По старо-нова формула правдата изгледа вака: Условна казна за Ивона Талевска за затајувањето на данокот

СКОПЈЕ, 19. 02. 2018 – Основниот суд 1, денеска по главната расправа, изрече алтернативна мерка затвор, односно две години затворска казна доколку новинарката Ивона Талевска во рок од четири години го повтори делото.

Денеска во Основниот суд 1 се одржа рочиштето за предметот „Тифани“. Осомничената Ивона Талевска пред судот ја призна вината, односно се произнесе за винова за обвинението даночно затајување.

Судијката Софија Лаличиќ одреди условна затворска казна од 2 години, доколку во рок од 4 години го повтори делото. А исто така, има рок од една година да ја плати казната над еден милион денари.

Тие пари Талевска ги затаила со неплаќање данок на државата.

На оваа мерка, судијката била мотивирана поради признанието на обвинетата, но и поради тоа што во минатото била неосудувана.

Македонските судови, се познати по благото казнување на видни личности од општеството, особено доколку тие се или биле активни учесници во политичкиот живот. Но, тоа што зачудува во овој случај е задоволувањето на СЈО од пресудената мерка, земајќи предвид дека помпезни и благонадежни беа очекувањата на јавноста од поагилен и поажурен пристап на ова обвинителство.

Од друга страна реформите во правосудството како што налагаше и извештајот на Прибе, се се’ поспори и не се наѕира никаква ефективна реформа. Неодамна неколку членови на советот за реформи на правосудството поднесоа оставки, поради нефункционалноста на истиот совет кој служи само како параван за носење на одлуки на друго место.

Во меѓувреме, во македонските судови втора година по ред се „влечат“ предметите на Мариглен Демири и Здравко Савески. Тие се теретат за учество во толпа што ќе изврши кривично дело од настаните кај канцеларијата на претседателот Ѓорѓе Иванов во 2016 година.

Едно од главните прашања, коишто се поставуваат низ социјалните мрежи денеска, е дали ќе видиме во Македонија правда?

|2018-02-19T16:49:56+00:0019 февруари 2018|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|