Селаните од Брајковци: „Ние живееме од земјоделие и сточарство, власта ветуваше прекин на рудници, а сега ни’ е загрозен животот“

ВАЛАНДОВО/Брајковци, 22.02.2018 – Состојбата во валандовските села и околината секојдневно станува се’ повеќе алармантна, поради забрзаната изградба на рудникот „Казандол“. Селаните од село Брајковци се вознемирени поради оваа еколошка катастрофа, којашто ги демне нив, нивните семејства, животната средина, земјоделието и сточарството, што за нив живот значат.

И покрај предизборните ветувања на сегашната власт предводена од СДСМ дека рудници на југоистокот нема да има, сепак рудникот „Казандол“ под самото село Казандол, кадешто живеат околу 150 жители, се гради со засилено темпо.

Селаните се вознемирени од оваа еколошка катастрофа која ги демне нивните животи. Вината ја лоцираат во власта, како во поранешната, којашто ги издаде концесиите, така и во сегашната, којашто во предизборието ветуваше дека рудници на југоистокот нема да има, а сега не ги исполнува своите ветувања.

Душан Петровски од селото Брајковци, коешто се наоѓа на околу 500 метри од местото кадешто се гради рудникот „Казандол“ за Гласник раскажува дека токму таму кадешто се гради овој рудник е најубавото поле, кадешто селаните го обработуваат земјиштето, коешто е патем многу плодно.

„Таму е најубавото наше поле, кадешто е рудникот. Се сади грозје Кардинал, коешто се бере најрано и кое чини најдобра цена. Тоа е греота. Ние од тоа живееме. Има јапонски јаболка по десетици декари, има маслинки, пиперки, лозје, карфиол, брокула, зелка“, истакнува Душан.

Тој вели дека ги следи сите изјави и ТВ дебати во врска со изградбата на рудниците. Не им верува на властите и сопствениците на фирмите кога изјавуваат дека нема да има штета од овие рудници. Во врската со неодамнешните изјави дека рудникот Бучим не ја загадува околината, Душан вели дека добро ги знае тамошните села, а оти под Бучим, кадешто се наоѓа селото Тополница, „ трева не никне таму кадешто тече водата од рудникот“.

Тој понатаму потенцира дека поради загадувањето на водата од рудниците, сточарите нема да можат да ги појат овците, кравите и другата стока.

„Кај нас нема многу животни, меѓутоа има турски села, кадешто луѓето одгледуваат и по 300-400 овци, некои држат кози, крави.., треба да ги напојат вода на Анска река, каква вода ќе пијат тие“, прашува тој.

Село Казандол (живеат околу 150 жители, турци), од кадешто на само 200 метри воздушна линија се гледа засилената изградба на рудникот

Нагласувајќи дека валандовско поле е со многу плодна почва, Душан гневно го изразува своето незадоволство од издавањето на над 80 концесии за рудници на југоистокот.

„Никој не не’ праша ништо. Никој.., ние ако знаевме ќе се дигневме против, никој од нас немаше да даде да се отвори (рудник). Најпаметно си направија гевгеличани, следам телевизија. Гевгелија си направија на време, се изјави и прекинаа. А нас неосетно не’ наковаа тука и сега го градат“, вели Душан.

 

Сточарот Драги Самарџиев од истото село го потврди незадоволството од изградбата на рудник. Тој исто така потврди дека нив селаните никој не ги прашал дали сакаат рудник во близина на своите живеалишта.

Поради изградбата на рудникот „Казандол“ Самарџиев нема пристап до пасилиштето, кадешто претходно ги пасел своите овци.

„Пред некој ден имавме проблеми со обезбедувањето на рудникот. Ни’ рекоа дека на тој терен веќе не смееме да напасуваме стока. Овците не можеме ние да ги тераме кај сакаме, ние ги пасевме таму, а обезбедувањето ни’ вели, ’тоа е приватен имот и неможе’“, истакнува тој.

Самарџиев исто така нагласи дека водоводот на селото се наоѓа многу блиску до рудникот, така што поради минирањето ќе има големи последици.

„Никој нема да ги користи нашите производи, било од земјоделие, било од сточарство. На пример млеко, сирење.., никој нема да го купи, кога ќе види дека потеклото е од овде. Никој нема да сака. Ќе биде загадено сигурно“, заклучува тој.

Авторка: Сенада Ибраимова