(Видео/Фотогалерија) Планираниот коп во Иловица веќе копа во мирот на селаните

 

ИЛОВИЦА/ШТУКА, 31.07.2018 – Иловица е струмичко село во подножјето на планината Огражден кое во изминатиот период е често спомнувано поради потенцијалното отворање на рудникот што виси како Дамоклов меч над главите на селаните. Асфалтните патишта кои се дотраени или станале земјени се првото нешто што се забележува при влез во селото кое брои околу 2000 жители сместени во 600 до 650 куќи. Речиси споено со ова село е селото Штука, кое брои околу 700 жители, а коишто се засегнати со скоро истите проблеми како и жителите на Иловица. Најгорливиот проблем за овие жители како и за целата струмичка котлина моментално е опасноста од отоврање на рудникот за ископ на злато и бакар во Иловица.

Најголем дел од луѓето во овие села, околу 90 % се занимваат со земјоделие  и тоа често е нивниот единствен приход. Се жалат дека се доцни со исплаќање како и за ниските цени. Останатите работат како обезбедување, келнери, или во струмичките текстилни фабрики за плата не поголема од 200 евра.

За развојот или пропаста на селото ги обвинуваат партиските елити кои доаѓаат  во селото само кога им требаат гласови. Често жителите се чувствуаат како да немаат моќ и дека никој не ги прашува за што и да се случува тука, таа улога им припаѓа на партиските кметови кои примаат инструкции од партиските јадра.

Најголем дел од луѓето веруваат дека ако се отвори рудникот загадувањето е неизбежно, и тоа на секое поле – почва, вода и воздух.

„За воздухот, сите се фаќаат за прашината, а никој не го спомнува загадувањето од камионите и багерите што ќе трошат огромни, невидени количини на нафта. Плус, цела шума ќе ни ја исечат. Овде не ќе може да дише!“, ни кажа низ гнев еден од селаните со кој поразговаравме.

Контаминирањето на водата е исто така легитимен страв на селаните. Тие се сомневаат дека и моменталната вода за пиење е загадена, а уште повеќе ќе се загади ако проработи рудникот.  Селаните веруваат дека браната која е во близина на Иловица и која снабдува 15 околни села со вода, не може да остане иста ако се отвори толкав рудник.

 

„И сите знаат, а никој не зборува за бушотнините за тестирање за загадувањето на водата што ги прави инвеститорот Еуромакс Рисорсис во селото.  Сигурно немаат дозвола, ама ете бушат насекаде“, истакнува жител на селото кој сакаше да остане анонимен.

Уште еден жител на Иловица кој исто така сакаше да остане анонимен, рече дека знае многу добро колку штета ќе направи работата на еден ваков рудник, бидејќи и самиот работел таму една година кога се бушело. Напуштил поради своето здравје, затоа што се работело, како што рече, со разни хемикалии.

Ридот во Иловица кадешто е планирано ископ на руда

 

 

Рудникот Бучим

Голем дел од жителите на Иловица избегнуваа да дадат изјава јавно затоа што не сакаат да се изложуват на опасност која потенцијално може да има било какви последици врз нив, а освен тоа ним им изгледа дека „двете партии се на иста страна околу судбината на рудникот“.

Како што ни’ изјави еден од жителите на Иловица, кој не се плашеше да зборува пред камера: „нека има рудник, ама нека дојдат Заев и Груевски тука да живеат, а ние да одиме на нивното место“.

Еуромакс Рисорсис работи без концесија

За тоа дека и оваа власт е на страната на рудниците како и претходната покажува фактот што концесијата на инвеститоторот Еуромакс Рисорсис е истечена уште во јули 2016 и поради нецелосна  документација се’ уште не им е продолжена. Според нашите закони предвидениот рок за одговор е 30 дена, но Еуромакс се’ уште го немаат добиено, што значи дека државните институции го кршат законот, а Еуромакс работи без концесија.

Исто така, методите кои прво ги најави Еуромакс за добивање на бакар и злато од рудата беше со користење на цијанид и сулфур диоксид. Нивната студија беше базирана на тоа. Но, по за нив неочекувната борба од страна на еко активистите, најавија дека ќе ја напуштат таа техника и ќе користат побезбедна „индустриска пена“, нешто што владата веднаш го прифати како аргумент. Од оваа ситуација се поставува прашањето, како е можно со целосна промена на техниката да не се бараат нови студии за ефектите за околината, а тоа да биде механички прифатено од владата?

Моноспитовско блато

Прашања и простор за сомневање има многу, и тоа селаните на Иловица добро го знаат. Го знаат и Моноспитовско Блато – единственото мочуриште во Македонија кое се наоѓа десетина километри од Иловица и е прогласено за споменик на природата уште во 1986 година. Таму се наоѓаат ретки видови на животни и птици – блатната желка, скулаповиот смок и огромната бела чапја.

 

Ова е документирано и сите го знаат добро, но судбината на блатото заедно со целата иднина на Иловица е во голема неизвесност. Сиромаштијата и желбата за подобра егзистенција натера дел од жителите да ја прифатат полесно оваа опасна идеја за рудникот, други не веруваат дека ќе има загадување, а пак трети се’ уште имаат надеж дека рудникот нема да се отвори.

Но, едно е сигурно – што и да се случи со планираниот површински коп во Иловица, тој веќе почнал да копа во мирот на селаните.

ГАЛЕРИЈА