Социјализам или изумирање

Според еден неодамнешен извештај, човечката активност води кон изумирање на еден милион видови растенија и животни. Но, не се работи за која било човечка активност: станува збор за изборот што го врши мало малцинство богати и моќни луѓе.

Човечката активност води кон истребување на околу еден милион видови растенија и животни, според најсеопфатната проценка што кога било досега е извршена за животот на Земјата. Изумирањето сега му се заканува на четвртина од сите видови на Земјата – и таа проценка е конзервативна.

Тоа ги вклучува и оние наши сакани големи животни што се предмет на традиционалните конзерваторски усилби. На пример, тигрите сега се отсутни од 96 проценти од нивната историска територија. Но, преку 40 проценти од водоземните видови, третина од сите корали што ги формираат гребените, третина од сите морски видови цицачи и 10 проценти од видовите инсекти исто така се соочуваат со изумирање, кажува резимето за носителите на одлуки од извештајот на Меѓувладината научно-политичка платформа за услуги за биодиверзитетот на екосистемите на Обединетите Нации (ИПБЕС).

Најголемиот дел од изумирањето се случува незабележано. На научниците може да им се потребни години за да утврдат дека некое растение или животно засекогаш исчезнало. Но, последиците од едно изумирање можат да бидат комплексни. Како во играта џенга, кога ќе се отстрани едно делче, се нарушува целата структура, а можно е и целиот екосистем да пропадне.

Ова не е само морално прашање. Загубата во биодиверзитет претставува и егзистенцијална закана за човештвото – онолку голема колку и климатската криза, според ИПБЕС. Ние веќе ги губиме инсектите од кои зависиме за опрашување на нашите земјоделски култури, како и шумите кои штитат милиони луѓе од поплави и кои апсорбираат јаглерод. А сепак, резимето кажува, ние го засилуваме нашето однесување што наликува на некој култ на смртта. Продолжуваме со интензивното земјоделие, со прекумерната сеча на дрвја, со прекумерното рибарење, со рударството, со екстрактирањето фосилни горива и со испуштањето стакленички гасови.

Но, не е целото човештво одговорно за овој еколошки крах. А активностите што доведуваат до тоа, имаат катастрофални последици за милијарди луѓе.

Експлоатирајќи ја природата и луѓето

Оваа криза на масовно изумирање, покажува извештајот, е поттикната од економскиот систем што го приоретизира растот на профитот пред сѐ останато. Во обидите да ги победат своите конкуренти и да ги максимизираат профитите, корпорациите го експлоатираат човечкиот и нечовечкиот живот, намалувајќи ги платите и екстернализирајќи ги социјалните и еколошките трошоци, осиромашувајќи ги екосистемите и општествата од чиј живот зависат. „Природата, прекрасно изобилната и разнолика дивина на светот, во суштина е слободна зона за добра и труд кои може да ги црпи капиталот“, пишува Ешли Доусон во „Изумирање: радикална историја“. Во обидите да се шири во сѐ поголема мера, кажува тој, капиталот комодифицира сѐ повеќе од Земјата, „одземајќи му го на светот неговиот диверзитет и плодност.“

Главниот виновник за загубата во биодиверзитет е „промената во употребата на земјата и морињата“. Три четвртини од земјата во светот и речиси три четвртини од слатководните ресурси на светот сега се користат за земјоделските култури или за сточарството, кажува ИПБЕС. Индустриското земјоделие ги пустоши екосистемите на повеќе начини. Растенијата и животните се дислоцираат и се убиваат за да се направи простор за фармите; монокултурните практики и пестицидите ги пореметуваат микробите од почвата и ги загрозуваат инсектите и растенијата; водата се пумпа од езерата и реките, нарушувајќи го водениот живот.

Агробизнисот ги брани овие практики во име на искоренувањето на светскиот глад. Глобалните приноси од жетвите навистина се зголемија во последните децении, но придобивките од тоа имаа своја цена за многу луѓе и, глобално, речиси секој деветти човек сѐ уште е неухранет. Ова најостро се чувствува во глобалниот југ. Две третини од луѓето во Азија се гладни, а во „земјите во развој“, едно од шест деца има помала тежина од нормалната, според Светската програма за храна. Во меѓувреме, земјоделските субвенции за пазарните производи како пченката и сојата создадоа енормен пазар за евтина, процесуирана брза храна што може да го покачи холестеролот и го зголемува ризикот од дијабетес.

