Македонија – поле за јазични војни меѓу народите

Балканските народи се особено сензитивни и агресивни кога е во прашање националното прашање, а оттаму особено кога е во прашање употребата на јазиците. На територијата на Македонија, јазичните војни се одвиваат 250 години наназад.

Прв судир: Употреба на јазиците во богослужбата.

Она што беше идентитет на балканските народи во 19-тиот век, тоа беше религијата, и припадноста кон црквата.  Националниот идентитет се градеше врз база црковната припадност. Кралството Грција, Кралството Србија, Царството Бугарија, преку своите цркви, се бореа за духовно и матерјално завладување со преостанатиот простор на Балканот, кој до балканските војни (1912 – 1913) го држеше Осмалиската империја, а во чија средина се наоѓаше Македонија.

По укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, стотици илјади македонски словени, потпадна под јурисдикција на Цариградската патријаршија т.е грчкото свештенство, што само по себе значеше враќање на историските процеси. Македонските словени, богослужбата, како неизбежен составен дел од нивниот иденитет и секојдневие,  ја слушаа со декади и декади на неразбирлив грчки јазик. Враќањето на разбирливиот старословенскиот јазик во богослужбата беше најавено со концесијата за бугарската егзархија, издејствувана преку влијанието на Руската империја, после победата во Руско – турската војна 1877-1878. Големата порта издаде дозвола Бугарската егзархија да ги отргне македонските словени од грчка јурисдикција. Неспорно е дека Бугарската егзархија, сакаше од Македонските словени да направи Бугари. Во судирот со Цариградската (Грчка) патријаршија, Бугарската егзархија го добиваше двобојот, најмногу поради блискоста на дијалектите на словенското население во Македонија и Бугарија. Речиси целото словенско население во Македонија премина на страната на Бугарската егзархија. Теренот за обработка беше поставен, пропагандата на соседна Бугарија започна во периодот на првите борби на македонските словени за ослободување од османлиска власт. Затоа и ден денес, македонската историографија има проблем со одредени историски личности кои јасно се декларирани за Бугари.
Од соседните земји, Српската Патријаршија настапи последна во Македонија, и тоа во Вардарскиот дел. Пеќката патријаршија, неспорно е дека од македонските словени сакаше да направи Срби.
Целосното духовно завладување со Македонците од страна на соседните држави преку јазикот на богослужбата, беше прекинато со народна револуција, чиј резултат беше видлив во 1944 година, кога Македонците, добија право на своја држава и право на негување и институционално развивање на својот посебен јазик, македонскиот јазик.

Втор судир: Уставно гарантирање на употребата на јазиците

Современата македонска држава започна да ја градат комунистите- решени да раскрстат со ретроградното минато кога највисок закон беше волјата на дворецот на малите балкански императори или волјата на црковните старешини. Тоа беа центрите кои ги закрвуваа меѓусебе народите кои живеат во Македонија. Да се сврти нов лист, уставно да се гарантира соживотот и заедничкиот напредок, беше задача на народни пратеници на Антифашистичкото собрание на народните одбори на Македонија, кога се донесоа основачките документи на заедничката држава.

Браќа Албанци, Турци и Власи! Поробувачите на Македонија од везден сакале да не разделат и скарат за полесно да ја владат нашата татковина и да ги грабат нашите народи. Тешкото минато ни покажа оти интересите на нашите народи са исти, а нивната судба заедничка. Во овие решителни моменти сите ние изградуваме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Вашите синови учествуваат во македонската војска и земат веќе командни места. Вашите првоборци учествуваат како пратеници – народни претставители во Народното Собрание. Првото македонско Народно Собрание прокламира слобода и равноправност на сите народности во Македонија. Учествувајте равноправно во изградувањето на слободна Македонија – слободна татковина на сите народности!

(Манифест на АСНОМ, 2 Август 1944 година).

