Скопски саем се урива, на негово место ќе никнат бетонски згради, паркинзи и трговски центар

Деновиве Скопски саем е заграден со огромни бетонски блокови, а додека со огромна машинерија се рушат значајните архитектонски бележја од минатиот век, на ова место нема пристап за јавноста.

СКОПЈЕ, 23.11.2018 – Минатиот месец започна уривањето на Скопски саем, кадешто компанијата „Скопје ист гејт“, а чиј мнозински акционер е „Белфин груп“, планира да гради трговски центар, како дел од поголем комплекс на станбени и деловни згради на површина од 152.000 метри квадратни. Компанијата „Белфин груп“, којашто го изгради „Скопје сити мол“ го откупи имотот на банкротираниот Скопски саем од банките доверители за 21 милион евра. На најавата на овој проект вреден околу 300 милиони евра, минатата пролет со отворено писмо реагираа децата на архитектите на специфичните згради на Скопски саем од минатиот век.

Проектот „Ист гејт“ е планирано да се простира на површина од 152.000 квадратни метри. Проектот вклучува трговски центар чија нето површина за изнајмување ќе биде 51.000 квадратни метри, станбен комплекс со 1.600 станови и пет канцелариски згради со вкупна површина за изнајмување од 67.000 квадратни метри.

Трговскиот центар се најавува како „најголем во регионот на Македонија, Косово и Јужна Србија“, со голем број светски брендови, содржини за забава, фитнес, како и паркинг простор за повеќе од 2.000 автомобили.

Проектот од страна на компанијата е претставен како „зелен“. Планирано е да се направат градини на покривите од зградите, меѓутоа ако се земе фактот дека ќе се гради огромен паркинг и згради од бетон, неминовно резултатот ќе биде создавање на голем сообраќаен метеж токму на оваа клучна сообраќајница која го поврзува градот со аеродромот.

Со овој проект, не само што ќе се избрише дел од историјата на модерно Скопје, туку и ќе се уништи огромна зелена површина во име на профитот.

Авторка: Сенада Ибраимова

Фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-21T15:46:17+00:0023 ноември 2018|Актуелно, Видео / Фотографија|