Претепаното момче Никола Саздовски денес подлегна на повредите, што ќе научиме од сето ова?

СКОПЈЕ, 09.07.2018 – Денеска изутрина почина 21 годишното момче, кое беше нападнато физички пред десетина дена. Момчето беше нападнато од тројца напаѓачи на автобуската станица на булеварот „Александар Македонски“. На 2 јули полицијата поднесе кривична пријава против тројцата напаѓачи за сторено кривично дело „насилство“.

Според неофицијални извори, напаѓачите се дел од навивачка група „Шверцери“, додека пак момчето кое почина бил член на навивачката група „Комити“.

Во Македонија анимозитетот на македонците и албанците изразен преку колективниот навивачки дух има своја историја. Не е прв пат, припадници на етничка група, албанска или македонска, а воедно и припадници на навивачка група, физички да се пресметуваат со припадници на друга етничка и навивачка група.

Навивачките групи во Македонија, меѓу другото имаат етничка основа. Тие одат дотаму што по спортските натпревари, често се бара и смрт за спротивната етничка заедница. Оттука паролата „Смрт за Шиптари/Каури“ која се скандира често во спортските компекси во Македонија станува и повик за пракса која се практикува надвор од спортот.

Аверзијата на двете етнички групи во Македонија од време на време се изразуваат на особен начин. Еден од тие начини е и смртта на младото момче коешто подлегна на повредите нанесени од страна на припадниците на другата етничка и навивачка група.

Доколку се земе предвид дека жртвата има 21 година, но и напаѓачите исто така се на оваа возраст (19, 20 и 21 година), се поставуваат прашањата кои никако не успеваме како општество да ги одговориме. А уште помалку и да ги запрашаме.

Зошто толку омраза помеѓу двете етнички групи? Зошто спортот се користи како импровизација на војна? Зошто навивачките групи влегуваат во националистичката инструментализација и функција, а наместо да останат спортски поддржувачи, тие завршуваат како војници за/на нацијата? Зошто секогаш младите се жртви на национализмот кој се практикува во навивачките кругови? Зошто нема алтернативна културна интеграција? Зошто образованието ги репродуцира митовите за нацијата со таков интензитет со каковшто сведочиме – јасно е дека национализмот не го учат на стадион, туку веќе опремени со национализам доаѓаат на стадион и таму ги практикуваат тие перформанси?

Згора на тоа, познато е дека дел од навивачките групи, особено добар дел од нивните водачи, се и блиски до политички партии.  Во 2011 година, тепачката којашто се случуваше на Кале помеѓу Комити и Шверцери за среќа не заврши со смртни последици по животот на ниту еден од инволвираните,  меѓутоа заврши со повластен статус за еден од водачите на таа група. Станува збор за Артан Груби, кој на крај стана дел од политичката партија ДУИ и како еден од најгласните активисти на таа партија.

Дел од јавноста е згрозена поради игнорирањето или минимизирањето на овој настан кој заврши со фатални последици. Според дел од јавноста, импровизацијата на хармоничен соживот помеѓу двете етнички групи откако е конституирана новата власт е дегутантна. Фактот што веќе повеќе од една недела се дебатира дали е момчето навистина натепано и дали целата фама е последица на некакви си fake news, иако делумно, ја објаснува физиономијата на нашето општество.

Исто така, дел од јавноста е загрижена од односот на институциите. Почнувајќи од обвинението, коешто гласи „Насилство“ а не „Обид за убиство“, па се до нетранспарентната постапка која можеби е осудена и на феноменот „Пајак“, влева многу песимизам кај граѓаните за функционалноста на системот.

Дали на крај ќе можеме да просведочиме правилна и праведна постапка од страна на државата и на будното општество поврзано со овој настан?
Дали на младите ќе им овозможиме нова перспектива и нова логика, начин на живеење, начин на организирање, начин на идентификување, начин на партиципирање и начин на припаѓање? И сето тоа да нема основа во максимата „да го убиеме Другиот“.

|2018-07-09T12:48:20+00:009 јули 2018|Актуелно, Вести, Став|