Продолжуваат притисоците и обидите да се дисквалификува Призма

По обидот на ПР компанијата најмена од фирмата „Феро Инвест“на вицепремиерот Кочо Анѓушев да направи измена на веста којашто ја објави Призма, а којашто зборува за партнерството на нивниот клиент со сопственик на фирма регистрирана во Белизе, во јавноста се јави и уредникот на Слободен Печат, Бранко Героски, со колумна во Плусинфо.

Героски во својата колумна пишува:

ги почитувам напорите на истражувачките новинари да бараат одговори за потеклото на имотот на државните функционери, но сметам дека е крајно непрофесионално и тенденциозно кога нивните обиди од несериозни блогови (кои се продаваат за медиуми) се преземаат и се трансформираат во тенденциозна и со ништо неоправдана хајка против овој човек.

Како дологодишен новинар Героски ја карактеризира на еден непримерен начин работата на Призма која последните неколку години го подигна степенот на истражувачко новинарство во Македонија:

Освен што јавно ќе му пружам поддршка да покаже што знае и умее, јас на Кочо Анѓушев му порачувам дека неговиот учинок ќе го мерам според успехот на економските реформи, според тоа дали и како се менува бизнис амбиентот во Македонија. А јавно ќе му дадам само еден совет – ако се врти по секое куче што лае на патот, нема далеку да стаса.

Колумната на Геровски се објави по текстот во Призма за притисоци врз неа од страна на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Во текстот потпишан од БИРН (Балканска истражувачка репортерска мрежа) чија што придружница БИРН Македонија ја објавува Призма се вели:

По објавувањето на нашиот текст „Белизе-врска помеѓу партнерот на Анѓушев и ексфункционер од ВМРО-ДПМНЕ“ добивме повици и реакција од ПР-компанијата што ја застапува фирмата „Феро Инвест“ на вицепремиерот Кочо Анѓушев со барање да го смениме насловот и да го отстраниме неговото име.
Тоа нема да го сториме од повеќе причини.
Насловот како и самиот текст се базираат на факти и на документи и барањата за промена на наслов во отсуство на демант може да се протолкуваат само како обид за цензура и мешање во уредувачка политика, што е неприфатливо.
Новата влада, каде Анѓушев има висока позиција меѓу другото вети дека нема да дозволи скриено сопствеништво во даночни оази како Белизе. БИРН пред две години пишуваше дека компанијата-партнер на Анѓушев е од Белизе и сега кога тој е на функција повторно побаравме одговор кој е вистинскиот сопственик на таа фирма.
Текстот не имплицира никаков криминал ниту, пак, дека самиот Анѓушев има офшор или, пак, дека на било начин тој бил уценуван, под притисоци и слично како што тој сугерираше во интервјуто за Телевизија 21. Сметаме дека таквите коментари освен што дефокусираат, се тенденциозни и на штета на нашата репутација еднакво како и инсинуациите дека истражувањата за него се инструирани од одредени центри.
Господинот Анѓушев е вицепремиер за економски политики и неговото работење во минатото е повеќе од очигледно прашање од јавен интерес.
Се работи за многу едноставна приказна: фирмата на Анѓушев е партнер со фирма од Белизе која низ нашите истражувања се поврзува со Владимир Здравев, ексфункционер на ВМРО ДПМНЕ во Совет на Општина Центар.
Анѓушев е косопственик на „Феро инвест“.
„Феро инвест“ и две други фирми се дел од конзорциум кој што управува со четири мали хидроцентрали. Една од тие две фирми е „Макинвент“ која во 2015 е офшор од Белизе. По објавувањето на нашиот текст во 2015, таа фирма е продадена на македонски сопственик. И тогаш и сега Анѓушев тврди дека се работи за негов пријател, но одбива да го открие сопственикот.
Документите од Централниот регистар пак покажуваат дека „Макинвент“ и „Мелимејт“ (офшор од Белизе која БИРН ја истражуваше за врски со Владимир Здравев) имаат повеќе заеднички точки.
1. Двете имаат исто лице основач во САД, пред да добијат газди од Белизе (линк 1, линк 2)
2. Двете во иста недела во 2015 добиваат македонски газди
3. Двете фирми во одреден период имале управители што се поврзуваат со Паркинзи на Општина Центар во времето на ВМРО-ДПМНЕ и на Здравев во општината
4. Сопственикот на „Мелимејт“ потпишува документ за „Макинвент“ (линк 1, линк 2)
Анѓушев треба да одговори само на едноставно прашање: Кој бил партнерот од Белизе?
БИРН повторно го поканува вицепремиерот да понуди прецизен одговор наместо неосновани напади на нашата или на други редакции кои неминовно потсетуваат на обидите за дрско замолчување на медиуми.

Призма го објави и дописот од ПР компанијата што ја застапува фирмата „Феро Инвест“ на вицепремиерот Кочо Анѓушев:

Во врска со вашиот текст со наслов „Белизе-врска помеѓу партнерот на Анѓушев и ексфункционер од ВМРО-ДПМНЕ“ објавен на 15.06.2017 година, бараме корекција на текстот и целосно отстранување на името Кочо Анѓушев од насловот на текстот.
Насловот на текстот е тенденциозен и го злоупотребува името на вицепремиерот, со цел да привлече внимание и да провоцира поголема читаност.
Вашето истражување што воедно е тема на текстот, се базира на барање на идентитетот на косопственик на компанија, а не за Кочо Анѓушев. А со насловот се имплицира на поврзаност на господинот Анѓушев со темата на вашиот текст.
Кочо Анѓушев во својата долгогодишна работа како успешен бизнисмен секогаш бил отворен и транспарентен за сите свои компании. Со назначување на функцијата Вицепремиер за економски прашања, се повлече од целосниот управувачки пакет на сите компании од Групата „Феро инвест“.
Со оглед на сериозната штета што со ваквиот, претенциозен наслов се нанесува на личноста на Кочо Анѓушев, како и последиците врз неговата репутација, доведувајќи го во корелации што се неосновани, бараме итна корекција на насловот и текстот со отстранување на името Кочо Анѓушев.

|2017-06-19T12:02:27+00:0019 јуни 2017|Актуелно, Вести|