Симона Наумоска: „Ние мора да сме погласни и да не отстапуваме.“, Стефани Секулоска: „Студентите не изгубија само легло во домовите, туку и топол оброк.“

Симона Наумоска

Стефани Секулоска

Интервју со Симона Наумоска и Стефани Секулоска за отворањето на студентските домови

Симона Наумоска е студентка на Медицинскиот факултет, при Универзитетот „Кирил и Методиј“ на отсекот за општа медицина и лани живееше во Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Стефани Секулоска е студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на отсекот за новинарство и лани живееше во Студентскиот дом „Гоце Делчев“.Низ овој разговор тие ќе се обидат да ни доловат зошто е особено важно да се отворат студентските домови и универзитетите.

Никола Шиндре: „Да се биде студент во Македонија е многу тешко. Нема услови за домување, нема финансиска помош за издржување, нема структурни можности за студентски раст и развој. Како е да се биде студент кој живее во студентски дом?“

Симона Наумоска: „Да се биде студент кој живее во студентски дом, претставува постојана борба за опстанок во незадоволителните услови на домовите, но во исто време е едно од најдобрите искуства што може да ги доживее еден студент. Сите знаеме дека хигиенските услови во домовите се на многу ниско ниво, секој студент се соочил со ситуација кога немало струја, топла вода, греење, добра храна, исчекување на резултати за вселување, непогодни услови за време на испитни сесии итн. Но во исто време, студентските домови нудат незаменлив извор на пријателства и збогатување на искуствата на една млада личност во сферите од друштвениот, културниот живот и живот надвор родниот град. “

Стефани Секулоска: „Мојот престој во студентскиот дом „Гоце Делчев“ беше доста краток (неколку месеци), но сепак мислам дека беше доволен за јас како станар да се запознаам со (не)функционирањето на истиот. Како места што би требало да го поттикнуваат личниот и образовниот раст и развој на студентите домовите не ги нудат ни основните човекови потреби. Почувајќи од лошата хигиена за која мислам дека се одговорни и самите станари, храната за која како што сите знаеме дека го крена гласот на студентите во овој и останатите домови, па дури и заврши како пост на социјалните медиуми, сепак  во поголем дел остана непроменета, вечниот проблем со топла вода и правење „математики“ од страна на станарите да ја начекаат и како секојдневен проблем – бучавата која делумно доаѓа од т.н. диско во блокот А, а делумно од соседите (thanks headphones).“

Н. Ш. Одлуката за затворање на студентските домови кај нас помина незабележано, но београдските студенти со протести се изборија да го задржат своето право на домување. Како да се градат стратегии за подобар и посигурен студентски стандард?

Симона Н. Пандемијата го направи своето, домовите се затворија и јас како студент по медицина ги разбирам целонсно аргументите за домовите да останат и понатаму затворени. Но ситуацијата е многу покомплексна. На голем дел од факултетите ќе се одржува хибридна настава од физичко пристуство и онлајн предавања и самото тоа е извор на потребата за отворање на домовите. Со цел да се подобри стандардот за време на светска пандемија (како и генерално во нормални услови), јас би ги повикала студентите да бидеме погласни со своите барања до надлежните институции, како и доколку има потреба да настане здружување на студентите во форма на протести и маршови за добивање на потребните барања. Сметам дека е возможно превземање на сите превентивни мерки при домувањето со цел да се зачува здравјето на студентите и вработените во домовите.

Стефани С. Затворањето на студентските домови покрај тоа што помина незабележано, за нас, студентите беше доста неочекувано со тоа што бевме информирани само еден ден пред крајниот рок за напуштање на домовите. Београдските студенти се уште еден добар пример за ефективноста на студентскиот активизам. Меѓутоа иако студентите сме многубројни, историјата ни покажува дека за покренување промени бројките сами по себе не се доволни. Она што е важно е добрата и ефективна организација и соработка. Образовните институции треба да го поттикнат граѓанскиот ангажман кај студентите, а не на него да гледаат како на предизвик. Секоја дискусија за студентските права треба да ги вклучи студентите на масата. На универзитетите останува дали тие ќе придонесат во опресирањето на нивните студенти или ќе им се приклучат во борбата. 

Н. Ш. Знаеме дека се лоши и несоодветни условите за живот во студентските домови. Сепак опцијата домовите да останат затворени според многумина е крајно лоша одлука. Како тоа ќе влијае врз животот на студентите од провинција кои што живеат таму?

Симона Н. Голем дел од студентите се соочуваат со финансиски проблеми и едноставно не можат да си дозволат приватно сместување во главниот град, каде цените се навистина високи. Покрај сето тоа, ние сеуште немаме ни одговор дали сме примени во соодветниот дом а исто така немаме информација дали воопшто ќе ги отворат домовите, со цел навреме да размислуваме за алтернативна опција за сместување. Две испитни сесии ги поминавме без сигурноста на легло во домовите, а сега во прашање е цел семестар. Оваа ситуација е извор на дополнителен стрес, можност за влошување на економската ситуација на семејствата на студентите кои не само што можеби нема да можат да си дозволат престој во приватни станови, туку можеби  и немаат пристап до компјутери и интернет во своите домови за да ја следат наставата. Сето тоа доведува простор за еден студент да е приморан да направи пауза со студиите или да е уназаден во однос на испитите поради неможноста за соодветно студирање.

