Охриѓани протестираат против насилна хиперурбанизација на охридското крајбрежје и националниот парк Галичица

Фото: sdk.mk

ОХРИД, 04.08.2017 – Денес во 12 часот, во Охрид, пред градилиштето на спорниот хотел во населба Лагадин и во непосредна близина на планираната локација за скандалозната Медитеранска плажа, ќе се одржи протест, организиран од страна на група револтирани охридски граѓани

Целта на овој протест е, одбрана на Лагадин и охридското крајбрежје од понатамошната урбанизација и дебастација. Како што пишуваат организираните граѓани во поканата на фејсбук покрај тоа што причината за овој мирен протест е изградбата на спорниот хотел, сепак протестот има за цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сите обиди за уништување на крајбрежјето, езерото и Националниот парк Галичица. Ова уништување, според нив, најчесто се прави зад превезот на развој и унапредување на туризмот.

„Ги повикуваме сите оние, кои не се согласуваат со урбаното, еколошко, звучно и секакво друго насилие врз охридскиот регион, да дојдат и заедно со нас, преку еден симболичен чин, гласно да ги повикаат добрите духови на езерото и планината, во одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и крајбрежјето“, стои во поканата на фејсбук.

Граѓаните бараат, да се заборави еднаш и засекогаш, како што велат, на лудата идеа за изградба на хотелски ресорти во Градиште и Љубаништа, како и експресен пат на Галичица.

 

Здружените граѓани, потсетуваат на важноста на ова подрачје, како обележје на државата, коешто е заштитено со УНЕСКО статус и упатуваат апел до надлежните.

„Преку овој протест, бараме неотповикливо поништување на дозволата за изградба на спорниотхотел и негово уривање, повлекување на плановите за Медитеранска плажа, да се заборави еднаш и засекогаш лудата идеа за хотелски ресорти во Градиште и Љубаништа и експресен пат на Галичица. Бараме прогласување на мораториум на градењето на објекти со цврста градба долж крајбрежјето, до целосното преиспитување на досегашната стратегија заснована на идеата за негова хиперурбанизација и хиперурбанизиран масовен туризам и донесувањето на нова стратегија

Тие бараат прогласување на мораториум на моменталното градење на објекти со цврста градба долж крајбрежјето, како што велат, до целосното преиспитување на досегашната стратегија, којашто според нив е заснована на идеата за хиперурбанизација и хиперурбанизиран масовен туризам. Исто така, бараат донесување на нова стратегија за одржлив развој.

„Оваа стратегија ќе овозможи трајна заштита и амбиентални вредности на охридскиот регион, во прв ред преку оневозможување на неговото натамошно затрупување со нови објекти од цврста градба и отстранување на започнатите, веќе оспорени градби. Потоа, развивање на концептите за развој на алтернативниот туризам и еколошки заснован јавен транспорт, со цел трајна заштита на охридскиот регион“, се вели во поканата.

Граѓанската иницијатива Охрид SOS, дава целосна поддршка во ваквото самоорганизирање на граѓаните и повикува сите кои се во можност да се придружат. Тие потенцираат дека, богатсвото кое го имаме нема само да се чува, туку оти, тоа е должност на секој граѓанин и оти не смее да се бега од таа одговорност.

| 2017-08-04T09:36:21+00:00 4 август 2017|Актуелно, Вести, Економија|