Социјалниот центар „Дуња“ го слави својот прв роденден

СКОПЈЕ, 06.10.2017 – Денес социјалниот центар „Дуња“ го слави првиот роденден. Своето име го доби по единствената жена партизанка од првиот скопски партизански одред од 1941, а делува како дом за секого кој има идеја, којашто ќе помогне во развивањето на солидарноста, еднаквоста и прогресивноста во општеството.

Социјалниот центар „Дуња“ е формиран во јули 2016 година како неформален колектив на иницијатива на левичарското движење „Солидарност“ и младинската организација „Мугра“. Подоцна заедно со Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ) започнуваат да делат заеднички простор, кадешто се одвиваат голем број на активности и настани од социјален карактер. Просторот, односно куќата кадешто е сместен центарот претставува отворен простор, чијашто цел е да се споделуваат политички идеи со заедницата.

Центарот брои околу дваесетина членови, од кои дел се постојано активни и работат на организирање на настани како што се проекции на филмови со дискусии, дебати иницирани од различни организации, неформални забави со музички настапи и слични настани.

Никола Штериов е еден од основачите и член на социјалниот центар со кого што поразговаравме и којшто ни’ даде повеќе информации за активностите на овој центар. Покрај настаните со социјален карактер и делењето на просторот со различни организации, коишто организираат свои настани овде, тој нагласи дека, една од најважните активности на центарот досега е згрижувањето на бездомници во текот на минатата студена зима.

„Исклучиво во периодот во месец јануари отворивме врати за бездомници да преспијат, бидејќи беше критичен тој период, кога дури имаше случај кадешто две лица починаа од студ. Искоординиравме доста, имаше донации за бездомниците, а за две лица плаќавме и кирија“, вели Штериов.

Освен овие социјални активности со кои им помогнаа на бездомниците, Штериов додаде дека, преку објавување во медиумите на приказната за едно лице, тие успеале да издејствуваат негово згрижување во геронтолошки завод.

Освен овие активности , Штериов нагласи дека социјалниот центар е отворен за неформални организации и индивидуи, коишто организираат изложби, акции, дебати, меѓународни состаноци и слично.

Моментално Социјалниот центар е финансиран од страна на ЛДС „Солидарност“, меѓутоа членовите на овој центар работат на самофинансирање, односно при организација на некој настан тие поставуваат кутија за донации од страна на посетителите и поддржувачите. Овие донации не се доволни за тие самите да си ја плаќаат киријата за изнајмување на просторот, па поради ова вели Штериов, од месец април треба да изнајдеме подобар начин за самофинансирање и егзистенција на „Дуња“.

Ценатрот го носи името на единствената жена партизанка во создавањето на скопскиот партизански одред во 1941

Социјалниот центар го добил своето име според единствената жена партизанка во формирањето на скопскиот партизански одред во 1941 година, Невена Георгиева – Дуња. Таа е комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни и учесник во НОВ од 1941 година. Со своите 16 години била најмладата партизанка во првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија. Загинала во судир со бугарската полиција и велешката контрачета на 6. декември 1942 година во Нежилово, кога имала само 17 години.

Според Штериов, центарот го добил името поради нејзе, како значаен лик во историјата, а и поради тоа што куќата кадешто дејствува центарот има интересна форма и е во жолта боја, а како што вели тој во дворот исто така има и дрво – дуња.

Овој центар со своите активности е единствен во Скопје од ваков карактер, којшто е дом за секого кој има некоја идеја од социјален карактер, којашто ќе помогне во развивањето на солидарноста, еднаквоста и рамноправноста во општеството.

Вечерва центарот го слави својот прв роденден, поканата за забавата која членовите ја приредуваат во нивните простории можете да ја видите на следниот линк.