По кои критериуми газдата на штипската конфекција бара од отпуштените 9 работнички оштета од по 3.295 евра, кога нивната плата е најчесто минимална, односно 9.590 денари

Текстилните работнички најчесто работат за минимална плата, којашто во нивната индустрија моментално изнесува 9.590 денари

ШТИП, 04.09.2017 – Девет штипски текстилни работнички останаа без работа, поради тоа што го искористиле своето право на одмор за време на државен празник. Работодавецот не само што не ги примил на работа и усно им дал отказ, туку на нивните домашни адреси испратил писама со барање да платат оштета по 3.295 евра, бидејќи не дошле на работа на државен празник, со што пак наводно ја оштетиле фирмата

Девет штипски текстилни работнички останаа без работа, откако не се појавиле на своите работни места во понеделникот на Денот на успение на Пресвета Богородица, празник, којшто спаѓа во календарот на државни празници во Република Македонија за граѓаните со православна вероисповед. Работничките за телевизија Телма тврдат дека, претходно им било кажано оти, на овој ден нема да се работи, но подоцна од нив усно било побарано само тие да се појават на работното место. Работничките не се појавиле на работа, на денот на празникот, а утредента, кога дошле пред вратата на фабриката влезот им бил забранет, по што добиле устен отказ.

Овие текстилни работнички случајот го пријавиле во здружението на текстилни и кожарски работници „Гласно“, коешто веќе реагирало и до надлежните институции.

Освен тоа што после 15 години работен стаж, овие работнички добиле отказ без причина, од својот поранешен газда добиле и писма, коишто на нивните домашни адреси пристигнале пред неколку дена. Од нив се бара да исплатат оштета на фирмата од по 3.295 евра, бидејќи не дошле на работа на државен празник.

Борецот за социјална правда и работнички права и член на Президиумот на партијата Левица, правникот, Дејан Лутовски, вели дека, кога работниците мора да работат за време на празник, поради потреби на производниот процес, работодавачот е должен за тоа да го извести подрачниот инспекторат за труд, согласно Законот за работни односи (ЗРО).

„Тој тоа не го сторил. Дополнително, тој првично ги известил вработените да не доаѓаат на работа, за подоцна да им каже дека мораат да дојдат. Нејасно е, на кој начин и по кои критериуми е проценета штетата, која работодавачот ја бара од работничките. Да биде дрскоста поголема, тие работнички најчесто работат за минимална плата, која во нивната индустрија моментално изнесува 9.590 денари“, потенцира Лутовски.

Од здружението „Гласно“ изјавија дека, поднеле претставка до трудов инспекторат со потврда од сите работници во врска со настанот, а исто така поднеле и тужбени барања за процесирање на незаконскиот прекин на нивниот работен однос.