Земјоделските корпорации тврдат дека ја максимизираат ефикасноста. Но, повеќе од третина од земјоделските култури во светот оди за добитокот, и покрај тоа што приоретизирањето на одгледувањето земјоделски култури за човечка потрошувачка ќе нахрани милијарди гладни луѓе. Индустриското сточарство е најголемиот искористувач на земјишните ресурси во светот. Тоа произведува големи количини измет – околу 500 милиони тони само во САД – што го загадува воздухот со хемикалии како амонијак и водород сулфид и протекува во ближните водни текови, придонесувајќи за процут на алгите, а што може да ја направи питката вода отровна за животните и луѓето. За работниците, ова загадување се надоврзува на другите закани: ризикот од сериозни повреди кај американските месарски работници е трипати поголем од националниот просек.

Денешниот глобален агробизнис е контролиран од само четири главни земјоделски биотехнолошки компании. За да остварат контрола над ланецот на глобална понуда на семиња и за да осигураат максимални приноси, овие компании строго го ограничуваат она што може да се одгледува преку наметнување монокултурни практики. Но, бидејќи монокултурите се ранливи на болести, тие се потпираат на хербициди, инсектициди и на ѓубрива што се поврзани со рак и други болести. Системот што произлегува од тоа е разорен за биодиверзитетот.

И додека профитите на агробизнисот се множат, приходите на фармерите се намалуваат. Преку зголемување на цените на семињата, ѓубривото и другите производи, корпорациите ги заробуваат фармерите во долгови, кои тие се принудени да ги отплаќаат преку продавање на своите приноси. Создавањето на „терминаторни семиња“, што ги прават стерилни семињата од втората генерација, само го влошува ова. Овој обрач предизвика долг бран самоубиства кај фармерите во северна Индија. Фармерите во САД, каде сѐ помоќните земјоделски корпорации купуваат сѐ повеќе американски фарми и ги снижуваат цените што им ги плаќаат на семејните фармери, се соочуваат со слични проблеми.

„Директната експлоатација на организмите“ преку практиките како комерцијалната сеча на дрвја или рибарството се другиот главен причинител на загубата во биодиверзитет, според ИПБЕС. Овие практики ги уништуваат критичните живеалишта и ги нарушуваат синџирите на исхрана. Како резултат на тоа, растенијата и животните што некогаш беа доста чести, сега се загрозени. Но, извештајот кажува дека овие практики се во пораст: сечата на дрвја во светот се зголеми за 45 проценти од 1970 година, а 55 проценти од светските океани се опфатени со индустриското рибарство.

Овие практики ги експлоатираат и луѓето. Шумарската индустрија ги дислоцира домородните луѓе од САД до Камерун и Бразил. Комерцијалното рибарство, исто така, им се заканува на глобалните домородни населенија кои зависат од рибите во исхраната. А во САД, сечата на дрвја и рибарството исто така се помеѓу најопасните индустрии за работниците. Пописот на смртоносни повреди на работното место на федералното Биро за трудова статистика утврди дека тоа беа двете најсмртоносни индустрии во 2019 година. На секои 100.000 работници, дрвната индустрија забележа 135,9 смртни случаи на работното место, а комерцијалното рибарство – 86 смртни случаи.

Глобално, работните услови се дури и полоши. Тајландските риболовни компании, од каде што доаѓа голем дел од храната за милениците и добитокот во САД, продолжуваат буквално да ги поробуваат мигрантите од Камбоџа и Мјанмар. Бидејќи во последните години рибниот фонд се намали, а законите за поморскиот труд се расклопени, оваа индустрија, како што се дознава, поробува уште повеќе луѓе. А не се само тајландските риболовни компании. Од извештаите се дознава дека бразилската дрвна индустрија ги држи работниците заложници во камповите за сеча на дрвјата и ги принудува да вршат живото-загрозувачки работни задачи.

ИПБЕС кажува дека третиот најголем двигател за кризата со биодиверзитетот се климатските промени, а што е неодвоиво од другите причинители. Индустриското земјоделие е одговорно за 13 проценти од глобалните емисии на јаглерод, што го прави втор најголем емитер по енергетскиот сектор. Сечата на дрвја исто така има огромно влијание врз климатските промени, не само поради тоа што шумите активно апсорбираат јаглерод, туку и поради тоа што согорувањето на исечените дрвја за да се произведе енергија, практика која е позната како „дрвена биомаса“, испушта дури и повеќе CO2 отколку согорувањето на јагленот.

