Повторно стартувана градба на хотел во Лагадин без одобрение, „Охрид SOS“ бара од општината да ги запре активностите

Инвеститорот за изградба на хотел во Лагадин, Толевски пред неколку дена, повторно ја стартуваше работата за градбата, за која претходно му беше поништено одобрението, а ново одобрение на градилиштето нема истакнато

Фото: sdk.mk

ОХРИД, 21.06.2017 – Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ преку социјалните мрежи, упати апел до Општина Охрид, како што велат, под итно да испратат служби на терен, да се запрат повторно отпочнатите незаконски активности за изградба на хотел во Лагадин

Според граѓанската иницијатива „Охрид SOS“, инвеститорот Толевски, со повторното отпочнување на оваа изградба прекршува 13 закони, еден подзаконски акт, како и Уставот на Република Македонија (РМ). На истакнатата табла кај објектот стои број на решение поништено од страна на Општина Охрид, уште на 15 март 2017 година.

Се сомневаме дека, целта на инвеститорот Толевски е најбрзо што може да изгради дивоградба, што потоа ќе ја легализира, велат од „Охрид SOS“.

Тие бараат итно издавање на одобрение за одстранување на нелегалната градба од страна на општина Охрид, бидејќи објектот е од Б – категорија и е во надлежност на општинската власт.

„Охрид SOS“ на 15 јуни 2017 година поднесе претставка до Инспекцискиот совет на РМ, на што одтаму добиле одговор дека, согласно податоците кои тие им ги доставиле до советот, градбата на објектот е повторно почната без никакво одобрение за градба.

Имајте предвид дека, ќе покренеме постапка против сите вмешани во криминалните активности, нагласуваат на својот фејсбук профил од граѓанската иницијатива.

Како еден од вмешаните субјекти во ова, тие ја посочуваат туристичката агенција TUI.

TUI, бараме од вас јавно да се оградите од вмешаноста во ова криминално дело, потенцираат од  „Охрид SOS“.

Во соопштението упатено до медиумите од страна на оваа граѓанска иницијатива, се вели дека, самоволието и урбаната мафија во Охрид мора да ги снема, како што велат, „ако сакаме град од кој нема да си одат младите и ако сакаме иднина во својата сопствена држава“. Тие додаваат оти, сите граѓани заедно мора да се изборат, за да им се стави крај на неправдата и безредието.

Изградбата на хотелот започна минатата година, а неправилностите во издавањето на првичното одобрение се во тоа што објектот се наоѓа во законски заштитените 50 метри од брегот на езерото, на којшто простор законот забранува изградба на градби од траен карактер. По бројните апели, петиции и претставки поднесени од страна на соседите во местото, како и граѓанските иницијативи, инспекторатот за животна средина ги потврди констатациите дека, хотелот не смее да се гради на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото, што пак укажува оти, ново одобрение за градење на наведената локација е невозможно.

Градењето пак без одобрение повлекува повеќе санкции меѓу кои и одземање на лиценца на изведувачот, како и голема парична казна. Неодобрените објекти пак, законски не смеат да се поврзат со техничка инфраструктура, водовод, канализација и слично.

Во меѓувреме, додека беа поднесувани бројни претставки до институциите од граѓани и здруженија од Охрид, беа изградени четири ката од хотелот, а од минатата недела се работи на довршување на четвртиот кат.

„Охрид SOS“ е граѓанска иницијатива започната од неколку граѓани загрижени за одредени проекти кои се предвидени да се спроведат во близина на Охридското Езеро без притоа да се обрне внимание на еколошките катастрофи што ќе бидат предизвикани од таквите активности. Тие преку својот профил на фејсбук бараат поддршка од сите граѓани на Република Македонија и пошироко, за решавање на проблемот по институционален пат. Како што велат, борбата е долга и неизвесна и затоа упатуваат апел за приклучок кон таа борба за спас на Охридското Езеро и против продавањето на природните богатства.

 

Линк до фејсбук профилот на граѓанската иницијатива: https://www.facebook.com/OhridSOS/

 

 

|2017-06-21T14:49:08+00:0021 јуни 2017|Актуелно, Вести|