Шилегов: „Има индиции дека во депонијата Дрисла се горат токсични и радиоактивни материјали“

СКОПЈЕ, 24. 11. 2017 – Во депонијата Дрисла се горат токсични и радиоактивни материјали и за тоа има сериозни индиции, рече синоќа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на телевизиската дебата организирана на ТВ 24. Освен загадувањето, постојат и правни и финансиски недоследности за кои општината се труди да направи анализа и да излезе со официјален став.

Шилегов синоќа на дебатната емисија кај Мишко Иванов на ТВ 24 изјави дека, постојат сериозни индиции за криминално работење, коешто како што рече тој, „зачинето“ е со големо загадување на воздухот во градот. Станува збор за депонијата Дрисла која е под раководство на т.н. „стратешки партнер на градот“, италијанска компанија со 80% сопственост и чиишто правни но, и финансиски сметки се замрсени и нејасни, а во меѓувреме градот нема никаков увид во работењето и загадувањето од тоа место.

„Проблемот со Дрисла е сериозен проблем на Град Скопје. Станува збор за проблем, којшто се провлекува наназад шест или седум години. Од она што јас досега го видов, а тоа е набрзо ќе излезам пред јавноста со целокупна анализа на проблемот на Дрисла… Проблемот со Дрисла е голем, затоа што градот таму нема никаква контрола, иако до сега Управниот суд на два пати носел одлука за поништување на одлуката на Советот на Градот Скопје за избор на италијанската фирма како условно да речам стратешки партнер“, рече Шилегов на синоќешното гостување во ТВ 24.

Градоначалникот вели дека, главни причинители за загадувањето се моторниот сообраќај и затоплувањето, како и недоволниот инспекциски надзор во градежништвото и комуналниот надзор во однос на палењето на огновите. Меѓутоа тој нагласи дека, според шпекулациите кои може засега да се земат како сериозни индиции, а кои ќе треба да се докажат, во Дрисла се гори радиоактивен отпад.

Скопје, Битола и Тетово се едни од најзагадените градови во Европа. Често, поради загадувањето во јавноста се создава параноја до ниво на ксенофобија, кадешто одредена дискриминирана група на жители се обвинувани дека загадуваат, додека се обидуваат да се затоплат, затоа што немаат средства за друг начин на греење. Последниве неколку недели, во јавноста и на социјалните мрежи можеше да се забележат многу негативни и шовинистички испади, особено кон ромската популација поради користењето на пластични материјали за затоплување на нивните, најчесто импровизирани живеалишта.

Еден од корисниците на социјалната мрежа фејсбук, упатува навреда кон група ромско население, кои живееја во импровизирани живеалишта покрај кејот на Вардар, бидејќи претходната власт им ги сруши бараките. Со изговор дека ќе бидат згрижени во контејнери пак, сегашната власт ги исели од центарот на градот.

Врз база на индициите, коишто ги спомена градоначалникот Шилегов, може да се донесат неколку заклучоци. Еден од нив е дека, приватните инвеститори во овој домен преку различни форми на приватизација не си ја исполнуваат одговорно својата обврска да испорачаат услуги за коишто се најмени. Тие ниту работат согласно финансиските и законските правила, ниту се придржуваат кон еколошките стандарди кои во случајов може да бидат катастрофални по здравјето и животот на луѓето.

Исто така, обвинувањето и осудувањето a priori на социјално послабите категории на граѓани не е оправдано и отиво општеството може да придонесе рециклирање на стереотипите, коишто се таложат и стануваат традиција. Ова се однесува особено на стереотипите поврзани со граѓаните кои се од ромската етничка заедница, а против кои беа насочени и најрасистички и најшовинистички изјави, обвинувајќи ги за загадувањето на воздухот.

Понатаму, дека државата нема увид во здравствената состојба на вработените во таа депонија и превентивните медицински интервенции за работниците коишто се инволвирани во процесот на уништување и рециклирање на отпадот. Со што, работничките права на овие работници се прекршени, а на основа на нивното здравје се прават профити, за кои исто така државата нема никаков увид на финансиските состојби на таа фирма.

На крај, приватизацијата на депониите и останатите јавни претпријатија не значи ефикасно решение за неопходното ниво на еколошка доследност.

Бледите кадровски решенија на властите, низ годините по осамостојувањето, граѓаните го плаќале со приватизирање на тие претпријатија. Додека пак, управувањето на приватните концесионери често резултирало со многу полоша услуга за граѓаните, отколку нивните државни претходници.

Во случајот со Дрисла, локалната и централната власт имаат можност да ја вратат под државна капа и истата да биде под контрола на граѓаните и државните институции, со што би се подигнал и квалитетот на третманот на отпадните материјали и тој сектор би бил во постојан надзор од граѓаните.

|2017-11-24T14:37:08+00:0024 ноември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|