Нарушувањето на климата, што претставува егзистенцијална криза сама по себе, веќе има влијание врз биодиверзитетот. Променетата температура на атмосферата и океаните „ќе биде придружена со промена на глацијалниот опсег, дождовните падежи, количеството вода во реките, воздушните и океанските струења и нивото на морињата, помеѓу многуте други еколошки карактеристики, кои, севкупно, имаат неповолно влијание врз биодиверзитетот“, кажува ИПБЕС.

Климатската криза, како и загубата во биодиверзитет, не е сечија вина. Преку 70 проценти од јаглеродните емисии произлегуваат од само 100 компании. Дополнително на тоа, земјите кои најмалку придонесуваат за глобалните климатски промени главно се токму оние што се најмногу засегнати од уништувањето што тие го предизвикуваат. Иако влијанието може да се види во целиот свет, сиромашните и глобалниот југ се оние што се погодени први и најмногу. Кога овој март циклонот „Идаи“ ги погоди Мозамбик, Зимбабве и Малави, тој уби илјада луѓе, а илјадници други сѐ уште се исчезнати. Тоа е еден од најлошите циклони досега, а тој не беше исклучок. Како што покажува ударниот извештај на Меѓувладиниот панел на ОН за климатските промени (ИПЦЦ) околу ефектите од достигнувањето 1,5 целзиусови степени затоплување над прединдустриското ниво (како и безбројните други климатски извештаи), ако не направиме радикални промени, работите ќе станат многу полоши.

Канцерот на капитализмот

Како и извештајот на ИПЦЦ од 2018 година, и ИПБЕС има јасна порака за носителите на одлуки. За да избегне катастрофа, светот мора да претрпи „фундаментална, системска реорганизација во поглед на технолошките, економските и општествените фактори, вклучувајќи ги парадигмите, целите и вредностите“, кажа претседавачот на ИПБЕС Сер Роберт Вотсон.

На многу начини, ние сме на погрешен пат. Глобалното ниво јаглерод достигнува рекордни височини. Трамповата администрација се обидува да го расклопи Законот за загрозените видови, повеќе нема да ја спроведува заштитата на птиците кои ненамерно се убиени од корпоративните активности и расклопува десетици еколошки заштитни механизми што се однесуваат на загадувањето на воздухот и водата.

Резимето од извештајот исто така е полно со црни вести. Деградацијата на животната средина ја намали продуктивноста на почвата на Земјата за 23 проценти. Загубата на инсекти-опрашувачи доведува во ризик глобални земјоделски култури во вредност од околу 577 милијарди долари годишно. Стотици милиони луѓе се во зголемен ризик од поплави и невремиња поради деградираните крајбрежни живеалишта. Од 1980 година, загадувањето со пластика се зголеми десеткратно. Шокантни 85 проценти од глобалните мочуришни земјишта се уништени. А поради сето ова, светот веќе се наоѓа среде својот шести голем период на изумирање. Изумирањата се случуваат илјада пати побрзо од нивната природна брзина, при што секој ден се губат десетици видови.

ИПБЕС се застапува за конкретни политики кои би можеле да го зауздаат масовното изумирање, кои вклучуваат запирање на ширењето на монокултурата и прифаќање на локализиран пристап кон земјоделието, создавање морски резервати и намалување на загадувањето и искористувањето на водите, како и обновување на суверенитетот на домородните населенија, чии земјишта забележаа побавен пад во биодиверзитетот. Најважно, заклучува извештајот, глобалното општество мора да запре со приоретизирањето на растот за профит и наместо тоа да создаде економија што им служи на потребите на луѓето и планетата.

Ова политичко поместување може да заштити безбројни човечки и нечовечки животи од егзистенцијалната закана од еколошкиот крах – и од неговите двигатели. „Преку неодговорното конзумирање на животната средина, капиталот фигуративно ја сече гранката врз која седи“, напиша авторот Ешли Доусон. „Оттука, логиката на капиталот е логика на канцерогената клетка, која се шири без контрола сѐ додека не го уништи телото на домаќинот.“

Оваа трансформација нема да биде лесна, но претседавачот на ИПБЕС Вотсон е оптимист. „По самата своја природа, трансформативната промена може да очекува спротивставување од оние кои имаат интерес од зачувувањето на статус квото, но тоа спротивставување може да се надмине во име на поширокото јавно добро“, кажа тој.

Ако планираме да опстанеме, немаме друг избор освен да победиме.

Авторка: Дарна Нур

Преземено од „Јакобин