На светскиот ден на мирот, во Скопје ќе се маршира мирно за чист воздух

СКОПЈЕ, 20. 09. 2017 – Утре, на 21 септември, во 17 часот, ќе се одржи мировен марш за чист воздух. Маршот е организиран од страна на О2 коалицијата за чист воздух,  Првата детска амбасада во светот – Меѓаши и Скопје смог аларам, а ќе започне пред Владата на Република Македонија и ќе се заврши во Карпош 3.

Со слоганот „Сите сакаме развој, но не по цена на нашето здравје и на нашите животи!“ во Скопје ќе се одбележува светскиот ден на мирот. Неколку неформални и формални здруженија утре ќе протестираат низ улиците на Скопје укажувајќи на фактот дека правото на здравата животна средина на граѓанинот иако му е загарантирана со Устав, граѓанинот не го ужива.

Високата стапка на загаденост, големиот број на заболени лица кои завршуваат фатално по човечкиот живот и кои се директно предизвикани од загадениот воздух се аларм за граѓаните, сметаат од иницијативата. Причините за загадувањето се најразлични. Од противзаконско работење на индустриските погони кои без инсталација на содветни филтри и пропишани стандарди функционираат, непланското уништување на урбаното зеленило, урбанизацијата којашто пред се е незаконска, но и агресивна во методите на спроведување,  неспособноста за управување со отпадот, застарените решенија на транспорт, греењето итн. Како сеопшт именител го денотираат неспроведувањето на законите на Република Македонија, истакнуваат од иницијативата на фејсбук настанот.

Маршот ќе започне во 17.00 часот пред Владата на Република Македонија каде јавно ќе се истакнат барањата на иницијаторите заедно со 12 други организации и иницијативи ги доставија до Министерството за животна средина и простоно планирање на Република Македонија на 11 септември оваа година. Потем, ќе имаат обраќање неколкумина активисти, со што во 17.30 часот ќе се упатат до Карпош 3, каде ќе се оддаде поддршка на Граѓанските иницијативи „Ние сме Карпош 4“, „Стоп на загадувањето“, „Воздух сега“ итн., кои ќе достават петиција и барања до Општина Карпош за зачувувањето на зелениот појас долж реката Вардар.

Во Република Македонија, состојбата со животната средина последниве години е доста загрижувачка. Појавата на најразлични иницијативи во главниот град, но пред се во внатрешноста на Македонија, е аларм дека правото на животна средина е доста нарушено. Последниве неколку години мултинационални компании инвестираа во рудници во источна Македонија, што беше и причина за појавата на иницијативи кои завршија и со локални референдуми.

Додека од друга страна, градовите Битола, Тетово и Скопје се соочуваат со енормна загаденост на воздухот поради различните фабрики кои се наоѓаат во градското подрачје или во близина на градовите. Во Битола, термоцентралата РЕК-Битола се смета како еден од главните извори на загадувањето на воздухот, кој предизвикува катастрофални последици по здравјето на Битолчани. Не се ништо помалку ризични и загрозени градовите Тетово и Скопје. Особено во ладните периоди кога домаќинствата се греат на дрва, додека државата не успева во никој случај да се справи со овие феномени коишто треба да подлежат на регулација, особено на инвеститорите коишто еколошките стандарди ги поставуваат на второ место, додека на прво место им е профитот.

|2017-09-20T16:42:49+00:0020 септември 2017|Актуелно, Вести|