Први мај во Скопје одбележан со неколку протестни и културни активности, СЦ Дуња со протест пред Министерство за здравство

СКОПЈЕ, 02. 05. 2019 – Социјалниот центар „Дуња“ по повод интернационалниот ден на работникот 1 мај организираше протест пред Министерството за Здравство, подоцна во просториите на „Дуња“ се одржаа културни активности. Протести паралелно и самостојно одржаа и потписниците на Повелбата за солидарност, ССМ, Конфедерацијата на слободни синдикати со иницијативата „Човекот над профитот“.

Вчера социјалниот центар „Дуња“ организираше неколку настани за одбележување на први мај – Интернационалниот ден на работникот. Во 11 часот пред Министерството за здравство СЦ Дуња одржа протест со цел спротивставување на здравствените политики на оваа Влада. Потребата и смислата на овој протест во поканата на социјалните мрежи тие ја објаснија со следниов повик:

„Со најновиот план за приватизација на јавното здравство (т.н. јавно-приватно партнерство) власта дополнително ќе го уништи и онака веќе во голема мера уништеното јавно здравство. Наместо да вложат повеќе средства во јавното здравство, планираат јавните пари да завршуваат во џебовите на газдите на приватните здравствени установи. Мора да се спротивставиме! Мора да се спротивставиме ако не сакаме да гледаме како сѐ повеќе луѓе, наши познаници, пријатели, блиски, ја доживуваат судбината на Тоше, Тамара и многуте други чии животи згаснаа поради свесното доведување во пропаст на јавното здравство!“

На протестот се обратија тројца протагонисти од кои Здравко Савески, Џејлан Велиу и Хана Корнети. Во трите говори говорниците ја потенцираа актуелната состојба во македонското здравство, која е под секое ниво на толеранција, но исто така потенцираа дека истата не може да се промени на подобро со актуелните здравствени политики на оваа Влада. Според нив, овие политики ја укинуваат универзалноста на јавното здравство, го прават помалку достапно за обичниот човек и го концентрираат целиот профит од здраствените услуги  во државата во раце на малкумина приватници. Така што изборот за адресирање на здравствените проблеми на Интернационалниот ден на работникот е оправдан со тоа што јавното здравство претставува една од главните безбедносни мрежи кои му помагаат на работникот да остварува достоинствен живот. Чекорот кон јавно-приватно партнерство во здравствените услуги, според нив е чекор кон приватизација на здравството и оттука е чекор кон влошување на материјалната положба на работниците во државата.

По протестот СЦ „Дуња“ организираше и целодневен настан во своите простории – наречен „Првомајски културни средби“. Настанот се состоеше од музика, изложба, промоција на авторски текстови напишани за онлајн медиумот Гласник и размена на литература и истиот заврши во 20:00 часот.

Останати првомајски проотести и активности

Покрај активностите на СЦ „Дуња“, во Скопје вчера се одржаа уште три првомајски протести. Сојузот на синдикати на Македонија маршираа до Владата и притоа побараа да бидат вклучени во изработката на новиот закон за работни односи како претставници на работниците, покрај тоа побараа и договори за вработување на неопределено време, 12 месеци породилно отсуство, минимална плата најмалку од 13.800 денари, регрес за годишен одмор и тн.

Со слични барања на ССМ и Конфередацијата на синдикати исто така се упати кон Владата, упатувајќи и критика кон ССМ дека тие целосно не го изразуваат интересот на работниците.

На плоштадот Карпошово востание под паролата „На први мај каде си? За свои права на улица си!“  Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници, Независниот академски синдикат, Синдикатот на дипломатската служба и Синдикатот на културата протестираа против малите плати во своите области на работа, нефункционирањето на законите, нерегулираниот работен однос и тн.

Автор: Стефан Видиков