Општина Босилово ќе одржи Седница во врска со одржување на референдум против изградба на рудникот „Иловица“

20.07.2017 – Денес Општина Босилово треба да одржи седница на Советот, откако пред два дена, граѓанската иницијатива „Спас за струмичката котлина – Стоп за рудникот Иловица“ ги собра потребните потписи за валидизација на иницијативата за распишување на референдум и ги достави до канцеларијата на Државната изборна комисија во Струмица, во општинските служби.

Од иницијативата изјавија дека, собрале по 115 потписи за Босилово и за Ново Село. Тие наведоа дека, при предавањето на потписите кај локалните власти, одржале многу важни и конструктивни состаноци со градоначалниците, претседателите на советите, како и со претставници на Општинската изборна комисија.

„Имаме увид во ситуацијата и препознавме позитивен пристап и слух за барањата на граѓаните од страна на локалната власт. Се договоривме во иднина да соработуваме и да имаме конкретни чекори“, наведоа од иницијативата.

Општина Босилово денес треба да одржи седница на Советот, а постапките се очекува да одат по скратени рокови.

„Им предочивме на претставниците на граѓанската иницијатива, дека можни датуми за одржување на референдум на кој треба да се изјаснат дали се за или против изградба на рудникот Иловица, се 3, 10 или 17 септември. Со оглед на законските рокови и решенија, дека референдумот треба да се одржи најмалку 25, а најмногу 45 дена од стапување на сила на правосилноста на одлуката на советот за распишување. Со оглед на нашиот став, граѓаните да го кажат својот последен збор, ние ќе одиме по скратени рокови“, изјави  градоначалникот Колев.

Во последниот период се’ почести се локалните граѓански иницијативи, коишто се формираат со цел спречување на изградба на рудници во одредени делови на државата. Досега, покрај „Спас за струмичката котлина – Стоп за рудникот Иловица“, „Здрава котлина“, беа формирани и „Спас за Валандово“, „Спас за Богданци“, како и најново формираната локална граѓанска иницијатива „Спас за Козјачија“, којашто се бори против изградба на рудник во општина Старо Нагоричане, Кумановско.

Успешен референдум, кадешто повеќето од граѓаните кажаа „НЕ“ за изградба на рудници беа спроведени во Гевгелија и Богданци, а на 23. јули ќе се одржи ваков референдум и во Дојран, додека пак на 20. Август референдум ќе се одржи во Валандово.

На обележаниот дел со црвено може да се види во кои оштини се планира да се градат рудници, доколку граѓаните не кажат „НЕ“.

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T07:47:23+00:0020 јули 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|