Се затвора уште една фабрика, работниците од Веибо Груп со неизвесна иднина

КРИВА ПАЛАНКА, 31. 01. 2018 – Компанијата Веибо Груп е пред затворање, изјавија за Гласник работници кои се соочуваат со прекин на работните договори. Над 100 работници ќе останат дома, а фабриката ќе се затвори. Директорката на фабриката не одговара на прашањата на работниците и на новинаритен. Неизвесно е, дали заостанатите плати и придонеси за последните три месеци на работниците ќе им бидат исплатени.

Фабриката за текстил Веибо Груп „ги живее“ последните денови. Фирмата се затвора, додека над 100 вработени се’ уште не си ги добиле ниту платите, ниту им се платени придонесите за ноември, декември и јануари.

Анонимна работничка од фабриката за Гласник пренесува дека, отпуштени се и тие стотина работници, коишто продолжија да работат откако на почеток на декември месец беа отуштени околу 100 работници.

Вработените во Веибо Груп пренесуваат дека, администрацијата на фирмата ги носи документите во Заводот за вработување. Отказните решенија и документите се комплетираат и се доставуваат до ресорната институција.

Не се знае што ќе се случи со вработените, меѓу кои има и бремени жени кои не го исполнуваат условот за породилно отсуство поради неплатени придонеси. Земајќи предвид дека, Крива Паланка е град којшто со децении е уназадуван социјално и економски, овие работници не можат да очекуваат многу светла иднина. Со тоа градот, кој ионака живееше на „апарати“ сега го очекува социјална смрт.

Редакцијата на Гласник стапи во контакт со претставник на Државниот трудов инспекторат. Оттаму тврдат дека, последниве неколку месеци „се занимавале“ со случајот во Веибо Груп. Неколку пати извршиле увид и тврдат дека го следат случајот. Доколку не се исплатат заостанатите плати, управата на фирмата ќе се соочи со прекршочни пријави.

Чести се злоупотребите од страна на сопствениците на фабриките и управувачите назначени од нивна страна. Особено видливи се овие примери низ распространетите фабрики по економските зони, познати за македонската јавност како странски инвестиции. Многу често, работниците по овие места се третирани како „потрошна роба“ која после употребата се отстранува.

|2018-01-31T12:33:21+00:0031 јануари 2018|Актуелно, Вести, Економија|