Наместо да ги руши дивоградбите на Ленинова, Жерновски удри по продавачите на цвеќе и чаеви

Во најновата лавина од критики на социјалните мрежи граѓаните се огорчени од нечовечкиот однос на општината Центар кон таканаречените диви продавачи, најчесто постари граѓани од скопските приградски населби и села коишто на импровизирани тезги продаваат цвеќе, чаеви и овошје во околината на градските пазари. Градоначалникот Андреј Жерновски во статус објавен на фејбук ја извести јавноста дека општината Центар заедно со надлежните служби започнале акција за дислокација на пазарџиите околу пазарите Буњаковец и Зелен пазар. Во својот статус градоначалникот ги обвинува пазарџиите за губрето околу пазарите и констатира дека се закана за бебедноста на граѓаните поради тоа што

„некои од нив остануваат да спијат во влезовите од околните згради или на тревниците.”

Во многуте коментари граѓаните го потсетуваат градоначалникот наместо да ги брка сограѓаните кои во услови на крајна сиромаштија се принудени да продаваат околу пазарите, да почне да ја подобрува безбедноста на граѓаните во општината со отстранување на возилата од тротоарите. Имено, во голем дел од општина Центар граѓаните се приморани да се движат по улиците наместо запоседнатите тротоари. На неколку локации како што е поранешна Ленинова, сопствениците пак на угостителски објекти ги прошируваат своите локали на тротоарите и градат дивоградби на простор којшто е наменет за пешаци.

Сомнителни бизнис релации со фирми коишто го градат Скопје 2014

Жерновски веќе 2 години не се одзива на протестите на граѓанската група Во Одбрана на Дебар Маало којашто се спротистави на Деталниот урбанистички план во кој има многу недоследности: изградба на хотели во слепи улички, пробивање на нови собраќајници во населбата, изградба на висококатници, како и создавање на услови за комплетна дислокација на пазарчето Буњаковец. Жерновски го презеде кормилото на општина Центар по катастрофалното градоначалствување на Тодоровиќ, сопственикот на Тинекс и пуленот на поранешниот премиер Никола Груевски. За време на владеењето на Владимир Тодоровиќ и Никола Груевски, општина Центар загуби неколку паркови, исечени беа стотици дрвја и се изградија деловни и станбени објекти врз јавни површини. Жерновски ги доби гласовите на мнозинството разочарани жители на општина, но тоа не го спречи да соработува и понатаму со сомнителни фирми какo БАУЕР БГ кои учествуваа во изградбата на Скопје 2014. Имено, општината Центар неодамна извршила пренамена на парцелата во сопственост на БАУЕР БГ во градскиот парк според која беше предвидена катна гаража од 29м. За направената пренамена отсуствуваше објава и расправа, задолжителна во случај на дополнителни промени на парцели од јавен интерес.

Како до општина што ќе работи во интересот на граѓаните

Во изминативе две децение локалните избори се покажаа како едно неуспешно средство за создавање на градски и општински власти коишто ќе работат за интересот на жителите. Гледајќи го ова граѓаните се почесто се организираат во неформални здруженија кои активно се вклучуваат во полемика со градските и општински власти и со негодување реагираат на одредени одлуки кои не се од интерес на жителите. Се поставува прашањето дали е можно преку овие здруженија граѓаните дирекно да се вклучат во управувањето на општината со што би се намалило значењето на локалните избори чијшто исход најчесто е диктиран од бизнис интересите на неколкумина.

|2017-07-13T16:16:17+00:0013 јули 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|