„Нуркање под ѕвездите“ како своевиден Пркос

СКОПЈЕ, 18. 06. 2018 – „Нуркање под ѕвездите“ е настанот кој го организира Здружението Пркос во четврток. Станува збор за проекција на филмот „Океанска терапија“. Проекцијата ќе се одржи на терасата на Green House (Илинденска 94). Филмот се однесува на лице коешто е заболено од параплегија и кое успешно се бори со сите наметнати препреки во животот, вклучително и својата болест. На крај станува и светски шампион на адаптирано сурфање.

Здружението Пркос организира проекција на филм. Ќе се проектира наградуваниот филм „Океанска терапија“ познат и како „Devocean“. Со тоа, здружението дава уште една можност и отвора нов хоризонт за лицата со попреченост, но и за останатите граѓани да се сензибилизираат со нивните животи и со нивните реалитети.

„Филмот е искрена, топла и приемлива човечка сторија, чија траекторија прво ќе ве спушти на дното, па, со челичната воља на главниот лик, ќе ве крене на површината на светлината. Еднакво фасцинантен за сите возрасти, „Океанска терапија“ a.k.a „Devocean“ е сниман 2014 – 2015 г. на Бали, на плажите и во водите на Индискиот океан, со камерата на Патрис Рамос и буџет од 1.000 долари. Прикажуван е и наградуван на повеќе фестивали за океанска документаристика“, пренесуваат од Пркос.

Филмот се однесува на Бруно Хансен, трикратен светски шампион во адаптирано сурфање. Меѓутоа, пред воопшто да се закити со овие награди, тој успешно научи да се справува со својата параплегија.

Пркос е Здружение чии заложби и борба се однесува на позицијата и статусот на лицата со попреченост и нивно подобрување. Здружението се оформи на почеток на оваа година, а првиот настан го одржаа во март исто така оваа година.

Овој настан е втор по ред на Здружението Пркос, а ќе се одржи на 21 јуни, во 20:30 ч., на терасата на Green House (Илинденска 94), која е пространа и пристапна за корисници на колички.

|2018-06-18T14:11:18+00:0018 јуни 2018|Актуелно, Вести, Култура|