Синдикатите и работничките партии во пресрет на Први Мај (глобален и локален поглед на моменталната ситуација)

  1. Светот во пресрет на Први Мај

По падот на Берлинскиот зид, капиталистичките држави на благосостојба на Запад доживеаа пораз, а социјалистичките држави во Источна и Југоисточна Европа влегоа во транзиција кон периферен капитализам и ново колонијално ропство. НАТО-ЕУ пропагандата го заокружи оцрнувањето на социјалистичката идеја, ставајќи го најголемиот дел држави од овој блок под своја закрила. Западните политички елити (црпејќи финансиска моќ од мултимилјардните буџети) и корпорациите (црпејќи политичка моќ од мултимилјардните профити) спроведоа коренити промени кои влијаеа разорно за најголемиот дел од светската популација.

Работничката класа е сè уште во „замислениот свет“ на државата на благостојба или социјализмот. Први Мај е се’ уште парада или ден за пикник по планините и езерата. Работниците се’ уште се ослонуваат или на оние кои традиционално би требало да се грижат за нив – синдикатите и социјалдемократијата, или се ослонуваат на државната власт на десните популисти од која лекомислено се очекува социјалните проблеми да им бидат приоритет. Тоа е уште една причина за недоволна домашна политичка поддршка за работничките партии ширум светот. Социјалистичките партии се маргинални по своето членство и застапеност во парламентите. Нивната политичка моќ е минорна кога е во прашање креирањето на државната политика. Позитивни поместувања се забележуваат на полето на пропагандата, претежно на социјалните мрежи, каде поранешната средна класа и илјадниците млади невработени веќе ги препознаваат автентичните работнички партии како свои, се согласуваат со нивните ставови и истите ги споделуваат.

Синдикатите ја изгубија моќта што ја имаа во предходните децении како рамноправен преговарач (кој ги застапува интересите на работничката класа) со државата и крупниот капитал. Социјалдемократските партии станаа локални слуги на империјализмот. Ако во минатото под нивни закрила се воведе државната интервенција во пазарот која успеа донекаде да ги ублажи суровите елементи на пазарните сили преку промоција на држава на благосостојба, денес социјалдемкратијата не е на страната на работничката класа, туку напротив, отворено стои против неа, напуштајќи го или корумпирајќи го во целост синдикалното и работничко движење.

  1. Република Македонија во пресрет на Први Мај

Во Р. Македонија синдикатите се соочуваат со низа проблеми и абнормалности. Од една страна вниманието повеќе го имаат насочено кон внатрешна борба меѓу синдикалните лидери за превласт над главниот или гранковите синдикати, отколку во борбата за работничките права. Во Јануари 2017-тата бевме сведоци на борбата за заземање фотељи во ССМ. Дека се работеше само за борба за фотељи, доказ е моменталната сервилна улога што ја зазема ССМ спрема власта на СДСМ и ДУИ. Само козметички реформи и безвредни декларации.

И останатите синдикати не се имуни на партиски влијанија и уште повеќе кога е потребно одработуваат за една од двете главни политички опции, притоа бидувајќи партнер на владината политика, а не нејзин главен опонент и критичар. Постоечките синдикати неслучајно ја имаат загубено довербата и се отуѓени од работниците. Ретките успеси на овие синдикати во минатото, беа ограничени единствено на полето на борбата за зголемување на номиналниот износ на платите на вработените во државната администрација, што при вкалкулирана стапка на инфлација повторно значеше намален реален доход/намалена куповна моќ. Во приватните сектори синдикалното организирање или го нема, или застапувањето на работничките права преку синдикатите е уште мало и неразвиено, а работниците не се осмелуваат да излезат на протест.

