По плоштадот со „Скопје 2014“ обезличување и на Бит пазар за сметка на работниците

 

СКОПЈЕ, 15.05.2018 – Лицето  и динамиката на едно од највибрантните места во Скопје – Бит Пазар веќе нема да биде исто. Неговата автентичност, која е дел од контактната зона на Скопската чаршија ќе се „надгради“ со нова такси станица, дрвореди, пешачка и велосипедска патека, како и заштитни столпчиња од двете страни на булеварот. Но најбитно од се’ е менување на габаритот, градење на паркинг над самиот пазар како и зграда која ќе биде деловен простор. Дрворедите, и велосипедската патека се само шминката со која се оправдува претворањето на отворениот пазар во трговски центар и паркинг. И сето ова спротивно на Законот за Скопската Чаршија каде пазарот е во рамките на контактната зона на Скопската чаршија и каде се забранува зголемување на габаритот на објектите, изградба на објекти кои ќе загадуваат, исто така забрaнети се градежни работи без претходни археолошки истражувања.

„Во контактните зони на Старата скопска чаршија не смее:
Во непосредна околина на Старата скопска чаршија да се градат објекти чија локација, габарит и изглед непосредно влијаат на Старата скопска чаршија и да се обликуваат отворените простори на начин на кој ќе се деградира или нагрдува автентичноста на Старата скопска чаршија и на заштитеното подрачје во целина“, стои во член 8, став 4 и 5 од Законот за заштита на чаршијата.

Над двеста пазарџии поради ова сега се оставени без работа. Работа која барем обезбедувала гола егзистенција, а истовремено Бит пазар го задржувал духот со неговата шареноликост. Продавачите на цвекиња пред четири дена биле избркани со полиција од своите локации коишто некои од нив ги држеле повеќе од 35 години. Ним не им била обзебедена друга локација, туку им било понудено место зад поликлиниката Бит Пазар, но за нив оваа локација е тотално непрофитна и неиздржлива за нивниот скромен бизнис.

Пазарџиите сега преку протести бараат од Град Скопје и општина Чаир да им се реши нивната ситуација. Претходно им биле нудени алтернативни места во Бит Пазар, но секој што бил таму, можел да се увери дека таму едноставно, нема толкав простор. Тие сега се притиснати и немаат каде да одат. Немаат друг избор освен да блокираат патишта, да се надеваат дека ќе добијат поддршка и солидарност од граѓаните на Скопје, а властите да го решат овој проблем во нивна корист.

„Немаме каде да одиме, нашата судбина е во нивни раце, но изгледа тие не разбираат дека сме оставени за никаде. И за нас не е лесно овде да седиме 24 часа.

Сите зависиме од оваа работа. Имам седумчлено семејство, сите од ова место обезбедуваме јадење. Не сакаме да правиме проблеми, само бараме решение. Нека ни’ најдат тезги, сакаме да продолжиме со работа.

Ни рекоа дека има слободни тезги во Бит Пазар, но внатре нема слободни тезги. Само не’ лажат. Ќе продолжиме да протестираме се’ додека не ја исполниме целта. Имавме средба со претседателите на  Општина Чаир и Град Скопје, но залудно. Ќе продолжиме да протестираме“,  велат трговците од Бит Пазар.

Обезличувањето што го врши компанијата Скопски пазар на едно од најпрепознатливите места во Скопје преку градењето на деловен простор, згради и паркинг е во суштина класен анти-работнички проект во којшто капиталистите од Скопски пазар заедно со полтичарите сакаат да создадат вишок вредност (профит) преку реинвестирање на вишокот на вредност што веќе го имале. Тоа е таа добропозната експанзионистичка, фетишистичка логика во постојниот економски систем. Работниците, во случајов пазарџиите, се препрека до профитот бидејќи првобитната функција на пазарот којашто е од огромно значење за целиот град не отвора можност за огромни профити. Со додавање на нови функции на пазарот се отвора патот кон потполна приватизација на пазарот и отстранување на работниците и граѓаните во одлучувањето за неговата иднина.

Но, ова е само една од борбите за правото на градот во неолибералниот капитализам каде се минимизира  „обликувачка моќ над процесите на урбанизацијата, над начините на кои се градат и обновуваат нашите градови“ што би рекол професорот Дејвид Харви. Случајот со Бит пазар ја доловува поврзаноста на работничките права со она за правото да одлучуваме за градот. Последните три децении намалувањето на работничките права кореспондира со намалувањето на правото на граѓаните да одлучуваат за својот град. Борбата за хумано и солидарно Скопје мора да биде дел од борба против експлоатацијата на работникот и обратно.