Прва парада на гордоста во Скопје

СКОПЈЕ, 21. 05. 2019 – На 20ти мај, 2019 година во Скопје Иницијативниот одбор за Првата парада на гордоста во Република Северна Македонија го најави одржувањето на истата на 29ти јуни, 2019 година на педесетгодишницата од Првата парада на гордоста во Светот одржана во Њујорк (Stonewall riots). Со тоа Северна Македонија ќе се приклучи кон светското одбележување на парадите на гордоста.

Членови на Одборот кои ја најавија Парадата беа Кочо Андновски, програмски директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Ирена Цветковиќ, Коалиција „Маргини“ и Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“. Тие кажаа дека информациите за времето, местото и маршрутата ќе бидат објавени во наредниот период.

Од страна на Иницијативниот одбор беше најавена соработка со МВР и Полицијата во врска со безбедноста на учесниците на Парадата и беше споменато дека се надеваат дека Првата парада на гордоста во Скопје ќе биде најбезбедна парада до сега. Ова нивно уверување е резултат и на претходните соработки кои ги имале организациите со Полицијата.

Членовите на Одборот ги повикаа медиумите како главни учесници во креирањето на јавното мислење да ја поддржат Парадата, а исто така ги повикаа сите граѓани кои ги поддржуваат човековите права и слободи да излезат и да учествуваат на Парадата. Тие навестија дека поддршката од страна на сите активни чинители во општеството на Парадата ќе придонесе кон реафирмирање на правата на човекот, а со тоа македонското општество ќе има големи придобивки.

Во наредниот период „Гласник“ ќе се обиде да објави интервјуа со некои од организаторите на Првата парада на гордоста во Скопје.

|2019-05-21T09:03:15+00:0021 мај 2019|Актуелно, Вести|