Од друга страна, партиските машинерии на големите партии на естаблишментот, се далеку помоќни во изведувањето на луѓето на улица, така што помасовните протести во Р. Македонија се од дневнополитички побуди, октроирани се одгоре – од потребите на елитите, а не оддолу, од потребите на самата база- работничката класа. Последен пример на масовни протести за смена на „Мурто“ со „Курто“ беше „Шарената револуција“ која заврши неславно со згрижување на граѓанските активисти во владините јасли. Твитер заедницата сега молчи, граѓанскиот активизам е мртов. Само невладините, тек тук претаат, прават нешто колку само да прават, само за да докажат дека не се владини. Народот и натаму води крпен живот, задолжен кај банките, гонет од извршителите.

  1. За нови синдикати! За силна Левица!

Влегувањето во постиндустриска ера можеби го разводни значењето на класичното синдикално организирање. Но, за работникот кој и натаму го поробува машината (ако не индустриската, тогаш канцелариската), и за работникот кој е препуштен повторно на непредвидливостите и опасностите кои ги носи слободниот пазар, здружената акција преку автентичен  синдикализам и активно членство во работничка партија е повеќе од неопходно.

Веќе долго време е видливо како медиумската и научната либерална пропаганда го релативизира и негира постоењето на класите денес, а со самото тоа да ја релативизира и негира нужноста на заштита на работничката класа преку нејзино самоорганизирање. Сепак, самото повторување на историјата преку ослободувањето на капиталот при светската доминација на пазарната економија неминовно ќе придонесе кон повторно групирање на работничката класа и потиснатите социјални слоеви во синдикати и работнички партии.

На „земјите во транзиција“ им се потребни нови синдикати кои произлегуваат од базата, од самите работници кои по криминалната приватизација веднаш увидоа дека тоа не е напредниот, просперитетен и бајковит капитализам од телевизиите, туку дека е тоа капитализам – џунгла во која треба да се преживее. На ваквите отрезнети работници не им се потребни старите бирократизирани синдикати и во нив од бившиот или сегашен режим инсталирани лидери. Нив им се потребни нови синдикати, чие омасововување ќе оди рака под рака со подигањето на класната свест и распалување на револуционерниот потенцијал преку практична дејност.

Задачата пред нас не е нималку лесна. Напротив. Можеби и најтешка е од кога било претходно! Крупниот капитал има свои глобални организации како Светска банка, Светска трговска организација, Меѓународен монетарен фонд, Г-8, Давос групацијата, додека Меѓународната организација на трудот (МОТ) останува во тесните рамки на „пазарната економија“. МОТ ги фаворизира умерените синдикати кои ги држат работниците зауздани, случајно да не отидат вон границите на капитализмот.

Работниците, прегазени од негативните ефекти на глобализацијата, немаат свој сојузник во бирократизираните и пропазарно ориентирани синдикати, во одродената социјалдемократија на третиот пат и во симболичната активност на МОТ. Затоа од исклучителна важност е зајакнување на домашни работнички партии како вистински сојузници и авангарда на работничката класа, чија натамошна дејност сè повеќе треба да се вмрежува со истородни такви организации и партии од соседните земји и региони.

Левица пред две години го започна својот пат во Р. Македонија. Не подлегна на притисокот да коалицира со лажните социјалдемократи СДСМ. На парламентарните и локални избори настапи самостојно. Левица се спротистави на лажните патриоти во и околу ВМРО ДПМНЕ кои наметнатиот спор за името го искористија за повторно додворување на работниците. Во изминатите два месеца се организираа взаемни посети и трибини со претставници на грчата автентична левица за да се докаже дека македонските и грчките работници имаат исти проблеми и потреби, кои се различни од оние што ги истакнуваат мејнстрим медиумите.

Левица повикува на масовен протест за Први Мај во Скопје. Зошто нема силна работничка класа без силна работничка партија! Работниците се уморни од лажни ветувања и голи фрази. Победоносниот марш за политичка моќ за трудот почнува утре, а ќе заврши со конечниот пад на гробарите на работничката класа – владејачките партии и жолтите синдикати!

Автор: Зоран Василески, правник и член на Президиумот на Левица.

Фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-21T18:45:11+00:0030 април 2018|Актуелно, Став|