Србија: Премиерката Брнабиќ на чело на парадата на гордоста

На 17 септември во Белград се одржа парадата на гордоста. Ова е прв пат на овој настан да присуствува државниот врв, на чело со премиерката Ана Брнабиќ. Таа изјави дека ова е јасен знак дека Србија решила да оди по патот на почитувањето на човековите права и слободи:

– Ова беше тешко да се замисли пред неколку години и, како што е сега сосема нормално, така и за некое време ќе биде нормално да се зборува за теми за кои денес не сме подготвени. Зашто, како што гледате, границите на освојувањето на слободата се движат, и во последниве години како општество направме големи чекори. Верувам во ова општество и во волјата на нашите граѓани да ги заштитат своите, а со тоа и правата на другите,“ рече Брнабиќ.

Премиерката Брнабиќ во изјава за „Политика“ нагласи дека последните неколку години Србија направила големи чекори за подобрување на положбата на ЛГБТИ лицата:

„Ова е важна порака дека сите ние сме рамноправни и дека дискриминацијата, насилството и непочитувањето на човековите права не се дел од ова општество, што покажа моќ да се менува и учи, да ги прифаќа различните и да го споделува животот со нив во пошироката заедница,“ рече Брнабиќ.

Запрашана дали српската влада ќе ги разгледа политичките барања на овогодинешната парада на гордоста – усвојување на законот за родов идентитет, усвојување на законот за регистрирани партнерства и усвојување на законот за насилство од врсници, Брнабиќ рече дека овие прашања веќе се отворени во дијалог со организациите на граѓанското општество, со кои се среќавала уште за времето кога била министерка.

„Нашата рамка на дејствување е, секако, меѓународно право во оваа област, меѓутоа треба да се рече дека не постои единствена позиција или политика меѓу земјите-членки на ЕУ за овие прашања,“ истакна Брнабиќ.

Ана Брнабиќ е првото отворено геј-лице на толку висока позиција како што е премиерската.

|2017-09-19T10:33:33+00:0019 септември 2017|Актуелно, Вести, Свет|