Масакрот на 59те палестинци, вообичаена пракса на израелско-американските апетити

ПАЛЕСТИНА/Ерусалим, 15.05.2018 – На вчерашниот палестински протест против отворање на амбасадата на САД во Ерусалим, израелските снајперисти ладнокрвно убија 59 палестинци, меѓу кои и едно бебе што починало од вдишување солзавец, а над 2.700 луѓе се повредени од боева муниција, солзавец и други средства што ги користи израелската војска, соопштија локални извори од Палестина.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, очекувано цела вина ја префрли на според него терористичка организација Хамас.

„Терористичката организација Хамас ја демонстрира својата намера да го уништи Израел и испраќа илјадници луѓе да ја урнат граничната ограда за да ја постигнат оваа цел. Ќе продолжиме да дејствуваме одлучни да го заштитиме нашиот суверенитет и нашите граѓани”, изјави премиерот Нетанјаху.

Претседателот на палестинската власт Махмуд Абас објави тридневна жалост, потенцирајќи дека „масакрот против палестинскиот народ продолжува”.

Масакрот на палестинскиот протест против амбасадата на САД во Ерусалим, помина со мешани реакции низ светот. Јужна Африка го осуди израелскиот масакр и го отповика својот амбасадор во Израел, додека шефот за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и Велика Британија, повикаа на воздржаност.

Низ медиумите а и во низа на реакциите на земјите можеше да се забележи хипокритична ангажираност да се задржи балансираноста во коментарите за масакрот што се случи вчера. Додека засрамено се осудуваше одлуката да се премести амбасадата во Ерусалим, медиумите и дел од сојузниците на Америка се’ уште гледаат на Хамас како константен провокатор и на палестинскиот народ вечно изманипулиран од Хамас. Се разбира дека ни Хамас не е константен провокатор, а не е ни можно десетици илјадници луѓе во Палестина да се манипулираат и да бидат топовско месо секојдневно, како што беше случајот вчера.

Во конфликот помеѓу Израел и Палестина отсекогаш имало огромен дисбаланс на моќта, очигледна несиметричност помеѓу снајпери и камења. Чатали и најсофистицирано оружје. Расистичката и предаторска логика на Израел и Америка е фундаментална нишка во продолжување на колонизаторскиот процес проследен со апартхејд и воени злостори. Со барање на одговороност за воените злостори треба да се означат настаните што се случуваа во последниот период. Се’ друго е ставање на превез врз долгодишниот терор што му се случува на народот во Палестина.

Израелскиот суверенитет над Ерусалим  и неговата анексија секогаш ќе биде добра причина палестинскиот народ да се бори и да повикува на солидарност. Палестинскиот народ е тој што со децении систематски е уништуван и бркан од својата земја. Трамп со признавањето на Ерусалим како главен град на Израел само ја извади на површина долгогодишната крвава поддршка кон Израел. Поддршка која во најмала рака значи дека САД се соучесници во воени злосторства. Така и треба да се третираат.

|2018-05-15T11:32:41+00:0015 мај 2018|Актуелно, Вести, Свет|