НАТО забавите и „автентичните“ вредности

Дебатата за парите за уметниците е доста интересна. Има два смера. Првиот смер е оној морализаторскиот на кој паразитира наивната граѓанска логика. Парите можеа да одат на лекување на луѓе болни од малигни или какви и да се болести, односно луѓе коишто немаат средства да си ги подмират трошоците. Секако, ова е една од полесните логички изведенки, со која манипулираат сите опозициски партии, особено власта кога беше во опозиција долги години го употребуваше овој квази-аргумент.

Лесно побивлив, секако. За овој аргумент не требаше дури ниту голема контраофанзива од страна на власта и нејзините лингури, да маркираат вистински недостатоци на аргументот за парите кои можат да се наменат за болните. Едноставно, парите за култура се за култура, што таа кутура промовира е друга работа и веројатно најважното прашање.

Тоа значи дека не можеме ние да ги пренаменуваме постојано парите за култура во доменот на здравството. Тука сите ние треба да протуркаме многу камења по капиталистичките стрмнини, да се престане со приватизација на здраството, туку да стане јавно, да биде достапно за сите. Не само за онаа мала група луѓе привилегирани и богати. Особено загрижуваат тенденциите на владата да ги приватизира некои подрачја на јавното здравство (Пет центар, брза помош итн.).

Другиот аргумент, којшто го туркаат особено идеолошките левичари (оние кои се залагаат за изградба на социјалистичко општество) е дека промоцијата на вредности коишто се инкапсулирани во една милитаристичка морфологија се проблематични, па макар биле платени од јавен и приватен џеб. Особено е проблем јавниот, секако, за јавното се бориме ние сите, со години.

Не е проблем трошењето на парите. Пари се трошат и ќе се трошат. Проблем е на што се трошат парите. Парите се трошат на промоција на државата и општеството дека ќе стане дел од НАТО. Без разлика дали станува збор за референдумска кампања со државни пари – што не е дозволиво, или за НАТО кампања генерално, овој чекор е доста скандалозен и проблематичен.

Доколку земеме предвид дека државата, поради трамповите барања, како дел од НАТО, ќе плаќа 4% од БДП за воена заштита, токму тие пари лесно можат навистина да се пренаменат во здравство, во образование, во наука пред се’. Од тие пари нема да видиме ниту пепел, се ќе отиде во чаури и  во барут. Секако и по некоја униформа.  Е за ова треба да се зборува.

Друго, иритира особено активизмот на слободоумните, коишто не пропуштаа можност во минатото да критикуваат дека јавни пари можат наместо за Сузана Гавазова и Орце Стефковски, да отидат во буџетот на болните од најразлични видови болести. „Освестеното“ граѓанство некако некритички го артикулира „внесувањето“ на државава во НАТО. Особено ако се земе предвид дека голем дел од нив, беа и обучувачи по семинарите и школите за т.н. „критичко мислење“ во време кога ВМРО-ДПМНЕ беа на власт. Ама на лицемерието се навикнавме, не е проблем, нека тера, free of charge.

Зошто НАТО е опасно, особено од позиција на прогресивни концепти и категории коишто пркосат на т.н. Постојно?

Настрана сите бројки и проценти за тоа колку невини жртви настрадале од НАТО особено на Блискиот исток – жал ми е за редукционистичката и модернистичка логика која ќе ја презентирам со целесообразна структура, меѓутоа сметам дека е изоставено од аргументите на голем дел општествени протагонисти – НАТО е еден од причините зошто левата политичка позиција е изабена почнувајќи од арапската пролет па се’ до денес.

Во 2011 и во 2012 година, левицата во Европа имаше потенцијал на раст и на преврат преку либерално-демократските методи, за кои може да се спори, ама за тоа некој нареден пат. После финансиската криза од 2008 и критиките кон капиталистичкиот поредок, особено во Европа, пред се’ Грција и Шпанија, левицата влезе во процес на рекуперирање. Стануваше се’ по релевантна и моќта на аргументите и на мобилизацијата натежнуваа на нејзина страна.

Арапската пролет како надеж за голема револуција, на просторите на Левантот, заврши со своевидно фијаско. Фијаско коешто се надополни и заокружи со интервенции на западните сили, односно НАТО трупите и лепезата  на локални екстремни струи кои продавајќи им нафта и локални ресурси на западните држави, стануваа доста моќни во воените и политички дејства во регионот. На крај резултатот на целата операција која беше составена од неколку фази е бомбардирани држави, руинирани општества и домови, мигрантски бранови од Блискиот исток и Северна Африка кон Европа.

Мигрантската криза на своевиден начин ја поплави европската заспана буржоазија и т.н. средна класа. За жал, левичарската мантра за политички поефикасна економија и поголема распределна на богатството не го направи потребниот reality check.

Се враќаме, се отрезнуваме, гледаме наоколу пораст на национализмот и расизмот, нови alt-right движења и политички партии кои се дел од парламентарните и владините состави во западноевропските држави, на крај една истисната левица која е обвинувана за неинвентивност и безидејност.

Иако оваа анализа е доста симплифицирана, кратка и површна, се обидува да калибрира логика којашто сепак може да значи нешто друго, од она постојното. Иако во време на бура на анализи и колумни, истата е сосема оправдана, па макар и доколку во неа можат да се најдат доста недоследности и недоуменија.

Како човек, лично, јасно ми е дека НАТО е неизбежен реалитет во кој нема да влеземе, туку ќе не внесат, односно УПИКААТ. Меѓутоа, треба да ни’ е јасно дека можеме барем малку, концепциски и „алтернативно“ да го отчитуваме светот во кој живееме.

| 2018-07-16T15:31:45+00:00 16 јули 2018|Актуелно, Став|