Ново ветување од Анѓушев за работниците од Еурокомпозит, рокот за исполнување е до 13 јули

СКОПЈЕ, 05.07.2018 – Работниците од Еурокомпозит прифатија ново ветување од владата на Република Македонија. Пред три часа вицепремиерот Кочо Анѓушев им ветил дека до следниот петок – 13 јули ќе им бидат исплатени по 30.000 денари од задоцнетите 18 плати на сите вработени, а оти во следниот период ќе се реши технолошкиот вишок на околу 130 од вработените. Работниците веќе ги собраа шаторите од пред влада и од утре ќе се вратат на работа.

За третото барање кое вооедно е и најтешко – да се исплатат сите 18 плати и заостанатите придонеси од 6 години, Анѓушев истакнал дека во наредните три месеци сигурно ќе се најде нов приватен сопственик на фирмата кој ќе ги подмири сите долгови кои изнесуваат вкупно 5 милиони евра.

Додека беше во тек состанокот, од Прилеп пристигнаа уште 50 колеги за да се омасови протестот пред влада, но и тие заедно со другите колеги се вратија за Прилеп. Работниците од пред три дена почнаа генерален штрајк, а утрово го блокираа  сообраќајот пред владата на РМ . Некои од нив протестираа на прилепските улици, а дел поставија шатори спроти владината зграда.

Вакво слично ветување добија и пред два месеци кога исто така протестираа пред владата. Работниците потенцираа дека ако и овојпат Анѓушев не си го исполни ветувањето следниот петок пак ќе постават шатори пред владата во Скопје.

Во јавноста се шпекулира дека владата ја остави на милост и немилост оваа фабрика, со цел да ја приватизира, а оти еден од заинтересираните за купување е токму вицепремиерот, Кочо Анѓушев.

Додека владата троши милиони евра за интеграции во воениот пакт НАТО, овие луѓе немаат ниту денар да го поминат месецот, ниту здравствено осигурување, за на крај да ја загубат и единствената фабрика која остана во општествена сопственост во Македонија.

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T14:33:58+00:005 јули 2018|Актуелно, Вести, Економија|