Реакција на Меѓаши по повод презентацијата на оружјето на НАТО војската и злоупотребата на децата во неа

Редакцијата на Гласник, ја објавува во целост реакцијата на Меѓаши на фејсбук страницата по повод презентацијата на воена опрема и оружје од страна на војската на САД и останати членки на НАТО и нивно изложување пред најмалите членови на нашето општество децата. Особено загрижува фактот што овие т.н. промоции имаат едукативен карактер и нормализација на милитаризацијата во културната интеракција и животната имагинација, земајќи предвид дека токму војските на НАТО политичките и т.н. цивилизациски конфликти не ги решаваа на демократски и плуралистички начин, како што налагаат референците на либералната демократија, туку со војна. Во продолжение имате можност да ја проследите целосната реакција поради оваа злоупотреба:

Реакција по повод вклученоста на деца во рамките на презентацијата на вооружување, опрема и возила од армијата на Македонија, САД и четири НАТО држави од Европа кои учествуваат на вежбата ,,Одлучен удар“ во повеќе градови низ Македонија.

За жал, повторно се соочуваме со промоција на воени теми и идеи кои се насочени и вклучуваат деца и уште еднаш укажуваме дека преку промоција на воени вежби итн. не се промовира мирот туку милитаризмот, идејата за страв и заштита од „другиот“. Заложбите на возрасните треба да одат кон едукацијата за формите за одбрана и агресија преку соработки меѓу земјите во светот и јасно да се укажува за ефектите и бројот на жртви како последица од воените активности, без оглед дали се нарекуваат себе си „заштитнички“ или „одбрамбени“.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши и порано укажувала, и ќе укажува на политичка, партиска и воена злоупотреба на децата за агитирање за влез на Македонија во НАТО. Уште позагрижувачки е што во овој случај, на оваа презентација се приклучила и општината Кавадарци со своите возила и опрема. Дел од изјава на градоначалникот е дека вакви презентации се „добар начин и цивилното население да се запознае со самата воена опрема и да се биде блиску до народот“. Прашањето е зошто воопшто цивилното население, особено децата треба да се запознаваат со самата воена опрема и на какви интереси се поттикнуваат децата и младите преку овозможување на вакви јавни настани? Воените вежби се демонстрации на моќ, поттикнување на милитаризмот, интерес за оружје и пукање, нормализација на таа насилност преку сликање и забава.

Децата пред се треба да се поттикнуваат на соработка и ненасилство. Сметаме дека треба да бидат информирани и за воените сојузи и за се што се случува во светот соодветно на нивната возраст. Но, претставувањето на воени вежби и оружја кое се прави за јавноста, со вклучување деца, а дополнително се работи и на забавен карактер на истата („презентацијата е збогатена со аниматори за деца, жонглери, уличен баскет,музика и дружење“) е милитаризација која воедно ги маскира своите последици сведувајќи ги на „игра“.

|2019-06-21T12:07:19+00:0021 јуни 2019|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|