Начини на кои може да се вклучите во борбата против рудниците на смртта

Организациите кои се борат против рудниците на смртта ни испратија неколку предлози на кои сите ние со мали напори можеме да пружиме поддршка на борбата чиј резултат ја засега цела Македонија. Предлозите се следни:
Испраќање допис до МЖСПП со забелешки на Барањето на инвеститорот за А1 интегрирана еколошка дозвола:
Помош околу стопирање на рудникот Казандол е потребна со ангажирање до министерството за животна средина да се поднесат илјадници и илјадници забелешки на барањето за А1 интегрирана еколошка дозвола (последната дозвола која му е потребна на инвеститорот) која Сардич МЦ ја поднел на 01.02.2018. Рок за писмени забелешки е 02.03.2018. Само писмените забелешки министерството мора да ги разгледа и да даде мислење за секоја поединечно. Оваа е важен дел во кој може да ја искористиме бирократијата во наша полза и поднесеме безброј забелешки.
Ова е линкот каде може да го видите барањето http://www.moepp.gov.mk/?page_ id=944 (под линкот “Казандол”), има 600 стр. Отворете го последниот документ, тој е комплет. Сè што можете прашувајте во писмена форма. Секое прашање ќе мора да добие писмен одговор. Ако поставиме 10.000 прашања, ќе мора да има 10.000 одговора. Прашувајте за секоја работа, без лимит.
 
* Испраќање допис до МЖСПП со Барање да се организира јавна расправа по повод барањето на инвеститорот на последната дозвола:
Друго што може да се направи е да се бара од МЖСПП да организира јавна расправа околу барањето на инвеститорот за оваа А1 дозвола која исто така се надеваме дека ќе ни купи време. Го прикачувам ова драфт барање (03_Барање до МЖСПП) кое може да го искористите и пополните со ваши информации.
Контактирање на членови на Комисијата за економски прашања за барање поддршка за измените на законот за минерални суровини:
Околу концепт при контактирањето на членовите од Комисијата за екон. прашања, прикачен е дописот (01_Допис до…) кој беше испратен минатата недела до претседателот на комисијата. Може да послужи како концепт до која треба да се држиме при контактот со останатите членови. 
Многу е важен притисокот кој ќе го покажеме со самото тоа што ќе се оди да се разговара со нив. 
Процедурата околу закажувањето средба е:
1) да се јавите на собранискиот тел. 02 3112 255 од каде што ќе побарате да ве насочат до Комисијата за екон. прашања и овде, со ваше име и презиме, закажете средба за понеделник (19.02) или вторник (20.02) (најдоцна среда – 21.02) со конкретен член на Комисијата, и инсистирате да се видите со нив овие три дена помеѓу 14 и 15 часот (тогаш им е паузата и секако можат, односно мораат да ве примат).
ИЛИ, 
2) да пополните, испечатите и поднесете барање за средба (може да го видете подоле) во архива, каде ќе ви дадат архивско бројче.
Комисијата за екон. прашања треба да заседава и донесе “предлог заклучоци” во текот на наредната недела, но наводно нема да биде пред среда, затоа е добро средбите да бидат закажани секој ден од пон-вто-среда.

До
Г-дин/ Г-а
Пратеник во Собранието на Р.М.

БАРАЊЕ ЗА СРЕДБА

Почитуван г-дин, г-а ___________________

Ве контактирам бидејќи би сакал да закажам работна средба со Вас. На средбата би разговарале
за мојата подршка за измените во законот за минерални суровини како и за размена на
информации и ставови за планираното отворање на нови рудници на територијата на Р.М.
Се надевам дека ќе бидете отворени да дискутираме на овие важни теми.

Со почит,
(име и презиме, звање или титула и потпис)

Пример за барање за јавна расправа:

До
Министерство за животна средина и просторно планирање
– Сектор за комуникации со јавност
– Одделение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето
Бул. Гоце Делчев бр.18
1000 Скопје

Предмет: Барање за организирање на јавна расправа во врска со барањето за издавање на А – интегрирана еколошка дозвола за Рударски комплекс „Казандол“

Почитувани,

Здружението на граѓани ХХХХХ од ХХХХХ бара:

          Согласно член 103 став 4 од Законот за животна средина (Службен весник на РМ бр. 53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14, 44/15, 129/15, 192/15, 39/16) и член 8 став 1 од Правилник за постапката за добивање на А – интегрирана еколошка дозвола (Службен весник на РМ бр. 4/06), да се организира најмалку една јавна расправа во врска со барањето за издавање на А – интегрирана еколошка дозвола за Рударскиот комплекс „Казандол“.

          Согласно должноста од член 99 став 1 од Законот за животна средина (Службен весник на РМ бр. 53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14, 44/15, 129/15, 192/15, 39/16) и член 6 став 1 и 2 од Правилник за постапката за добивање на А – интегрирана еколошка дозвола (Службен весник на РМ бр. 4/06), да ни се достави доказ за објава на барањето за издавање на А – интегрирана еколошка дозвола за Рударскиот комплекс „Казандол“ во најмалку еден дневен весник достапен на целата територијата на Република Македонија и интернет страница на МЖСПП.

ПОТПИС и ДАТА

| 2018-02-17T10:35:37+00:00 17 февруари 2018|Некатегоризирано|