Преку Акционерско друштво до полесна приватизација на новата компанија за снабдување со гас?

СКОПЈЕ, 21. 06. 2018 – Советот на Град Скопје на последната седница го усвои Статутот на Акционерското друштво за снабдување со гас. Покрај тоа што станува збор за Акционерско Друштво (АД) кое како форма е лесно сведливо на приватизација, исто така за членовите на Надзорниот одбор кои се изгласани, нема биографии и квалификации зошто тие би биле членови на тој одбор.

Советот го усвои Статутот на Акционерското друштво и ги избра членовите на Надзорниот одбор на ова ново претпријатие. Управниот одбор ќе биде избран и составен од пет членови.

Претпријатието наречено „Градски енергетски системи АД Скопје“, ќе врши снабдување на природен гас и топлинска енергија. Според изјавите на претставници на Град Скопје, ова е дејност од јавен интерес и со големо локално значење.

Иако се поминува некако мазно, проблемите поврзани со оваа одлука на Советот на градот се очебијни.

На оваа точка на дневен ред во советот на Град Скопје реагираше советничката од Левица, Драгана Велковска, којашто и јавно на својот фејсбук профил напиша дека бара симнување на точка 3 од дневниот ред, односно Предлог-одлуката за формирање АД за енергетски дејности. Но, нејзиниот предлог беше отфрлен.

Најпрвин имам проблем со формата на субјектот кој се планира да се основа – АД, наместо јавно претпријатие. Но, така налага Законот за енергетика. Не е можно, нели, да се иницира измена на закон со одлагање на одлуката за сега? Нејсе, да прејдам на суштината.

Во чл. 3 од Одлуката и чл. 9 од Статутот на АД стои дека ова правно лице кое ќе го основа Град Скопје има право самото да основа нови субјекти врз кои никаква надлежност или влијание ќе нема Градот. Дали тоа ви звучи во ред?

Кои се квалификациите на лицата веќе назначени во надзорниот одбор и каква е оправданоста за нивното назначување? Дали се членови на партии? Зошто немаме нивни биографии?

Дали има судски спор околу гасоводот? Ако е вистина, со која цел се основа сега АД ако не може да профункционира имајќи предвид дека тој спор може да тече со години? Дали иако тече спорот, а субјектот де факто не функционира, овие лица сепак ќе си бидат платени?, напиша Велковска на својот фејсбук профил.

Една од логичките препреки со коишто се соочува ова претпријатие, е имено и членот 3 од Одлуката и членот 9 од Статутот на Акционерското Друштво. Имено, можноста правниот субјект да создава нови субјекти коишто нема да бидат под надлежност и контрола на Градот е доста спорна.

Доколку се земат предвид искуствата од минатото со политиките на „децентрализација“ и потребата градот да биде во рацете на граѓаните, оваа одлука е полна со можности за губење на автономијата на граѓаните врз овој значаен сектор.

Надзорниот одбор како некакво регулаторно тело на оваа компанија, е составено од членови чии биографии и стручност во овој случај е занемарена, односно терцијаризирана. Тоа е сведено на небитна компонента. Се поставува прашањето дали владеачката партија ги внесува нејзините членови во оваа компанија, според искуствата на минатата власт?

„Јавноста треба будно да следи кои лица ќе бидат назначени во Надзорниот одбор на првото редовно собрание на АД. Тие што се „формално“ за сега назначени се по 26 и 33 години (за третиот не ни знаеме возраст). А надзорен е тој што бира управен одбор на „најголемиот енергетски бизнис во РМ“ како што изјави шефот на кабинет на Шилегов“, вели советничката Велковска.

На крај, иако Законот за Енергетика наложува создавање на Акционерско Друштво, земајќи ја предвид важноста на овој домен кој е поврзан и со екологијата на и за градот, се поставува прашањето дали не можеше преку Централната и Законодавната власт да се направат измени на законот.

Акционерското Друштво како форма, може да биде проблематична, затоа што иако навидум акциите и припаѓаат на државата, истата може да организира аукција и да ги продаде. На таков начин може да се случи брза и „лесна“ приватизација.

|2018-06-21T16:58:03+00:0021 јуни 2018|Актуелно, Вести, Економија|