Патот на Република Македонија (Од мултиетничка во бинационална држава)

 

 

1. Националисти, популисти и евроатлански опортунисти

Уставот на РМ се менуваше преку уставни амандмани (IV до XVIII) кои беа предвидени во одредби на Рамковниот договор кој беше последица или беше виден како решение за конфликтот/војната од 2001 година. Амандманот VI ја дополни алинеја 2 на членот 8 од Уставот на РМ, со „соодветна и правична застапеност на заедниците во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“. Ова дополнување теоретски беше претставено како напуштање на концептот на граѓанска држава и воведување концепт на мултиетничка држава, нешто што како заложба е сосема во ред и е прогресивно, се стреми за еднаквост и правичност. Но  потребата по секоја цена да се задоволи овој принцип (што укажува секогаш повторуваното барање за доследната бројка рамковни вработувања), во комбинација со хегемонот на партиската држава, форсира превласт на етничко-партиската припадност.

Уставот доби нова содржина, а Р. Македонија остана и натаму да се декларира како социјална држава која гарантира цел корпус социјални права и чија темелна вредност (меѓу другите) и е социјалната правда и солидарноста. И покрај тоа, главните политички фактори (ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ) и натаму својот легитимитет го влечат од позиционирањето спрема етничките прашања, претставувајќи се како големи националисти или прогресивци. Неспособни и безволни да ги решаваат социо-економските проблеми, тие веднаш прибегнуваат кон рапсравање на етничките прашања, наместо социјалните.

На последните парламентарни избори,  видливо беше масовното губењето на довербата и поддршката на владејачката ДУИ кај албанското население. Делегитимирањето на ДУИ како политички фактор и борец за „албанската кауза“ се отслика и со појавата и растот на нови политички партии во албанскиот блок. Оттука, интересот на ДУИ од донесувањето на овој закон лежи во намерата, преку манипулација со етничките чувства на Албанците, да си го поправи урнисаниот углед и примат меѓу албанските гласачи, а законот понатаму да го претставува како огромен политички успех, со што на подолг рок би ја стабилизирала својата опаѓачка популарност. На овој начин, ДУИ се обидува да го тргне фокусот од горливите социјални и економски проблеми, како и нефункционалните институции кои се секојдневие и реалност за повеќето албанци (како и сите други граѓани) во државата, за чиешто решавање ДУИ не презема ништо.

ВМРО – ДПМНЕ, нокаутирано на последните локални избори, е во натешка позиција. И натаму сервилни кон НАТО пактот, оваа партија сега внесува забуна меѓу своите поддржувачи, од една страна глуми конструктивна опозиција спрема власта која преговара со Грција за името на државата и ја охрабрува да го реши спорот со цел Македонија што побргу да стане членка на НАТО, а од друга страна, не сака целосно да го изгуби приматот на „партија за македонско национално единство“, па во Џери Спрингер шоу пред два дена Груевски демек физички ќе се пресметуваше со Талат Џафери, кога овој на насилен начин реши да го прогласи Законот за јазици за усвоен.

Од друга страна, подемот на довчерашните соработници на ВМРО – ДПМНЕ е вртоглав. Овие национал-популисти ги користат своите 5 минути како да му се додворат на македонскиот народ, со цел повторно да се дограбат до пратеничко столче. Кратката меморија на народот им оди во прилог…

СДСМ води сервилна надворешна политика, раководена од афирмацијата на националистичките тенденции во соседните држави. Сè поизвесната промена на името на државата, заради поскоро зачленување на Македонија во воениот сојуз НАТО, води до неизбежна загуба на дел од македонското гласачко тело од страна на СДСМ, нешто што се обидува да го компензира со приближување до албанското гласачко тело преку површна популистичка реторика.

2. Лажни приоритети

Според уставните измени во 2001 година и новиот Закон за употреба на јазиците од 2018 година, може да се донесе заклучок дека меѓуетничките односи во Р. Македонија биле главна причина за незадоволство што предизвика конфликт/војна пред 17 години, а денес и натаму ги дели македонците и албанците на два непомирливи табора.

Сепак, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во истата 2001 година дојде до поинакви резултати за тоа што ги револтира и што ги прави несигурни граѓаните на Р. Македонија. Резултатите покажаа поголеми изгледи на опасност од социјален, а не етнички конфликт, несигурност поради социјалниот статус, а не поради меѓуетничките односи. Така, според оваа анкета, на прашањето „Што ги прави граѓаните несигурни?“ 57,2% одговориле дека доминантен фактор на несигурност е невработеноста; за 16% тоа се ниските приходи во семејството; за 6,2% тоа е слабата социјална сигурност, а за само 5% од анкетираните доминантен фактор на несигурност се меѓуетничките односи.

Денес, кога во фокусот на вниманието е насилно донесениот Закон за употреба на јазиците, погледот на граѓаните спрема тоа што ги интересира и оптеретува најмногу, е речиси ист како пред 17 години. Во јавноста, и натаму се форсираат меѓуетничките односи како главен проблем, иако Анкета на ИРИ од август 2017, повторно како во 2001 година, покажа дека социо-економските проблеми треба да бидат на врвот на приоритетите на секоја власт во Р. Македонија, доколку власта и натаму тврди дека го слуша народот.

Насилното носење на Законот за јазиците се оправдува дека тоа е услов за „евроатланската перспектива“ на Македонија. Видно од резултатите на анкетата на ИРИ од 2017 година, веднаш забележлива е тиранија во интерес на заблудени 9% за кои приоритет биле овие интеграции. Планот 3 – 6 – 9 е во својот 9-ти месец од својата реализација. Започнат врз легитимитет даден од само 9 % од населението, овој план овозможи насилна конститутивна седница на Собранието и насилно гласање на новиот Закон за употреба на јазиците. Резултатот не е покана за влез во НАТО или ЕУ, туку резултатот е уште поголема поделба меѓу останатите 90% за кои и натаму социо-економските прашања се приоритет. Р. Македонија воедна од овие НАТО/Еурофили се движи кон амбисот на 2001та…

Автор: Зоран Василески

| 2018-03-16T10:24:06+00:00 16 март 2018|Актуелно, Став|