Работниците и хранителите на Скопје низ фотографии и текст

Во последно време, градот Скопје е еден од најзагадените градови во светот. Минатата недела загадувањето на воздухот во Скопје го достигна врвот со маглата којашто падна во градот. Без разлика дали граѓаните се информирани за опасностите од загадениот воздух, животот во градот непречено си функционира. Работниците работат на градежните скелиња, пазарџиите остануваат да продаваат на тезгите, голем дел од физичките работници исто така се присутни низ улиците на градот. Сите работат за да состават крај со крај.

Се чини дека, најтешко им е на оние кои немаат кров над глава. Ова не значи дека, во затворен простор воздухот е почист, туку едноставно дека, тие луѓе немаат простор кадешто достоинствно би одмориле и би насобрале енергија за новиот ден.

Работниците во овие услови се подзаборавена група на граѓани. Чести се интервенциите и поплаките до градежните инспекции и инспекторатот на труд во летниот период. Во тој период работниците се изложени на високи температури кои имаат штетни последици по нивните животи.

Слична е ситуацијата и овие денови, кога меѓу другото не постои можност за работа под „сенка“. Воздухот е елемент којшто мораме сите да го дишеме за да преживееме. Работниците, коишто го создаваат социјалниот реалитет преполн со добра преку кои ние преживуваме и стекнуваме некаква зона на комодитет, често не успеваат ни дел од тоа што го произведуваат и продаваат да го „купат“ и да го пробаат.

Борбата за достоинствен живот и за социјална правда, претставува борба во која воздухот е незаобиколниот член од несвесните биолошки активности на човекот. Правото да можеме да дишеме е можеби најесенцијалното наше право, коешто е гаранција за нашето биолошко суштествување. Пазарџиите, коишто условно кажано не’ хранат сите нас во овој град, секојдневно незаштитени од временските непогоди се чини дека немаат право на чист воздух. Ропството во овој случај не се однесува само на евтино продадениот труд, туку и на биолошкото и физичко угнетување коешто се генерира од неспретноста и незаинтересираноста за себефакторизирањето на сите нас околу тоа дека сите сме на некој начин загадувачи и дека сме одговорни да го спречиме истото.