Невработеноста – никогаш пониска?

Токму тоа кажува стапката на невработеност што ја утврди Заводот за статистика за последниот квартал од 2020 година. Таа изнесува 16,1% и претставува најниско ниво на утврдена стапка на невработеност од страна на Заводот за статистика во Македонија уште од раните 1990-ти! Да биде изненадувањето уште поголемо, сето ова се случува во услови на пандемија и економска рецесија!

Како е тоа можно? Да бидат работите уште позамрсени, во 2020 година се намали не само стапката на невработеност, туку и стапката на вработеност. Како пак тоа? Нели ако се намалува невработеноста значи дека се зголемува вработеноста?

Завод за статистика: Aктивно население и стапки на активност 2019/IV – 2020/IV

Како што се гледа од табелата, од четвртиот квартал на 2019 до четвртиот квартал на 2020 бројот на невработени се намали на 161 на 152 илјади, а стапката на невработени се намали од 16,6 на 16,1%. Истовремено, се намали и бројот на вработени (од 807 на 790 илјади), а се намали и стапката на вработеност (од 47,9 на 46,8%).

Бројот на невработени лица не се намали бидејќи тие лица се вработиле. Причината зошто се намали и бројот на невработени и бројот на вработени е што се намали бројот на активно население. Тој број бележи пад од 969 на 941 илјади. Или, поинаку кажано, поради тоа што одреден број вработени и невработени лица престанале да бидат дел од работната сила (да вршат или да бараат работа), намалена е истовремено и вработеноста и невработеноста.

На што се должи овој пад на активното население? Од табелата гледаме дека бројот на работоспособното население останал ист. Според методологијата на Заводот за статистика, работоспособното население го сочинуваат сите лица на возраст од 15 до 79 години. Без разлика дали учат, студираат или се пензионери. Активното население, пак, го сочинуваат само вработените и невработените, односно само оној дел од работоспособното население што врши работа или што бара работа. Ако бројот на работоспособното население е ист, а се намалува бројот на активно население, тогаш тоа може да значи дека одреден број вработени и невработени лица заминал во пензија или дека, на пример, одреден број вработени и невработени лица решил да престане да работи или да бара работа и да студира, без при тоа да работи нешто „на страна“.

Значи, која е причината за намалувањето на бројот на невработени? Тоа не се должи на зголемувањето на вработувањето. Тоа се должи на тоа што одреден број невработени и вработени лица најверојатно заминале во пензија без притоа да бидат заменети со други лица на работните места.

Дека бројките за невработеноста на Заводот за статистика не даваат никаква причина за задоволство, покажуваат бројките за евидентирани невработени лица на Агенцијата за вработување.

Споредбата помеѓу податоците за бројот на невработени лица на Агенцијата за вработување и Заводот за статистика ни кажуваат две работи.

Додека податоците на Заводот за статистика покажуваат дека од четвртиот квартал на 2019 до четвртиот квартал на 2020 се намалила невработеноста за речиси 10 илјади лица, податоците на Агенцијата за вработување за истиот период даваат сосема поинаква слика: значително зголемување на бројот на невработени лица, за повеќе од 50 илјади лица.

Второ, оваа споредба ни покажува дека бројот на невработени според Заводот за статистика е значително понизок од тој на Агенцијата за вработување. При тоа, разликата во тие бројки во четвртиот квартал на 2020 стана исклучително висока. Преку 90 илјади помалку невработени лица утврди дека има Заводот за статистика во споредба со Агенцијата за вработување за истиот период.

Се разбира, причината зошто бројот на невработени на овие две институции е различен се должи на нивните различни методологии. Според Заводот за статистика (а согласно методологијата на ИЛО и ЕУРОСТАТ), ако одредено анкетирано лице за време на извештајната недела работело за пари (во готово или во натура) или профит 1 час, тогаш Заводот за статистика него го сметало за вработено лице. Со други зборови, ова лице може да е надвор од работен однос 3, 4, 5 години, но ако цепело дрва 3 часа во неделата кога се правела анкетата на Заводот за статистика и ако тие 1.000 денари биле неговиот единствен приход во тој месец, тогаш согласно методологијата на ДЗС, ИЛО и ЕУРОСТАТ, тоа лице ќе се смета за – верувале или не – вработено. Доста симпатичен начин како статистички да се намалува бројот на невработени лица и да се зголемува бројот на невработени лица.

Она што може да се заклучи од сето ова е дека и покрај тоа што бројот на невработени лица на Заводот за статистика за четвртиот квартал покажува намалување, тоа воопшто не индицира некој позитивен развој на настаните. Намалувањето на невработеноста се должи на зголемувањето на бројот на неактивни работоспособни лица, а не на бројот на вработените. Исто така, податоците на Агенцијата за вработување за истиот период алармираат дека далеку од тоа дека се намалила невработеноста. Напротив, таа се зголемила.

Здравко Савески

|2021-03-07T09:54:17+00:007 март 2021|Актуелно, Вести, Економија, Став|