СДСМ сака да ја надмине ДПМНЕ во богатство, луксуз и корупција на сметка на сиромашниот народ

СКОПЈЕ, 27.07.2018 – После последните законски измени, политичките партии од буџетот ќе добиваат 2.7 милиони евра на годишно ниво повеќе од порано. Ако партиите добиваа 0,06 отсто од буџетот, сега овој  процент се зголемува на 0,15 отсто, што би значело дека сега ќе добиваат 4.5 милиони евра годишно.

И покрај тоа што сме навикнале во парламентот да гледаме вербални расправии, тензии, тепачки и бојкотирање на парламентот, за овие измени во Законот за финансирање на политичките партии, скоро сите парламентарци без разлика на нивната партија, идеологија и „закрвеност“, сложно го изгласаа законот со 101 глас  „за“.

Ова значи дека со новите измени буџетот ќе биде додатно оптоварен за да може активностите и рекламирањата на партиите да бидат платени од народни пари.

Уште една измена која им дозволува на партиите финансиски да зајакнат е  финансирањето од кредити и поседување на земјиште. Според досегашниот закон, партиите смееја да поседуваат деловен простор и опрема, но не и земјиште. Токму поседувањето на земјиште беше една од најголемата причина што ВМРО-ДПМНЕ беше прогласена за најбогата партија во Европа со имот вреден од 60 милиони евра. Во земјопоседничките партии спаѓа и ДУИ која поседува имот во Чаир. Се’ уште нема никакво обвинение за партиските махинации со деловни простори и финансиски трансакции кои на народна сметка ги збогатија партиите. Случајот на СЈО со незаконско финансирање на ВМРО „Талит“ пропадна. Одговорност нема да сноси ниту Бетон и Минчо Јорданов, којшто учествуваше во огромните проекти на Скопје 2014 со коишто се ограбија речиси 1 милијарда евра народни пари.

Кога пред една година, СДСМ беше во опозициските редови, редовно го спомнуваа прашањето за како успеала ВМРО-ДПМНЕ да стане најбогата партија во Европа. И раководството на СДСМ како и јавноста повикуваше на „зауздување“ на финансирањето на партиите и спречување на перењето пари преку нив. Но, овие измени одат спротивно од тоа. Се чини СДСМ сакаат да го престигнат ДПМНЕ во однос на партиското богатство, луксуз и корупција на сметка на осиромашениот народ.

|2018-07-27T13:47:48+00:0027 јули 2018|Актуелно, Вести, Економија|