Нови докази дека силни синдикати помагаат во намалувањето на нееднаквост во приходите

Нови докази покажуваат дека синдикатите одиграле голема улога во намалување на нееднаквоста на приходите во САД, во декадите кога организацијата на работниците била силна.

Ова исто така покажува дека падот на моќта на синдикатите од 1960-тите наваму, што пак може да биде забрзано како резултат на една неодамнешна одлука на Врховниот суд, придонело да се прошири јазот помеѓу богатите и сиромашните.

Новите увидувања доаѓаат од една работничка студија „Синдикатите и Нееднаквоста во текот на 20-тиот век: Нови докази од анкетни податоци“, изработена од четворица економсти, Хенри Фарбер, Даниел Хербст, Илиана Кузиемско од Принстон, и Суреш Наиду од Колумбија. Тие заклучуваат дека синдикатите влијаеле на нееднаквоста во приходите дури и надвор од редовите на нивното членство.

Иако истражувачите не можат да го прецизираат точниот механизам кој е одговорен за ова, тие шпекулираат дека синдикатите индиректно помогнале платите да се зголемат во оние компании, каде раководството било исплашено дека работниците можат да се организираат. Синдикатите исто лобирале и за повисока минимална плата и вршеле притисок да не се зголемат платите на директорите. Тие лобирале за полесен пристап до здравствени услуги, како еден од клучните начини преку кои нееднаквоста во приходите може да му влијае негативно на целото општество.

Резултатите на истражувањето се особено релевантни во очи на одлуката на Врховниот суд за случајот на Јанус против Американската федерација на Државата, Областа и Општинските работници, донесена на 27 Јуни. Судот одлучи дека државите не смеат повеќе да бараат од јавните службеници кои се во синдикат, а кои патем избрале да не станат членови формално, да придонесуваат кон трошоците од колективното договарање. Ова сигурно финансиски ќе ги оштети синдикатите, и може да ја намали нивната веќе опадната моќ.

Нееднаквоста во примањата го започна својот стрмен подем во 1970тите. Економистите полемизираат за потеклото на овој тренд, а главните објаснувања спаѓаат во два различни кампа.

Доминантниот наратив, опишан во „Трката помеѓу образованието и технологијата“ на професорите Клаудиа Голдин и Лоренс Катз од Харвард вели дека научниот прогрес предизвикал наједуцираните работници да имаат предност низ „технолошката промена пристрасна на вештина.“ Теоријата продолжува со тоа дека компаниите ги зголемувале платите за оние работници кои најдобро можат да усвојат нови технологии, додека побарувачката за други работници стагнирала. Овој наратив е поткрепен со подемот на заработувачката на работниците кои имаат универзитетска диплома.

Но, друго објаснување за зголемената нееднаквост се заснова на ерозијата на минималните плати и падот на синдикатите. Економистите од овој камп потенцираат дека променетите норми, институции и политки, а не само сили на пазарот, се еднакво важни фактори во проширувањето на јазот помеѓу богатите и сиромашните. Оваа дебата има сериозни последици.

Ако силите на пазарот се главните виновници за растечката нееднаквост, тогаш најдоброто што можеме да го направиме, од економска гледна точка, е да се обидеме да создадеме заштита од тие негативни ефекти за неедуцираните работници преку „пост-пазарни“ политики како даноци и програми за социјална заштита. Но, ако институциите се оние кои се поважни, тогаш можеме да ја намалиме нееднаквоста со пазарно ориентирани политики кои, на пример ја креваат минималната плата, или го олеснуваат формирањето на синдикати.

Досега проучувањето за ефектот во нееднаквоста што го имаат синдикатите започнало во 70-тите, бидејќи не било возможно да се дојде до вистински податоци пред тоа. Но, да се раскаже вистинската приказна за тоа како подемот и падот на синдикатите влијаел на економската нееднаквост било тешко, бидејќи податоците биле ограничени на времето во кои синдикатите веќе се распаѓале.

