„Павилјон број 6“ (Извадок) – Антон Чехов

Сцена од претставата „Павилјон број 6“ во изведба на тетовскиот театар

„Павилјон број 6“ претставува расказ на новелистот и драмскиот писател Антон Чехов. Чехов работел како општ лекар во Воскресенска, меѓутоа, на руската, но и на светската јавност и станува познат по кратките раскази и драмските текстови.

Павилјон број 6 е еден од најмаркатните раскази во опусот раскази на Чехов. Расказот го следи животот на еден лекар (Андреј Ефимич) и неколкумина пациенти во болницата. Во Павилјонот број 6 се затворени „лудите“. Условите во павилјонот се под сите норми, мириса на амонијак и расипана расолница.  Односот на претпоставените е крајно индиферентен. Едно од главните прашања, коишто ги поставува расказот е прашањето: „Кој е тука луд, тие кои се различни и сместени во ова место поради различноста или оние коишто ги сместуваат овие луѓе тука под изговор на рационалноста и повикот за игнорирање на страдањата?“

Во продолжение следува извадок од расказот „Павилјон број 6“, еден мал дијалог помеѓу Андреј Ефимич и Иван Дрмитрич (пациент).

 

„-Да претпоставиме дека спокојството и задоволството не се надвор од човекот, туку во самиот него, – рече. – Да претпоставиме дека треба да се презира страдањето и дека на ништо не треба да се чудиме. Но, врз основа на што го проповедате вие тоа? Да не сте мудрец? Философ?

-Не, јас не сум философ, но тоа секој треба а го проповеда, зашто е умно.

-Не, јас сакам да знам зошто вие, кога е прашање осознавањето, презирањето на страдањата и слично, се сметате за компетентен? Зарем сте страдале некогаш? Зарем имате поим за тоа што е страдање? Дозволете, ве тепале ли како дете?

-Не, моите родители чувствуваа одбивност кон физичките казни.

-А мене татко ми без милост ме тепаше. Беше суров, имаше мајасил, долг нос и жолт врат. Но, да зборуваме за вас. Во целиот ваш живот никој ни со прст не ве пипнал, никој не ве плашел, не ве удрил; здрави сте како бик. Сте растеле под закрила на таткото и сте учеле на негова сметка, а потоа веднаш сте се грабнале за синекура. Повеќе од дваесет години сте живееле во бесплатен стан, стоплен, осветлен, со прислуга, имајќи притоа право да работите како и колку ви се присака, па макар и ништо да не правите. По природа сте мрзлив и слабичок човек, па затоа сте се труделе така да си го нагодите животот, за ништо да не ве безспокои и да не ве креза од место. Работата сте си ја предале на помошникот и на другата тајфа, додека вие сте си седеле на топло, во тишина, сте збирале пари, сте почитнувале книги, сте се насладувале во размислувања за различни возвишени глупости и (Иван Дмитрич погледна во црвениот нос на лекарот) сте си потпивнувале. Со еден збор, не сте виделе ништо од животот, вие апсолутно не го познавате, а со стварноста сте познати само теоретски. А ги презирате страдањата и на ништо не се чудите од многу проста причина: суетата над суетите, надворешното и внатрешното презирање на животот, страдањата и смртта, осознавањето, вистинското богатство, – се` е тоа философија, што најповеќе му лежи на рускиот дембел.

Ќе видите, да кажеме, како селанецот си ја тепа жената. Зошто да се мешаш во таа работа? Нека ја тепа, сеедно – обајцата ќе умрат, порано или подоцна; а освен тоа, тепачот не го навредува со ударите онега што е долу, туку самиот себеси. Да пиеш е глупо, недостојно, но, и да пиеш и да не пиеш – пак ќе умреш. Ќе дојде селанка, ја болат забите… Е па што? Болката е претстава за болката, а освен тоа без болести не се живее на светов, умирачката е за сите, та затоа жено оди си, не ми пречи да мислам и вотка да пијам. Млад човек бара совет, што да прави, како да живее: пред да одговори, секој друг ќе размисли, а тука веќе одговорот е готов: стреми се кон осознавање на животот или кон вистинското богатство. А што е тоа фантастично „вистинско богатство“? Одговор, се разбира, нема. Не` држат тука зад решетки, не` скапуваат, не` мачат, и тоа е прекрасно и умно, зашто меѓу павилјонов и топлиот пријатен кабинет нема никаква разлика. Удобна философија: и нема зошто да се работи, и совеста е чиста, и мудрец се чувствуваш…. Не, господине, тоа не е филозофија, ни мислење, ни широчина на погледот, туку мрзливост, самоизмама, летаргија… Да! – пак се разлути Иван Дмитрич. –Го презирате страдањето, а да ви го пригмечи прстот вратата ќе зарикате на цел глас!“

| 2017-07-04T10:18:28+00:00 4 јули 2017|Култура, Некатегоризирано|