искажувале своето незадоволство од потенцијалното отворање на овој т.н. „рудник на смртта“.

Тие, на 4-ти јули 2018 година, во просториите на Домот на Културата во Ново Село се обидоа да  одржат претходно ненајавена презентација на “новата технологија” на рудникот „Иловица“. Сосема очекувано, средбата не помина во најдобар ред, затоа што после неколку инциденти и неодговорени прашања – сите присутни демонстративно ја напуштија „презентацијата“, и овој настан пропаднал.

А пред три дена, на 7-ми јули истата компанија донираше приклучна машина за трактор која се употребува за мелење гранки на ЈП „Комуна“ од општина Ново Село.

Ваквите гестови и настани имаат очигледна функција – позитивно моделирање на нивниот јавен имиџ, се’ со цел да има континуирано и градациско прифаќање на Еуромакс од страна на жителите во Струмичката котлина.

Овие игри што се случуваат последниот период се разбира дека не се без политичка и економска логика. Очигледно е дека странскиот капитал синергизиран со македонските олигарси и политичари прават прикриен притисок врз институциите за да се отворат овие рудници ,за да може да профитираат грст луѓе. Но, она што не смее да се потцени е спремностa на народот од Југоистокот да превземе се’ што e потребно во борбата за правото на живот и здрава животна средина.