Полицијата во Истанбул приведе 543 градежни работници кои штрајкуваа за своите ускратени права, инвеститорот ги нарече терористи

ИСТАНБУЛ, 18.09.2018 – Стотици работници на градилиштето за третиот аеродром во Истанбул штрајкуваа во петокот (14.09) поради лошите услови за работа и безбедност при работа. Тие се револтирани бидејќи не им се исполнети ниту минимални услови за работа на овој грандиозен проект. Додека траеја протестите се случи уште една повреда на работното место, откако кошница од кран паднала од висина од 30 метри со двајца работници во неа. Од градежно-работничкиот синдикат на твитер напишаа дека еден од работниците имал сериозни повреди на грбот, додека пак на другиот целата глава му била во крв. Вечерта безбедносните сили влегоа на градилиштето и интервенираа со солзавец кон работниците. Истата ноќ беа приведени 543 работници.

Работнците од градилиштето на третиот аеродром во Истанбул започнаа штрајк поради лошите работни услови. Тие се пожалија дека им доцни превозот од и до работното место, за што се принудени со саати да чекаат во услови на дожд, како и дека храната и бараките на градилиштето се многу лоши, поради што побараа подобрување на работните услови.

Безбедносните сили влегоа во градилиштето интервенирајќи со солзавец, а доцна во петокот и рано во саботата почнаа да приведуваат сотици работници, особено оние кои учествуваа во штрајкот, или јавно го поддржале. Беа приведени 543 градежни работници.

Регионалниот медиум Аhval News во неделата извести дека од компанијата изјавиле дека штрајкувачите се „терористи” и веднаш се обиделе да ангажираат нови работници за да ги заменат оние што биле притворени.

„Минатата ноќ ме повикаа од фирмата подизведувач. Се подготвив и дојдов веднаш. Ми кажаа дека демонстрантите биле провокатори, предавници и терористи. Лицето на телефон ми кажа дека луѓето како мене заслужуваат да работат на изградбата на аеродромот и да примаат добра плата. Слушнав за штрајкот, но не ја знам причината. Јас сум невработен осум месеци, дојдов тука само за да работам “, изјави еден нововработен работник за Ahval News.

Аеродромот, кој ќе биде најголем во Турција, треба да биде отворен на 29-ти октомври, денот на Република Турција. Официјалните претставници истакнаа дека проектот ќе биде завршен според распоредот, но моменталната економска криза резултираше со неможност работниците навреме да бидат платени, а забрзаната изведба на проектот предизвика менаџментот да ги намали стандардите на безбедноста на работното место.

Еден од инвеститорите на овој грандиозен проект е компанијата „Лимак“, којашто во Скопје ќе гради подземен тунел кој ќе се протега од зградата на поранешната НИП „Нова Македонија“ до булевар Борис Трајковски. 

| 2018-09-18T10:21:19+00:00 18 септември 2018|Актуелно, Вести, Свет|