Првомајски протест пред седиштето на Министерството за здравство

СКОПЈЕ 29.04.2019 – Пред седиштето на Министерството за здравство во 11 часот, на Први мај ќе се одржи протест. Поводот за протест пред ова Министерство е најавената приватизација на одделни сектори на здравството преку моделот на Јавно приватно партнерство. Протестот е организиран од страна на група левичарски активисти.

Со слоганот „Да го одбраниме јавното здравство“, група левичарски активисти ги повикуваат граѓаните и работниците на протест пред седиштето на Министерството за здравство. Тие сметаат дека овој датум е одлична можност за „кревањето на гласот за нешто коешто не погодува сите нас“.

Најавените намери за приватизација на јавното здравство преку моделот на Јавно приватно партнерство (ЈПП) најмногу ги задира работниците чии права се систематски намалувани и прекршувани. Приватизацијата на здравството ќе значи повисоки цени за здравствените услуги. Суми кои работниците коишто работат на минимална плата нема да можат да покријат, а ќе се продолжи со илузијата дека сепак функционира здравството, сметаат од иницијативата.

Со најновиот план за приватизација на јавното здравство (т.н. јавно-приватно партнерство) власта дополнително ќе го уништи и онака веќе во голема мера уништеното јавно здравство. Наместо да вложат повеќе средства во јавното здравство, планираат јавните пари да завршуваат во џебовите на газдите на приватните здравствени установи. Мора да се спротивставиме! Мора да се спротивставиме ако не сакаме да гледаме како сѐ повеќе луѓе, наши познаници, пријатели, блиски, ја доживуваат судбината на Тоше, Тамара и многуте други чии животи згаснаа поради свесното доведување во пропаст на јавното здравство!“ истакнуваат од иницијативата.

Така, Први мај, според иницијативата е одлична можност за граѓанска и работничка партиципација и испраќање на порака до власта дека плановите околу здравството им се катастрофални.

Да не молчиме на Први мај! Болниците се изградени од работниците, нема да дозволиме работниците да немаат пристап до истите. Заедно на протест!“ заклучуваат тие.

Протестот ќе се одржи на 1 мај со почеток во 11 часот пред седиштето на Министерството за здравство.

|2019-04-29T09:52:05+00:0029 април 2019|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|