Утре во Скопје марш за сеќавање на загинатите роми во Втората светска војна и осуда за настаните во Украина и во Италија

СКОПЈЕ, 02. 08. 2018 – Утре со почеток во 9.30 часот на булеварот ВМРО, ќе се маршира за сеќавање на загинатите жртви роми од Втората светска војна. Исто така, ќе се упати и загрижувачка и осудувачка нота до состојбите со ромската популација во Украина и во Италија, кадешто последниве неколку месеци ромите се предмет на репресија од страна на доминантното население на тие држави и од страна на политичките елити.

„Дојди и покажи почит на овој настан што означува почит кон поцрнетиот геноцид“, стои на фејсбук поканата на маршот по повод сеќавањето на загинатите жртви Роми за време на Втората светска војна.

Меѓутоа, маршот не се однесува само на настаните и злосторствата врз ромите за време на Втората светска војна, туку и на оние кои се случуваат низ Европа и денес.

Настаните во Украина и во Италија се достатен аларм за тоа дека репресијата врз ромите продолжува со сличен интензитет како тој пред седумдесетина години. Последниве неколку месеци во овие две држави се повампируваат екстремните идеи на едно време за коешто целокупното светско население сметаше дека е заборавено и исфрлено во буништето на историјата. Имено, неонацистички групи во Украина брутално се однесуваат кон припадниците на ромската етничка заедница, убивајќи четворица граѓани роми во Украина.

Во Италија пак долги години се гае анти-ромскиот дух. Ваквиот анти-ромски дух сега е засилен со изјавите од страна на италијанските власти за протерување на ромите, коишто не се граѓани на Италија, а во насока на тоа да направат етнички попис на сите роми во Италија.

Во минатото ромите во овие две држави па и насекаде низ Европа и светот, беа предмет на изживување од страна на сите останати етнички заедници коишто поседуваат дури и еден промил поугоден и попривилегиран статус во општеството. Овој марш е повик за поголема солидарност и за поголема демократија.

Маршот ќе се одржи утре, на 3 август во 9.30 часот на булеварот ВМРО, кај главната пошта.

|2018-08-02T07:55:42+00:001 август 2018|Актуелно, Вести, Свет|