(Видео интервју) Петрос Цангарис: „Македонија не треба да го менува името, НАТО треба да се самоукине“

СКОПЈЕ, 12.03.2018 –  Грчкиот новинар Петрос Цангарис смета дека Република Македонија не треба да го менува своето име. Според него било каква промена на името ќе значи закана од војни на Балканот. Тој упатува повик до сите работници во Грција и регионот, да не потпаѓаат под влијание на масовините медиуми, односно да ги заборават буржујските и националистички бесови и да се соочат со своите вистински проблеми, а тоа конкретно во Грција се наметнатите мерки на штедење против самите нив.

„НАТО беше креиран за да го конфронтира Советскиот Сојуз. Тоа претставува опасна воена машинерија“, смета Цангарис.

Тој потенцира дека НАТО треба да се самоукине, бидејќи веќе го нема „непријателот“, односно Советскиот сојуз и источниот блок.

Исто така тој нагласува дека НАТО води агресивни а не одбранбени војни. За тоа дека НАТО не е решение за безбедноста и мирот Цангарис го посочува примерот со основачките членки на овој воен пакт, Грција и Турција.

„Имате случај на опасност од војна во секој момент, опасност која ќе има многу лоши резултати за луѓето од целиот Балкан, а не само за грците и турците“, вели Цангарис.

Европската Унија (ЕУ) според Цангарис изгледа по мирољубива за разлика од НАТО, но во суштина таа не ги обединува туку ги разединува луѓето.

„Неолибералната политика иако изгледа мирољубиво и како да ги обединува луѓето во Европа, сепак во реалноста тоа не е политка на мирољубивост и не обединува воопшто“, истакнува тој.

Грчкиот национализам, односно грчкиот капитализам е еден од најсилните во регионот, смета Цангарис.

„Како револуционер од Грција прва задача ми е да се борам против грчкиот национализам, посебно против оној кој е усмерен кон Република Македонија. Со тоа што би го поддржал правото на луѓето од Македонија да се нарекуваат по своето уставно име. Ова е итно решение коешто треба да се наметне, „Македонија да биде призната по нејзиното уставно име““

Цангарис појаснува дека само на овој начин би се запрела заканата од војни на Балканот. Тој упатува повик до сите работници во Грција и регионот, да не потпаѓаат под влијание на масовините медиуми, односно да ги заборават буржујските и националистички бесови  и да се соочат со своите вистински проблеми, а тоа конкретно во Грција се наметнатите мерки на штедење против самите нив.

Во прилог следи целото интервју за Гласник со Петрос Цангарис.

 

Петрос Цангарис е новинар и член на Интернационалистичка работничка левица – ДЕА, којашто е дел од партијата Народно Единство, а којашто пак се оддели од Сириза во 2015 година, кога раководството на Сириза го погази референдумскиот резултат и реши да ги прифати мерките за штедење. Цангарис е дел од уредничкиот тим на весникот Ergatiki Aristera (Работничка левица) на ДЕА, а исто така работи како професионален новинар во Атинско – македонската државна новинаска Агенција во Атина.

Цангарис во Македонија како говорник учествуваше на трибината на тема „Грција – Македонија, товарот на името, којашто ја организираше политичката партија Левица на 5 март.

Авторка: Сенада Ибраимова