(Видео) Пазарџиите од Бит пазар продолжуваат со протести и блокади

СКОПЈЕ, 16. 05. 2018 – Денеска, пазарџиите од Бит пазар продолжија со протести и повторно го блокираа булеварот Крсте Петков Мисирков. Се бунат поради тоа што државата им оневозможува да продолжат да продаваат на истото место кадешто претходно продавале, а со тоа им се загрозува личната егзистенција.

„Немаме леб да јадеме“ беше реченицата којашто ја изговараа скоро сите пазарџии денеска на протестот на Бит пазар. Со загрозена лична егзистенција и големо разочарување од партиските пазари, тие се собираат секојдневно на истата локација да изразат незадоволство и гнев кон уредувачите на државата.

„Политичарите пред избори доаѓаат и бараат од нас гласови, ветуваат многу, на крај секогаш испаѓа старата песна“ беше изјавата на еден од протестирачите. Тој смета дека политичките пазари коишто ги прават политичарите одат само на штета на граѓаните а никако во нивна корист. Особено доколку се земе предвид дека најслабите и економски исклучените кои немаат можност за социјална реализација остануваат најлесниот плен на политичките предизборни ветувања.

„Ние сме 200 пазарџии, но, сите имаме минимум по 3-4 членови во семејствата, значи минимум 800-1000 души сме оставени на милост и немилост на државата. Особено во овој период, кој за нас муслиманите е доста важен, затоа што денеска започнува Рамазан. Што да им однесеме ние дома на нашето семејство?“ со гнев изјавуваа денеска загрижените и изморени пазарџии.

Тие ја повикуваат владата и политичките партии со сите нивни експозитури и градоначалници коишто имаат некакви надлежности, да реагираат и да им излезат во пресрет. Немаат намера да престанат со протести и со окупирање на тој дел од градот, иако во овој период веќе се започнати постите и временските услови ќе го отежнуваат нивното дејствување.

„Нека ни’ обезбедат некое решение, било исплаќање било легализација на местото, што било, не е проблем. Како што други можеа државните сопствености да ги легализираат, ние не сме граѓани од втор ред нели? (…) Или нека дојде кој било политичар и да ги замениме работните места со мене и со другите. Тој нека седи тука, јас ќе станам политичар.“ истакна еден од протестирачите пред камерата на Гласник.

Изненадени се од односот на медиумите коишто не сакаат да им отстапат простор во емисии и дебати за да можат да ја прикажат својата борба и своите проблеми на целата јавност. Со тоа, тие сметаат дека би се разбиле некои манипулации во јавноста коишто на некаков начин се проширени. Не се плашат од дебата со претставниците на институциите и на останатите креатори на овие проблеми коишто на директен начин ги засегаат овие луѓе.