Употребата на мајчиниот јазик е уставно загарантирана и унапредувана низ правосудниот  и образовниот систем.
На секого му е загарантирано правото во постапката пред судот или пред другите државни органи, организациите и заедниците што во вршењето на јавни овластувања решаваат за правата и обврските на работните луѓе да го употребува својот јазик и во таа постапка да се запознава со фактите на својот јазик.

(Чл. 74 од Уставот на СФРЈ од 1974 година)

Но ретроградните сили во Македонија се вратија со рестраврацијата на капитализмот преку транзицијата. Атмосферата на Балканот беше како од 19-тиот век. Големосрпскиот, големохрватскиот национализам беснееше, а големо-албанскиот национализам допрва се спремаше да настапи на сцена. Македонските политичари наместо да му се спротистават со одбрана на придобивките на заедничката држава градена од АСНОМ навака, тие се послужија со македонскиот национализам.

Со Уставот на Р. Македонија од 1991 година, отпадна содржината од членот 74 на Уставот на СФРЈ од 1974. Различните народи од македонскиот го загубија правото на употреба на мајчиниот јазик пред инстутуциите и судовите во оној обем кој им го гарантираше бившата федерација. Албанците, како најбројна немнозинска заедница, почуствуваа дека новата држава не им е наклонета. СДСМ преку нивниот кадар, Љубомир Фрчковски, еден од авторите на Уставот, ја подотворија вратата на големоалбанскиот национализам, и со реакцијата на полицијата за време на гостиварските настани. Од друга страна, ВМРО – ДПМНЕ, во пресрет на парламентарните избори 1988 година, долеваше масло во огнот преку злоупотреба на студентите и средношкоците.

Согласно член 48 став 4 од Уставот, припадниците на националностите имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на јазикот на националноста се изучува и македонскиот јазик. Од овој член, произлегуваше правото на припадниците на националностите на настава на својот јазик во основното и средното образование. Даденото право на образование на мајчин јазик на припадниците на националностите претпоставува и обврска за државата да создаде услови за образование на наставнички кадар. Оттука и потребата студентите од националностите, наставата да ја следат на својот мајчин јазик, а со цел да се постигне поголемо ниво на стручност и компетентност што ќе им овозможи подоцна квалитетно и стручно како наставници. Во таа насока, Предлог-законот за употреба на албанскиот јазик на Педагошката академија што го подготви министерката за образование, Софија Тодорова, предвидуваше студентите од албанска националност на академијата да посетуваат настава на својот мајчин јазик.

На 14 јануари 1997 година започнуваа протестите под мотото „За заштита на Уставот“. Весникот „Дневник“ пишуваше: „Најголем дел од времето, демонстрантите поминаа пред Собранието каде што ја извикуваа македонската азбука и ја пееја химната. Се слушнаа и скандирањата: ’За Шиптари гасни комори‘, ’Нека разберат клетите Шиптари, македонско име нема да загине‘, ’Софија Шиптарка‘“.Специјалниот известувач на ОН за човекови права, Елизабет Рен, вели дека е разочарана од нетолеранцијата покажана од македонските студенти во однос на барањата на нивните колеги- Албанци. Во тоа време, постоеше непризнат албански универзитет во Мала Речица. Масовни протести имаше и во Тетово. Во 90-тите доминираше ретроградниот македонски национализам, за војната/конфликтот од 2001 да го стави истиот во дефанзива пред ретроградниот албански национализам.

Битката за јазикот стануваше битка меѓу Македонците и Албанците. Охридскиот договор, кој требаше да стави крај на војната/конфликтот од 2001 година, само го продлабочи јазот и нетрпеливоста во најсиромашната држава во Европа.

На кого му одговара денешниот раст на двата ретроградни национализми?

Следи втор дел, анализа за периодот 2001 – 2018 …

 

Автор: Зоран Василески

| 2018-03-23T10:15:36+00:00 23 март 2018|Актуелно, Став|