Новинарите непожелни на седницата на дисциплинската комисија за случајот на Инспекторот Ѓорѓи Илиевски – интегрален фејсбук статус на Васко Маглешов

Во прилог, го пренесуваме фејсбук статусот на новинарот на Макфакс Васко Маглешов, кој зборува за исклучувањето на новинарите од седницата на дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат. Денеска беше закажана седницата во која се расправа за инспекторот Ѓорѓи Илиевски и неговата неодамнешна пријава за незаконското унапредување во однос на научно-наставни звања на Министерот Арбер Адеми, но и на други функционери на ДУИ како Агим Нухиу и Сафет Емрули на Тетовскиот Универзитет. На седницата ќе се бара дисциплинска одговорност на Инспекторот Илиевски поради неговото изнесување на факти за предмети кои немаат конечност во постапката. Постапката е потегната од страна на Африм Саљиу раководител на секторот за високо образование.

Поштовани публикуме, денеска јавноста седеше на скалите во ходникот на Министерството, кога фиљан чоек од обезбедувањето од МВР ги замоли новинарите да ја напуштат зградата, дури траеше седницата на дисциплинската комисија која расправаше за инспекторот Ѓорѓи Илиевски, кој утврди незаконско унапредување на функционери на ДУИ, оти добил таква наредба.

Човекот од обезбедувањето ни рече: “Ми кажаа тргни ги новинарите”, по што со колегите ја напуштивме зградата и чекавме пред влезот. На излегување прашав дали може да се симнеме надолу со малиот лифт, рече дека тој е само за министри (sic)!

Претходно, портпаролот насмеано промрморе дека не му било јасно кој ги пуштил новинарите во зградата оти ќе имало изјава по седницата. Му реков, изјавата е едно, присуството на седницата е друго. И да. Не сме биле најавени. Види протокол, мајката! Небаре закажуваме аудиенција кај папата.
Па си велам, еве сега се најавуваме. Ама држава е ова, не е шала. Сетне портпаролот рекол дека било тесно и затоа не сме можеле да присуствуваме на седницата.

Кога ја прашав претседателката на дисциплинската комисија, врз основа на кој закон не им е дозволено на новинарите да присуствуваат на седницата, првин не сакаше да си го каже името и презимето, па фати да листа закони и на крај, откако не најде таков член, даде глупав коментар дека ќе имало изјава кога ќе завршела седницата. Инспекторот Илиевски бараше седницата да биде јавна за граѓаните да ги чујат сите аргументи.

Во пристојна држава, ова е попречување на извршување на професионалните задачи и непочитување на јавноста. На конфекциските умови местото не им е таму, а со протоколите од времето на социјализмот, нека си направат фишек за семки.

Срамота!

|2019-07-19T11:34:55+00:0019 јули 2019|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|