(Славој Жижек) Најголемата закана од COVID – 19 не е регресијата кон опстанувачко насилство, туку варваризмот со човечко лице

Се случи невозможното и светот што го знаевме престана да се врти. Но кој светски поредок ќе се појави откако ќе заврши пандемијата на корона-вирусот, социјализам за богатите, капитализам што профитира од катастрофи или нешто сосема ново?

Деновиве, понекогаш посакувам да го фатам вирусот– на тој начин барем ќе сопре исцрпувачката неизвесност. Јасен знак за зголемувањето на мојата анксиозност е тоа како се однесувам кон спиењето. До пред околу една недела со нетрпение ја чекав вечерта: конечно можам да побегнам во сонот и да заборавам на стравовите од мојот дневен живот. Сега е скоро спротивно: се плашам да заспијам бидејќи во соновите ме измачуваат кошмари и ме будат испаничен, кошмари за реалноста која ме очекува.

Која реалност? Аленка Жупанчиќ совршено го формулира тоа, дозволете ми да ја продолжам нејзината мисла. Овие денови често слушаме дека се потребни радикални социјални промени доколку навистина сакаме да се справиме со последиците од актуелната епидемија (и јас сум меѓу тие кои ја шират таа мантра). Но, радикални промени веќе се случуваат.

Епидемијата на корона-вирусот нè соочува со нешто кое го сметавме за невозможно. Не можевме да замислиме дека навистина ќе се случи нешто вакво во нашите секојдневни животи- светот кој го знаевме престана да се врти, цели држави се затворени, многумина од нас се затворени во сопствените станови (но што е со оние кои не можат да си ја дозволат оваа минимална безбедносна претпазливост?),  соочувајќи се со несигурна иднина во која дури и ако повеќето од нас преживеат, нè  чека огромна економска криза.

Ова значи дека нашата реакција треба да биде во невозможното, она што изгледа невозможно во координатите на постоечкиот светски поредок.

Невозможното се случи, нашиот свет запре и сега треба да го направиме невозможното  за да го избегнеме најлошото. Но што е тоа “невозможното“?

Не мислам дека најголемата опасност е враќање кон отворен варваризам, кон брутално опстанувачко насилство со јавни нереди, панично линчување итн. (иако, со можниот колапс на здравствените и некои други јавни услуги, и тоа е можност).

Опстанок на најсилните

Со внимателно набљудување лесно може да увидиме како оние на власт го менуваат тонот на обраќање до нас: тие не се обидуваат само да проектираат смиреност и доверба, туку редовно прошепнуваат застрашувачки предвидувања дека пандемијата веројатно ќе се задржи околу две години и вирусот веројатно ќе зарази 60 – 70 проценти од глобалната популација, со милиони мртви.

На кратко, нивната вистинска порака е дека ќе треба да ја ограничиме основната премиса на нашата социјална етика: грижата за старите и слабите. На пример, во Италија веќе беше предложено доколку кризата со вирусот се влоши, пациентите над  80 години или тие со други тешки заболувања едноставно да бидат оставени да умрат.

Треба да се забележи како прифаќањето на логиката „опстанок на најсилните“ го прекршува дури и основниот принцип на воената етика, кој ни вели дека по битката прво треба да се спасат оние најтешко ранетите дури и ако шансата за нивното спасување е минимална. (Како и да е, одблиску гледано, ова не треба да нè изненади: болниците веќе го прават истово со болните од рак).

Да избегнеме недоразбирање, јас сум овде краен реалист- треба да се планираат и лекарствата за да се овозможи безболна смрт кај терминално болните, за да се поштедат од непотребни страдања. Нашиот приоритет не треба да биде економизирањето туку безусловното помагање, независно од трошокот, на оние на кои им треба помош со цел да им овозможиме да преживеат.

Сепак, со должна почит, јас не се согласувам со италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен кој во актуелната криза гледа знак дека: „Нашето општество повеќе не верува во ништо освен во голиот живот. Очигледно е дека Италијанците се подложни да жртвуваат практично сѐ: нормалните услови за живот, социјалните односи, работата, дури и пријателствата, наклоностите и религиските и политичките убедувања, поради опасноста од разболување. Голиот живот (и опасноста да се изгуби) не е нешто што ги обединува луѓето, туку ги заслепува и ги разединува“.

Работите се далеку подвосмислени: ова обединува луѓе– да се одржува телесна дистанца значи да се покажува почит кон другите бидејќи и јас можеби сум носител на вирусот. Моите синови сега ме избегнуваат бидејќи се плашат дека би ме контаминирале (она што за нив е минлива болест за мене може да е смртоносна).

Лична одговорност

Во последниве денови, одново и одново слушаме дека секој од нас е лично одговорен и дека мора да ги следи новите правила. Медиумите се полни со приказни за луѓе кои се однесувале погрешно и се ставиле себеси и другите во опасност (момче влегува во продавница и почнува да кашла итн.). Проблемот овде е ист како и со екологијата каде што медиумите цело време ја истакнуваат нашата лична одговорност (дали ги рециклираме сите употребени весници итн.).