Во оваа нова студија, четворицата академици истражувале тукушто достапни податоци од организацијата Галуп (Gallup), кои потекнуваат од 1930-тите, базирани на анкети на Американски домаќинства кои вклучуваат и прашања за политички убедувања, членство на синдикати, образование и приходи. Богата база на податоци од овие анкети е сега јавно достапна во Центарот Ропер при Универзитетот во Корнел.

Четворицата економисти макотрпно ги систематизирале податоците и кодирале стотици од овие анкети спроведувани во период од 90 години. Податоците го прикажуваат подемот и развојот на синдикатите за време на 30-тите и 40-тите, нивната моќност во 50-тите и 60-тите, и бавното опаѓање кое води до сегашноста.

Работниците во синдикати сега заработуваат 20% повеќе од оние кои не се заштитени од синдикати, а работат на слични работни места. Оваа поволност од синдикатите за среќа не опаднала од 30-тите навака.

Во овој период, најголемите придобивки од членството во синдикат оделе за најмалку едуцираните работници, кои пак, за возврат, го движеле подемот и падот на синдикалното членство. Во декадите веднаш по Втората светска војна, кога неедуцираните работници го формирале ѝрбетот на синдикалното движење, се забележува набрзо опаѓање на економската нееднаквост. Платите на работниците од малцинствата биле особено силни тогаш. Но зголемување на платите на ниско-едуцираните работници е само еден начин на кој синдикатите можат да ја намалат економската нееднаквост. Тие исто имаат влијание и на заработката на работниците кои не се нивни членови.

За да се доловат овие ефекти, истражувачите го прошириле фокусот за да ја вклучи целосната дистрибуција на работници и плати и надвор од оние типично синдикализирани работни места и индустрии. Резултатите покажале дека во 1930тите, повеќе синдикати значеле поголема еднаквост на приходите. Низ годините, во државите каде било поверојатно работниците да се синдикализираат нееднаквоста била помала. Морам и самата да признаам дека сум пристрасна приврзаничка на синдикатите. Ги имам лично посведочено нивните ефекти. Татко ми немаше завршено средно, но како синдикализиран механичар во Поштата на САД заработуваше солидно. Неговата синдикално поддржана плата, заедно со ниско платената работа на мајка ми, која не беше член на синдикат, финансираше куќа, кола, и католичко образование за сите три ќерки.

Пред да учам за економист, поминав 6 години како организатор, формирајќи синдикати за секретари, библиотекари и асистенти во лаборатории на Харвард и на Универзитетот во Минесота. Видов од прва рака како синдикализацијата им донесе зголемена економска сигурност на овие главно жени- работници, во облик на поголеми плати, поголеми пензии и платено породилно отсуство. Благодарение на новото истражување, доказите кои покриваат цел век покажуваат колку била значајна улогата на синдикатите како отпор кон моќта на компаниите. Тие ги зголемуваат приходите на најниските работници и остро ја зголемуваат еднаквоста. Но, одлуката на Врховниот суд ќе го ограничи капацитетот на синдикатите да се борат за работниците. Судот одлучи дека синдикатите веќе не можат да „собираат членарина“ од оние владини службеници кои треба да ги претставуваат, а кои одбрале да не бидат во синдикат. Оваа членарина во минатото помогнала за да се платат преговори за договори, како и да се спречи проблемот кога само неколкмумина плаќаат за бенефитите кои ги уживаат сите.

Приходите во САД сега не се толку нееднакви како што биле во 20-тите. Сепак, јазот помеѓу богатите и сиромашнитеќе продолжи да се продлабочува ако синдикатите и натаму слабеат.

Автор: Сузан Динарски

Извор: https://www.nytimes.com/2018/07/06/business/labor-unions-income-inequality.html

| 2018-08-01T12:52:59+00:00 1 август 2018|Актуелно, Вести, Свет, Став|