„Огражден, Беласица, Кожув и Дојранско Езеро да се прогласат за национални паркови“

Јужните падини на Огражден кон с. Иловица

СТРУМИЦА/СКОПЈЕ, 27.02.3028 – Членови на еколошки организации и неформални иницијативи од југоисточниот дел на Македонија започнуваат регионална инцијатива за прогласување на планинските комплекси Огражден, Беласица и Кожув, но и Дојранското Езеро за национални паркови. Во оваа кампања влегуваат сите организации и иницијативи кои во последниот период се активни против рудниците – Спас за Валандово, Спас за Гевгелија, Дојран, Богданци, Здрава Котлина од Струмица, како и еколошките друштва Полимат 13 Богданци и Еко долина од Ново Село. Токму оваа одлука е дел од стратегијата против отворањето на т.н. рудници на смртта во овој регион.

Со прогласување на планинските комплекси Беласица, Огражден и Кожув, како и Дојранско езеро за национални паркови, не само што законски се елиминира сегашната и каква било идна закана од отварање на рудници и тешка загадувачка индустрија, туку се отвораат и големи можности за економски развој на овој регион, преку планско развивање и унапредување на еко-органско производство на храна, селско-планински туризам и други дејности, кои  Југоистокот ќе го  направат стратегиски македонски бренд во меѓународни рамки.

Беласица, планината на костените и водопадите

Во Македонија моментално постојат три национални паркови – Пелистер, Маврово и Галичица, а во тек е разгледувањето за прогласување на Шара за четврт национален парк. Иако постапката за имплементирање на ваквата одлука за национален парк во Беласица, Огражден и Кожув може да трае со години, активистите се решени да истраат во својата намера.

Рудниците на смртта ги уништуваат шумите

Ако иницијативата за прогласување на нови национални паркови успее, ќе се заштити и шумскиот дел на југоистокот од сеча која моментално е во тек поради изградба на рудниците. Редакцијата на Гласник побара информација од јавен карактер од јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ – Скопје, во кое се вели дека за потребите на рудникот „Иловица“ – Струмица досега е извршена сеча на 62 хектари шума, а согласно концесијата треба да се посечат 834 хектари шума. Ваквото обесшумување додатно го зголемува проблемот со рекордната аеро-загаденост во Струмица која беше измерена изминатиот месец.

Исто така, шума од 1.500.000 метри кубни букови дрва на површина од 3.000 хектари се исечени за новиот рудник во Гевгелија кој требаше да почне да се гради, но граѓаните го спречија на референдум кој се одржа на 23ти април 2017 година со 98. 84 % гласа против.

Сеча на дрва за рудникот во Казандол

Според податоците на Институтот за светски ресурси  во Република Македонија од  2000-2012 година се уништени шуми со површина од 305 хектари, а во ист период, нови шуми покриваат само 108 ектари.

Во ваквите постапки со сечење на шумата се поставува прашањето кој дал дозвола за ваква масовна сеча; дали се претходно направени анализи за последиците од страна на соодветни институции и која е алтернативата на обесшумувањето, т.е. дали во Македонија има поодржлив систем за управување со шумите. Шумите кај нас се заштитени со закон кој вели дека тие мора да уживаат посебно внимание и заштита, но тоа кај нас очигледно не фунцкионира.

Шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита – член 2 од Законот за шумите.

Покрај складирањето на јаглерод, шумите учествуваат во регулирање на климата на планетата, ја пречистуваат водата, спречуваат ерозија, служат како еден вид на заштита од дождови, помагаат во подрачја кадешто има чести земјотреси и се живеалиште на низок дивеч кој полека ќе почне да исчезнува како резултат на уништување на неговиот природен хабитат.

Текст и фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T14:15:58+00:0027 февруари 2018|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|