Таков фокус на индивидуалната одговорност, иако неопходна, функционира како идеологија во моментот кога служи за изопачување на големото прашање за тоа како да го промениме целиот економски и социјален систем. Борбата против корона-вирусот единствено може да биде водена заедно со борбата против идеолошките мистификации, како дел од генералната еколошка борба. Како што Кејт Џонс, шефот на Катедрата за екологија и биодиверзитет на UCL, кажа: „Пренесувањето на болест од дивиот свет на луѓето е скриената цена на човековиот економски развој“.

„Нè има премногу, во сите околини. Во голема мера се движиме по недопрени места и сѐ повеќе сме изложени. Создаваме живеалишта онаму каде што вирусите се пренесуваат полесно, а потоа сме изненадени што се појавуваат нови“, вели Џонс.

Не е доволно да се состави некој вид глобална здравствена заштита за луѓето, вклучена треба да биде и природата. Вирусите исто така ги напаѓаат и растенијата кои се главниот извор на нашата исхрана, на пример компири, жито и маслинки. Секогаш треба да ја имаме на ум глобалната слика на светот во кој живееме, со сите парадокси што ова ги имплицира.

На пример, добро е да се знае дека затворањето на Кина заради корона-вирусот спаси повеќе животи од тие што вирусот ги уби (доколку им се верува на официјалните статистики за мртвите). Економистот за ресурси во животната средина, Маршал Бурк, вели: „Постои докажана врска меѓу лошиот квалитет на воздухот и прераната смрт поврзана со дишењето на тој воздух. Имајќи го ова на ум, иако чудно, природното прашање е дали животите спасени од ова намалување на загадувањето причинето од економското стопирање по повод Covid-19 ја надминува смртната стапка на самиот вирус. Дури и под многу конзервативни претпоставки, сметам дека одговорот е јасно да“. За само два месеци со намалувањето на нивото на загаденост тој вели дека е можно да се спасени животите на 4000 деца под пет години и на 73000 возрасни лица над 70 години, само во Кина.

Тројна криза: медицинска, економска, ментална

Фатени сме во тројна криза: медицинска (епидемијата сама по себе), економска (која силно ќе удри независно од исходот на епидемијата) и дополнително (да не го потцениме), менталното здравје. Базичните координати на животите на милиони и милиони се дезинтегрирани и промената ќе влијае врз сѐ, од одење на одмор до секојдневни телесни контакти. Мора да се научиме да мислиме надвор од координатите на берзата и профитот и едноставно да пронајдеме друг начин да ги произведеме и да ги распределиме неопходните ресурси. На пример, доколку власта разбере дека некоја компанија чува милиони маски, чекајќи го вистинскиот момент да ги продаде, не смее да има преговори со компанијата, маските едноставно треба да им се запленат.

Медиумите известија дека Трамп понудил 1 билион американски долари на биофармацевтската копанија CureVac за да обезбеди вакцина „само за САД“. Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, кажа дека преземање на CureVac од страна на администрацијата на Трамп не доаѓа предвид. CureVac ќе развие вакцина единствено „за целиот свет, а не за индивидуални држави“. Овде имаме типичен пример за борбата помеѓу варваризмот и цивилизацијата. Но истиот Трамп ќе мора да се повика на Актот за производство на одбраната, што ќе и овозможи на Владата да се осигура дека приватниот сектор може да го зголеми производството на итни медицински материјали.

На почетокот од неделава, Трамп го објави предлогот да го преземе приватниот сектор. Тој рече дека ќе се повика на федералната одредба која ѝ дозволува на Владата да го маршализира приватниот сектор како одговор на пандемијата. Додаде дека ќе потпише закон давајќи си го себе авторитетот за директно домашно индустриско производство „во случај да затреба“.

Кога го употребив зборот комунизам пред неколку недели бев исмеван, а сега: „Трамп објавува предлози дека ќе го преземе приватниот сектор“, можеше ли некој да замисли таков наслов пред една недела?

Ова е само почетокот, многу повеќе мерки како оваа треба да следат дополнително доколку државниот здравствен систем е под силен притисок. Ќе биде нужна и локалната самоорганизација на заедниците. Не е доволно само да се изолираме и да преживееме, за некој од нас да се направи ова значи дека базичните јавни услуги треба да функционираат: струја, храна и снабдување со лекови… (Наскоро ќе ни треба листа на оние кои се излечиле и барем некое време ќе бидат имуни, со цел тие да бидат мобилизирани за итна јавна работа).

Ова не е утописка комунистичка визија, овој комунизам е наметнат од потребата за гол опстанок. За жал, ова е верзија на она што во Советската Унија во 1918 се нарекуваше „воен комунизам“.

Како што вели поговорката, во криза сите сме социјалисти па дури и администрацијата на Трамп размислува за некоја форма на универзален базичен приход, чек од 1000 долари за секој возрасен граѓанин. Ќе се потрошат трилиони прекршувајќи ги правилата на пазарот, но каде, за кого? Дали овој присилен социјализам ќе биде социјализам за богатите (сетете се на спасувањето на банките во 2008 додека милиони обични луѓе ги изгубија своите мали заштеди)? Дали епидемијата ќе се редуцира на уште едно поглавје од она што канадската авторка и социјална активистка Наоми Клајн го нарече „капитализам што профитира од катастрофи“, или од неа ќе се појави нов (можеби поскромен, но поизбалансиран) светски поредок?

Превод: Стефан Видиков
Лектура: Емилија Митреска