Состанок помеѓу владата, Еуромакс Рисорсис и еко – активистите во Струмица, активистите одлучни: „рудник нема да има!“

Јужните падини на Огражден кон с. Иловица

СТРУМИЦА, 20.07.2018 – Денес во Домот на АРМ во Струмица премиерот и ресорните министри со претставници на Еуромакс Ресурсис ќе одржат консултативен состанок со еколошкото движење Здрава Котлина во врска со рудникот Иловица – Штука. На овој состанок ќе учествуваат и претставници на струмичките локални самоуправи.

Со вонредно соопштение синоќа доцна се јавија активистите од здружението Здрава Котлина. Тие велат дека за овој состанок биле информирани пред неколку дена и оти на овој состанок ќе учествуваат со веќе познатите позиции, односно дека рудник не прифаќаат по ниту една цена, поради тоа што евентуален рудник ќе предизвика еко-геноцид во струмичката котлина.

„Во принцип е добро што владата сака да ги чуе еко-активистите во директно соочување со концесионерот Еуромакс Рисорсис, да се надеваме дека намерата е искрена. Нашите позиции се многу јасни и недвосмислени – ние рудник не прифаќаме по ниедна цена, колку и да се труди Еуромакс со манипулации и невистини да ја замајува јавноста, па и самата влада, дека рудникот ќе бил целосно безбеден. Не само што нема да е безбеден, туку претставува моментално најголема еко-биолошка опасност во Југоисточна Европа“, вели еден од поборниците против рудници, Крум Велков.

Според него, владата и компанијата Еуромакс Рисорсис имаат за цел да ги убедуваат еко активистите и населението дека нема да има лоши последици од рудниците. Оваа компанија посегнува по секакви пропаганди и ПР стратегии за да го убеди народот овој „рудник на смртта“ да работи.

„Инаку, има шпекулации дека овој „консултативен состанок“ се организира за да не убедат нас, еко-активисти, дека се’ ќе било безбедно во врска со рудникот. Ние сме „проблемот“. Тоа го ставам и во контекст на неодамнешните неуставни одлуки на Уставниот суд за поништување на локалните референдуми на Југоистокот против рудниците. Нема да успеат, бидејќи ние располагаме со доволно застрашувачки факти за последиците од тој рудник на смртта, кои не ставаат во ситуација да немаме избор, односно да се бориме до крај. Ако мислат на некој начин да го скршат или корумпираат отпорот, порачуваме дека нема да успеат, бидејќи тој омасовува со нови луѓе, кои се приклучуваат кон нашата борба“, нагласи Велков.

Од Здрава Котлина упатуваат повик до сите активисти, поддржувачи, како и граѓаните од Струмица и струмичко да бидат присутни во паркот пред Домот на АРМ во 19:00 часот, во знак на поддршка на борбата и како предупредување дека граѓаните не го прифаќаат рудникот на смртта Иловица-Штука.

Нивниот конечен апел е дека рудник во Иловица нема да има!

|2018-07-20T09:26:58+00:0020 јули 2018|Актуелно, Вести|