Стефани С. Одлуката студентските домови да останат затворени и покрај бројните апелирања од страна на студентите преку факултетските студентски собранија е доста проблематична. Студентите не само што го губат правото на легло во домовите туку ги губат и оброците кои се вклучени во цената која станарите ја плаќаат што придонесува кон дополнителни трошоци за исхрана. Секако отворањето и работата на домовите би требало да се одвива според протокол соодветен на моменталната состојба во која се наоѓаме. Посветувајќи го и онака потребното екстра внимание на хигиената во целиот дом. Со оваа одлука се изоставени и студентите кои што немаат можност да си дозволат сместување во некоја од алтернативните опции кои се со значително повисока цена и како крајна опција им останува паувањето со цел извршување на студентските обврски. Кое само по себе предизвикува дополнителни стресови кај студентите и ризик по нивното и здравјето на нивните семејства поради непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот од страна на превозниците и патниците. 

Н. Ш. Условите во просветата се генерално лоши, нема доволно средства за научна дејност, нема доволно наставници и помошен персонал на студенти и нема поврзаност со светот. Што се основните потреби што би требало да бидат бесплатни и достапни за да може секој студент да има пристоен живот додека учи?

Симона Н. Како што кажавте, можноста за научно- истражувачка работа, генерално практичната настава,  посветеноста на наставниот кадар и зголемување на бројноста на истиот се апсолутно круцијално потребни аспекти, кои кај нас недостасуваат во различни мери. На страна од тоа, сметам дека државата во вакви услови може да обезбеди бесплатен интернет за студентите. Треба да се огледаме на Словенија, каде што е овозможен попуст при купување на храна доколку си студент. Исто така, морам да споменам дека попустите во железничкиот сообраќај, бесплатниот градски превоз и различните попусти за студенти на културно-забавни настани се чекори во правилен правец.

Стефани С. Пред сè обезбедување на висококвалитетно образование достапно за секого бидејќи едукацијата е право, а не привилегија. Средина во која студентите не би се соочувале со дискриминација по основа на нивната класна, сексуална, родова, расна и секоја друга  припадност. Со цел студентите да  имаат пристоен живот додека студираат треба да ги уживаат основните студентски права. Меѓу кои спаѓаат: основните човекови потреби, бесплатно советување за разгледување на опциите пред започнување на студиската програма, пристап до соодветни средста за поддршка при студирањето, право да аплицираат во која било институција без административни, финансиски или физички ограничувања, право да бидат информирани за сите работи на високото образование на транспарентен начин, право на соодветно советување и поддршка за нивната физичка и психичка благосостојба, право на соодветна социјална поддршка, право на финансиска независност, право на бесплатна и фер жалба против секое дело за кое сметаат дека е дискриминирачко… и  во време кога сите предавања се одвиваа и ќе се одвиваат онлајн како прв и најважен чекор е  правото на обезбедувањето на  соодветен уред и бесплатен и достапен интернет за сите студенти кои не се во можност тоа да си го дозволат. 

Н. Ш. За да може да поттикнеме сите да размислуваме за подобрување на животот на младите треба да ги прашаме што точно тие сакаат. Што е она за што сонувате? Како би требало да изгледа идеалниот студентски живот во Скопје, а се разбира, да се живее во дом?

Симона Н. Идеалниот студентски живот би вклучувал прво и основно соодветни, наставно-практични услови на сите факултети, соодветна опрема и капацитети. Домовите треба да се реновираат и да се воведат мерки за зачувување на истите во добра состојба (на пример казни при оштетување на нешто). Погоре споменатите финансиски олеснувања, би биле добредојдени за секој студент, а особено за тие од економско загрозени семејства. Јас, а верувам и секој останат студент, има желба да работи, твори и напредува во едно убаво организирано општество, а тоа не е возможно без зголемување на студентскиот стандард.

Стефани С. Мислам дека голем проблем е тоа што кај нас студентскиот дом често се поистоветува само како место за престој односно спиење на студентите, а не како простор што покрај легло би обезбедувал и можност за личен и образовен раст и развој на студентите. Прво студентските домови не би ги имале тие основни недостатоци кои ги напоменав погоре, би биле безбедно место за сите студенти, би ги задоволувале сите потреби кои студентите ги имаат, а се поврзани со нивниот образовен процес, меѓу кои и читална, библиотека, достапни уреди, бесплатен интернет и обезбедување на средина во која студентите целосно би можеле да се фокусираат на нивните студии.

|2020-09-21T09:54:06+00:0021 септември 2020|Актуелно, Вести, Култура|